Македонија
(Видео) Македонија домаќин на симпозиум на тинк-танк организации на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа
Премиерот Зоран Заев го отвори петтиот Симпозиум на тинк-танк организации на НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа од процесот на соработка 16+1, чиј домаќин оваа година е Република Македонија, а е во организација на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика при Министерството за надворешни работи.
На отворањето на Симпозиумот се обратија и претседателот на Македонската академија на науките и уметностите, Таки Фити, заменик-претседателот на Кинеската академија на општествени науки на министерско ниво, Ванг Чингчинг, амбасадорката и специјална претставничка на процесот на соработка 16+1 на НР Кина со земјите од Централна и Источна Европа, Хуо Јуџен и директорот на Институтот за геостратешки истражувања и надворешна политика, Абдулкадар Мемеди.
,,Овој Симпозиум е значаен чекор во процесот на поврзување помеѓу земјите од Централна и Источна Европа и НР Кина и продлабочување на заемната соработката. Oваа година ја одбележуваме 6-годишнината од соработката во Процесот 16+1, а исто така оваа година имаме значаен јубилеј, 25-годишнина од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу Република Македонија и Народна Република Кина.
Изминатиов период Република Македонија и Народна Република Кина посветено работеа во насока на развивање на односи на пријателство и соработка и недвосмислено може да констатирам дека севкупните односи меѓу двете земји во моментов се на многу високо ниво.
Потпишувањето на меморандумот за соработка помеѓу Македонската академија на науките и уметностите и Кинеската академија за општествени науки во рамки на петтиот тинк-тенк симпозиум претставува значаен придонес за развој продлабочување на соработката помеѓу двете земји”, рече Заев.
Имајќи ги предвид исклучителната улога и влијание на Народна Република Кина во светската економија, како и интересот за поголема соработката со земјите во Централна и Источна Европа (ЦИЕ), Република Македонија безрезервно ја поздрави и прифати Иницијативата на Кина за зајакната соработка со 16-те земји од ЦИЕ во Процесот 16+1.
Според Заев, овој процес е важен за земјите од регионот, но и за цела Европска Унија бидејќи креира платформа за дискусија со Народна Република Кина и нејзината комплементарна улога при нашите заеднички заложби за поквалитетен живот на граѓаните.
,,Сакам да го потенцирам значењето на отворањето на Координативниот центар за културна соработка на земјите од Процесот 16+1 во Република Македонија во март оваа година. Заложбите на овој Центар, кој е со седиште во Скопје, се во насока на реафирмирање на централната улога на културата во подобрување на меѓусебното разбирање и културниот дијалог како главен основ за поголема соработка. Се радуваме што во 2019 година Република Македонија ќе биде домаќин на четвртиот Министерски состанок за култура на Процесот 16+1.
Соработката на НР Кина и земјите од ЦИЕ е добра основа за дополнителни заеднички активности во многу области со цел вклопување во рамката на соработката на Кина со ЕУ т.е. за имплементација на ЕУ – Кина Стратешката агенда за соработка 2020. Република Македонија особено ја поздравува зголемената соработка во економијата и трговијата меѓу земјите членки, проширувањето на финансиската и инвестициска соработка, транспортното поврзување, проширувањето на соработката на полето на иновациите, земјоделието, заштитата на животната средина, науката и образованието, енергијата и промовирање на меѓу културната соработка”, додаде тој.
Премиерот вели дека за Република Македонија, а верувам и за останатите земји од ЦИЕ е значајно да се слушнат позитивните искуства и пракси, да се дискутираат решенијата, новите трендови, да се слушнат конструктивните забелешки, што е важен влог кој ќе придонесе кон развој на економската соработка и социјалниот дијалог помеѓу нашите земји.
,,Токму затоа охрабрувам плодна дебата на овој Симпозиум на кој ќе се обратат професионалци и експерти кои работат во тинк-тенк организации на повеќе области, универзитетски професори и академици од Република Македонија, од НР Кина и од земјите на ЦИЕ. Редно е да учиме едни од други, така ќе се развиваме.За забрзување на економски развој на Република Македонија приоритет број еден претставува стабилноста на земјата, како и владеење на правото. Затоа мала национална економија како Република Македонија се стреми да биде дел од поголем безбедносен систем. Изминатиот период Владата на Република Македонија направи значителни активности за да ги унапредиме односите со сите соседни држави, што е прв и многу значаен чекор кон интеграцијата во ЕУ и членството во НАТО.
Овој историски момент е исклучително важен бидејќи со поканата за членство на земјата во НАТО, со започнатиот процес на преговори со ЕУ и со примената на новите економски политики, перформансите на економијата започнаа значително да се подобруваат и да покажуваат стабилизација и раст. На крај, верувам дека би било соодветно да се цитира кинеската поговорка, во која се вели: ,,Патот од илјада милји почнува со еден чекор”. Процесот 16+1, како еден чекор, е платформата за Република Македонија да продолжи со продлабочување на соработката со НР Кина и земјите од ЦИЕ. НР Кина поставува нови трендови во технологијата, е-трговијата, грижата за животната средина и инфраструктурата. Дополнително, искористувањето на економските потенцијали на соработка во областа на енергетиката и инфраструктурата, продлабочувањето на културните релации, доближувањето на луѓето едни со други, соработката во образованието и културата, ќе придонесат до подобрување на животниот стандард на нашите граѓани.
Јас сум убеден дека нашите земји во иднина можат да ги постигнат таргетираните цели за економски развој. Примената на новите технологии, модернизацијата, дигитализација и ревитализацијата на производствените, индустријализацијата, професионална институционална инфраструктура, квалитетен образовен систем кој продуцира кадри според потребите на пазарот на трудот, квалитетна патничка, како и железничка и енергетска инфраструктура, се цели кои верувам дека може да ги реализираме.
Во тој дух сакам да ја охрабрам плодната дискусија денес и утре на петтиот висок тинк-танк симпозиум на Народна Република Кина со земјите на ЦИЕ. Мое искрено очекување е дека научните трудови, анализи, факти, насоки и правци што ќе произлезат од овој Симпозиум ќе бидат силен инпут во понатамошното креирање на идните развојни активности на Процесот за соработка 16+1 и одлични алатки кои ќе бидат од помош на извршните власти”, додаде Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

