Македонија
(Видео) Лефков: Филипче и Заев ги врзува „крвавиот тендер“ за реагенси од 2018 година тежок 35 милиони евра
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција рече дека „Венко Филипче и Зоран Заев ги врзува една силна врска, тоа се меракот за пари и коруптивни зделки“.
„Да потсетиме овие двајца браќа по криминал и корупција уште во 2018-тата година се врзаа во еден скандал, едниот како премиер, другиот како министер. Имено во 2018-тата година Филипче го спроведе скандалозниот тендер за централизирана набавка на апарати и реагенси за лабораториите за испитување на крв во Јавните здравствени установи низ цела Македонија. „Крвавиот тендер“ на Филипче тежок 35 милиони евра предвидуваше монопол во набавката на реагенси, а сето тоа ќе го добиеше компанија формирана неколку месеци пред тендерот.
Оваа компанија раководена од тотални анонимуси и без било какво претходно искуство за набавка или продажба на медицинска опрема, беше фаворизирана уште со самата тендерска документација.
За сериозноста, односно несериозноста на компанијата говори и фактот што истата беше управувана од човек по име Александар Јовановски – Жути, човек без било какво искуство во медицинската опрема, а во централниот регистар како адреса за контакт била наведена веќе легендарната zuti45@yahoo. Оваа адреса стана синоним за алаш вериш тендерите на Филипче.
Сите овие скандалозни факти не беа доволни Филипче да не го додели овој огромен тендер, но дури после огромниот и голем притисок на јавноста и ВМРО-ДПМНЕ истиот да го поништи. Но, како и за многу други скандали, така и за овој обвинителството остана немо.
Венко Филипче беше клучниот играч на Заев во сите криминалии и корупција кои се случуваа во здравството. Затоа и го штитеше и го чуваше на таа позиција. Тогаш го чуваше во министерското столче, сега го постави во претседателската фотелја во СДСМ. Заев и Филипче мислат дека ако ја имаат СДСМ како заложник ќе може да ги уценуваат политичките процеси или да се пазарат со правдата и одговорноста. Се лажат. Одговорност ќе има, а народот веќе ги има прочитано што мостра се. Впрочем дереџето на кое се најде СДСМ во голема мера е резултат на Заев и Филипче и како тргнале да ја држат партијата во заложништво за личните интереси, така уште повеќе ќе ја тонат“, истакна Лефков на прес-конференција во партиското седиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

