Македонија
(Видео) Лефков: Понудата на СДСМ на овие избори е стари и компромитирани кадри кои не го исполнија ветеното
Вчера СДСМ како кандидати за градоначалници извади стари и истрошени кадри за спас на криминалот. Нема нови лица, нема изненадувања, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков.
„СДСМ влегува во фаза каде им е јасно дека ќе загубат. И никој сериозен не им се нафаќа да биде кандидат. СДСМ вчера за втор мандат го предложи најнеспособниот градоначалник кој Скопје некогаш го имало, СДСМ оди со Петре Шилегов, кој изминативе четири години покажа само лаги, кич и парадерство, тој нема ништо направено.
Шилегов ја продаде градската куќа и никој не знае каде завршија 12 милиони евра од продажбата, потроши 1.5 милиони евра за неквалитетни бекатон плочки коишто пукаат уште непуштени во употреба, за една година цените на паркингот ги зголемени за 100%.
Шилегов вети и не реализира тунел под Кале, продолжување на булевар Илинден со мост преку Вардар кон Ѓорче Петров и реконструкција на Универзална.
Заев во Кисела Вода го предлага Филип Темелковски, кој тргна во насилна бетонизација на населбата Расадник, а во исто време една уличка, тротоар или канализациска линија нема направено.
Стари кадри се сите останати кандидати за градоначалници. Велимир Смилески во Бутел вети и не реализира нова поликлиника, бутелчани се лечат во руинирани бараки, а го нема најавениот противпожарен пункт, нема ниту водовод во Љуботен, но затоа без проблем Смилески потроши 400.000 евра за партиски вработувања во ек на пандемија.
Сашко Николов во Штип е градоначалник, а неговите роднини од Баргала се однесуваат како градот да е нивен. Се исплаќаат плати и од по 200 денари, се отпуштаат вработени, народот буквално трпи за леб.
Заев како кандидат за Лозово го предлага Ацо Велковски, кој цела држава го виде како врши мобинг и дискриминација, но и го виде како зема плата како градоначалник, а половина година ја поминува во Германија.
Блаже Шапов од Богданци е уште еден функционер на Заев кој вработува само по партиски клуч, а нови проекти нема, затоа што не може ниту старите да ги одржува, па гледаме испукани улици, обраснати со трева тротоари и кеј. Иста е и ситуацијата со Живко Гошаревски, кандидат за градоначалник на Ресен, кој наместо да работи троши за забави со естрадни личности.
За кандидат за градоначалник за Охрид СДСМ го предлага стариот Константин Георгиевски, кој не може да се справи со урбаната мафија и кој нема ниту еден проект. Непотизам, матни тендери и неработа го одликуваат Томе Христовски, кој единствен квалитет има тоа што Заев го пречека во Крушево откако тој возеше мотор.
Како близок до мафијата на власт очигледно за градоначалник се квалификувал и Зоран Зимбаков, градоначалник на Босилово, кој легализираше плац со погон за производство на марихуана на луѓе блиски до Заеви“, истакна Лефков.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Скопјани бараат од Цементарница Усје да работи според еколошките стандарди
Еколошките активисти од иницијативата „Стоп за Усје“ и граѓани денеска протестираа поради загадувањето на воздухот и бараа од Цементарница „Усје “ да работи според еколошките стандарди зашто, порачаа тие – скопјани имаат право на здравје и живот.
Протестниот марш почна од Владата преку Собранието и заврши пред Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП) од кое побараа да одлучува според најдобрите еврпски стандарди кога на 12 март цементарницата ќе аплицира за обнова на А-интегрираната дозвола.
На протестот говореа граѓани кои живеат во близина на цементарницата, од населбите Лисиче и Кисела Вода, и побараа компетентност од надлежното Министерство кога ги одобрува дозволите на индустриските капацитети.
Драган Кавраков, дипломиран технолог кој живее во близина на цементарницата рече дека е директно засегнат, кажа дека според А-интегрираната дозвола што сега ја има „Усје“, може да произведува 1.750.000 тони цемент годишно и дека количеството гориво што ѝ е потребно за согорување е приближно двапати поголемо од количеството што сите возила во Скопје го трошат за една година.
