Македонија
(Видео) Лефков: Поминаа два месеци откако ја обелоденивме „Броило“, институциите молчат
„Поминаа 2 месеци откако ја отворивме аферата Броило, а одговор од институциите нема. Премиерот Димитар Ковачевски беше во средина на оваа афера преку која се свртени над 26 милиони евра од фирмите Пиксел груп, на која основач е самиот тој, КМГ ЕОЛ Квазар, основана од неговиот кум Горан Паунов и АЕ СОЛАР АД од Тетово.
Да потсетиме целиот овој картел почнува со доаѓањето на СДС на власт. Ковачевски и Паунов ја формираат Пиксел груп неколку месеци откако Зоран Заев ќе направи влада, и набргу потоа градат цела фабрика“ рече денеска на прес-конференција Миле Лефков, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој наведе дека „преку Пиксел груп тие во тој период од владата земаат 443.285 евра и уште 70 илјади евра преку Фондот за иновации. Во најголемиот дел од периодот кога државата и исплаќа пари на Пиксел груп, Ковачевски е заменик министер за финансии. Додека пак најголемата исплата од над 200 илјади евра се случува на 30 декември 2021 година, во време кога Ковачевски е мандатар за состав на нова влада“.
„Понатаму аферата „Броило“ се разгранува и преку КМГ ЕОЛ Квазар кои како фирма за изведување и други услуги добила тендери од државата во висина од околу 2 милиони евра за инсталирање на соларни панели, и тоа откако СДС е власт. Уште еден бизнис од над 2 милиони евра е и договор склучен помеѓу фирмата на кумот на Ковачевски и ЕВН за изградба соларни централи за ЕВН по принципот клуч на рака. 4 милиони евра само во договори со државни институции, претпријатија и фирми каде државата има интерес за фирмите околу Ковачевски, и тоа во време додека истиот е на функција“ вели Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.
Македонија
Слаб снег провејува на Попова Шапка, сообраќајот на државните патишта се одвива непречено
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози. Слаб снег провејува на Попова Шапка кој во моментов не се здржува на коловозот, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Повеќе информации може да прочитате на овој линк.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно време со дожд и ветер, на планините снег – МЕТЕО за следните денови
Времето утре ќе биде променливо облачно. Во западните делови ќе има повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини од снег. Ќе дува умерен, наместа повремено засилен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -8 до 1, а максималната ќе достигне од 6 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно. Во делови од котлината ќе има повремен слаб дожд. Ќе дува умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе се спушти до -4, а максималната ќе достигне до 8 степени, јавува УХМР.
Под влијание на циклонска активност во следните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд. Ќе дува умерен до засилен ветер од јужен правец, а температурата ќе биде во пораст.

