Македонија
(Видео) Штипјанец шета со оружје и стрела животни, друг влече куче врзано на автомобил – се бара итна истрага против насилниците

„Анима мунди“ објави вознемирувачки видеа од двајца мажи од Штип и Виница, кои малтретираат животни.
Додека штипјанецот среде бел ден шетал со оружје и нишанел врз животни повредувајќи мачка на негови соседи, другиот, истиот ден, врзал куче за автомобил и го влечел и малтретирал.
Здружението прашува до кога секој силеџија и социопат ќе чувствува комодитет да стрела во животни знаејќи дека за делото нема да одговара или девијацијата ќе ја препознаеме дури тогаш кога ќе ескалира и врз луѓе.
„Анима мунди“ тврди дека жителите на Штип биле вознемирени од случката и преплашени за својата безбедност и оти во секоја ЕУ-држава ваквите малтретирања подлежат на строги казни.
„Информираме дека неколку лица се обиделе да пријават во полиција – потенцираме, се обиделе бидејќи полицијата не ни сакала да прими и да евидентира ваква пријава од икс-причини, што значи за нив не се случило ништо што отстапува од нормалноста. Е, токму непостапувањето на службените лица значи злоупотреба на должноста и дава поттик на насилниците и понатаму да мачат, убиваат и да поминуваат неказнети“, велат од здружението.
Ги повикаа институциите итно да почнат со сериозни истраги, најстрого да ги казнат сторителите затоа што, како што велат, ваквите индивидуи се закана за безбедноста и животот на секое битие, независно дали животно или човек.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.