-Во таа интегрирана дозвола нема напишано ниту еден ред за контрола на горивата што влегуваат во таа фабрика и се согоруваат. Дозволено им е да емитуваат 7.800 килограми сулфур диоксид на ден во атмосферата. Оваа количина на сулфур диоксид е хемиски еквивалент на речиси десет тони сулфуреста киселина дневно. Не знам кој им дозволил и се прашувам дали се компетентни да знаат што прават, но ним им е дозволено да согоруваат 35 илјади тони алтернативно гориво во кое е вклучена пластика, сечкани гуми и текстил. Дозволено им е да согоруваат петрококс од 160 илјади тони, 258 илјади тони лигнит, кој е најнеквалитетниот јаглен, 534 тони јаглен. И за ниту едно гориво нема дефиниран квалитет за влез во фабриката, рече Кавраков и повикувајќи го МЖСПП одговорно да пристапи кога донесува одлуки за дозволи.
Учесниците во протестот бараа од „Усје“ да биде општествено одговорна компанија и да дозволи 24-часовно јавно и независно мерење директно од оџаците на цементарницата зашто во спротивно, порачаа тие, се зголемува сомнежот кај граѓаните.
Македонија
Мицкоски со осуда за пресудата за новинарката Вејсели која споменала име на судија
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, најостро ја осуди пресудата со која новинарката Љиридона Вејсели е казнета поради спомнување на името на судија во новинарско известување, оценувајќи дека станува збор за недозволиво ограничување на слободата на говор и напад врз новинарската професија.
„Не можам да побарам од судијата одговорност, не сум тој што именува судии. Најостро ги осудувам ваквиот тип на ограничување на слободата на говорот. Новинарите треба етички да се однесуваат, да ја информираат јавноста и за тоа да служат, и било кој напад врз новинар, вклучително и овој, најостро го осудувам, без разлика дали е од политичар, јавна личност или судија“, изјави Мицкоски.
Претходно, Обвинителството ја гонело новинарката, а судијката Магдалена Мишоска од Основниот суд во Гостивар ја осудила Вејсели на парична казна од 700 евра за кривично дело „злоупотреба на лични податоци“. Пресудата е донесена затоа што во новинарско известување било спомнато името на судијата Назиф Илјази од Основниот суд во Тетово.
Македонија
Досега подигнати се над 45 илјади ваучери за електронски уреди за студенти
Премиерот Христијан Мицкоски денеска исткна дека се подигнати над 45 илјади ваучери од 15.300 денари за студентите на додипломски студии за набавка на електронски уред – лаптоп, таблет или персонален компјутер. Посочи дека искористеноста е околу 99 проценти.
За ваучер од 250 евра од ноември до декември можеа да аплицираат студенти до 29 години, кои имаат запишано семестар во учебната 2025/2026 на додипломски студии на државните или приватните факултети.
– Отприлика 45.000 – 45.600 ваучери се подигнати, а околу 99 проценти и повеќе се искористени. Околу 44.5 илјади се искористени. Како Влада изминативе 20-ина месеци сме ги регулирале сите односи со сите структури од општеството на кои Владата треба да им излезе во пресрет – на студентите им се покачени стипендиите, се реновираат студентските домови и ученичките домови, се обезбедуваат 15.300 денари за електронски уреди. Дали тоа е доволно? Не. Можеби треба повеќе, но толку можеме во моментов. Порано ни тоа не било. За сите, без да ограничиме дали се студенти на државни или на приватни универзитети. Пораснаа пензиите линеарно, сега во април 7 илјади денари, нешто што досега не било овозможено, рече Мицкоски по пуштањето во употреба на реконструираната гимназија „Кирил Пејчиновиќ“ во Општина Тетово.
Премиерот нагласи дека комуникацијата на Владата со сите целни групи е на високо ниво и досега, рече, немало толку голема испорака од ниту една Влада,
-Буквално со сите целни групи со кои Владата комуницира и со кои држи релација, навистина имаме односи кои никогаш порано не биле на толку високо ниво и немало толку голема испорака со ниту една Влада. Оваа Влада тоа го направи за само 20 месеци. Дали е доволно? Не. Треба повеќе? Треба. Се сложувам, секогаш треба повеќе. Но, дали е подобро од порано? Можам да кажам дека неколку пати е подобро, рече Мицкоски.

