Македонија
(Видео) Манчевски го претстави новиот систем за размена на документи по електронски пат
Министерот за информатичко општество и администрација на денешната прес- конференција го претстави новиот Националниот систем за управување со документи- ДМС.Станува збор за унифициран систем наменет за подобрување на работењето на државните институции. Со овој систем процесирањето на документите и спроведувањето на работните процеси во институциите може да се одвива целосно електронски.
Како што истакна министерот Манчевски, со имплементација на ДМС и дигитализацијата на работните процеси во институциите се овозможува на вработените своите документи и предмети да ги добиваат во електронска форма, да постапуваат по истите електронски и да креираат свои документи кои ќе може преку системот да ги праќаат на одобрување, потпишување, архивирање и понатамошно електронско проследување. Со други зборови, целиот работен процес да се одвива електронски.
„ДМС системот овозможува заедничко работење на административните службеници, од различни сектори и одделенија. Заедничкото работење и координација доведува до поквалитетни услуги за граѓаните. Новиот ДМС систем е SMART систем кој го олеснува работењето. За секој предмет кој ќе биде заверен во архива и електронски разменет со некоја институција, тоа ќе значи дека одговорот за тој предмет ќе биде автоматски заверен и распределен до лицата кои учествувале во неговата подготовка, независно од местото од каде што работат. Со националниот ДМС се прави унифицирање на архивското и деловодно работење на институциите во соработка со Државниот архив и Државниот управен инспекторат“, информираше министерот Манчевски.
Дополнително, ДМС системот овозможува електронски решавање на предметите односно барањата за услуги, поднесени од преку порталот uslugi.gov.mk кој денеска го користат повеќе од 25.000 граѓани.

Исто така, oвој систем им овозможува на раководните лица да имаат редовен преглед кој вработен колку предмети сработил. На овој начин, вработените се отчетни пред раководителите, но и пред граѓаните.
„Цврсто сум уверен дека овој начин на електронско работење и контрола, ќе придонесе за намалување на корупцијата и директно ќе влијае на откочување на административно закочени процеси“, рече министерот Манчевски.
Новиот национален систем за управување со документи е вистинското решение за организација на работата во време на пандемија од КОВИД-19. Дигитализацијата на работните процеси и можноста секој да работи каде и да е локациски поврзан на интернет, преку својот мобилен, таблет или компјутер овозможува навремено и квалитетно завршување на работните задачи што доведува до уште подобри услуги за граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Стојкоски: Стоп за дезинформации и паника, во општина Ѓорче Петров нема, ниту ќе има мигрантски кампови
Стоп за дезинформации и паника. Советот на Општина Ѓорче Петров јасно и недвосмислено ја отфрла секоја лага и манипулација поврзана со наводно прифаќање мигранти или изградба на мигрантски кампови, напиша на социјалните мрежи Александар Стојкоски, градоначалник на општината Ѓорче Петров.
„Во нашата општина нема, ниту било побарано, ниту ќе биде дозволено воспоставување мигрантски кампови или трајно сместување мигранти.
Свесното ширење дезинформации создава страв, несигурност и ја нарушува стабилноста и соживотот во локалната заедница. Тоа не е политика – тоа е неодговорност“.
Стоиме цврсто во заштита на безбедноста, јавниот ред, меѓуетничката стабилност и мирниот живот на нашите граѓани, порачува Стојкоски.
Ги повика сите политички чинители на одговорен јавен говор и почитување на фактите.
„Мнозинството во Советот предводено од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Твоја Македонија ги усвои следните заклучоци:
Нема мигрантски кампови во општината;
Не е побарано ниту не е договорено прифаќање мигранти;
Ннема да биде дозволено трајно сместување мигранти;
Заклучоци:
Се осудуваат лажните информации и политичките манипулации
Се констатира дека дезинформациите создаваат паника и несигурност
Се потврдува јасна политика против нелегалната миграција
Се дава поддршка на мерките на Владата за безбедност и стабилност
Се штитат меѓуетничките односи, мирот и соживотот.
Општината останува цврсто посветена на безбедноста и мирниот живот на граѓаните“.
Македонија
Тошковски: МВР успешно го заокружи проектот со ОБСЕ за хибридно образование
Министерството за внатрешни работи денес официјално го одбележа завршувањето на проектот „Градење на хибриден образовен систем во Министерството за внатрешни работи на Македонија“, со кој се поставуваат темелите на современ, одржлив и технолошки напреден систем за полициска обука.
Проектот, реализиран во партнерство со Мисијата на ОБСЕ во Скопје и со финансиска поддршка од Сојузна Република Германија, Кралството Норвешка и дополнителни придонеси од Финска, во изминатите години овозможи суштинска трансформација на начинот на стручно усовршување и професионален развој во рамки на Министерството.
Во рамки на проектот беше воспоставен модерен хибриден модел на образование кој комбинира дигитални алатки, современи дидактички методи и долгорочен пристап „обука на обучувачи“. Развиена е програма за хибридна обука, селектирани и обучени се национални обучувачи со високи дигитални и педагошки компетенции, воспоставен е Мултимедијален центар за обука во Тренинг центарот во Идризово, како и Систем за управување со учење (LMS) кој овозможува флексибилна и квалитетна едукација.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, обраќајќи се на завршниот настан, истакна дека овие резултати претставуваат јасен показател за институционална зрелост и определба за континуирано вложување во знаење и професионализација на полициската служба. Тој нагласи дека воспоставените капацитети отвораат можности за понатамошна соработка со меѓународните партнери и за активно вклучување во регионалните образовни мрежи, вклучително и Регионалната асоцијација на полициски академии и центри за обука од Југоисточна Европа.
Министерството за внатрешни работи упати благодарност до Мисијата на ОБСЕ во Скопје, како и до меѓународните партнери за континуираната поддршка, нагласувајќи дека со овој проект не се става крај, туку се отвора ново поглавје во кое хибридното образование станува составен дел од секојдневното функционирање на Министерството и важна алатка за подготовка на полицијата за идните безбедносни предизвици.
Македонија
Стаменкоска Трајкоска на увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“
Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес го посети ООУ „Партенија Зографски“, каде што се реализираат повеќе реконструктивни зафати. Со овие активности, општината продолжува да го унапредува образовниот простор и да создава современи, безбедни и функционални услови за сите ученици, велат од таму.
-Извршив увид во реконструктивните зафати во ООУ „Партенија Зографски“, каде што во континуитет се работи на унапредување на условите за учениците.
Поставуваме лед осветлување, во училниците и ходниците. Во моментот е во тек и реконструкција на тоалетите, што е особено важно за хигиената и секојдневниот престој на нашите дечиња во училиштето. Направени се зафати на електричните разводни табли, со што училиштето станува побезбедно и пофункционално. Со вакви вложувања покажуваме дека образованието и грижата за децата ни се приоритет и дека продолжуваме да работиме за подобри услови за учење-изјави градоначалничката Стаменкоска Трајкоска.

