Македонија
(Видео) МВР предаде обемна документација за истрагата за Кочани и никој не е поштеден, вели Петрушевски
Пукна балонот на лаги и манипулации на СДС во врска со истрагата за несреќата во Кочани. Сите може да видат дека институциите постапуваат професионално и неселективно, изјави Бране Петрушевски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
„Потенцираме дека МВР и институциите на системот ги доставиле сите потребни докази и информации за несреќата во Кочани до Јавното обвинителство уште пред еден месец. Сите преземени акции од ЈО до сега, сега и од сега, се исклучиво врз основа на доказите што ги обезбедило МВР. МВР предаде обемна документација во ЈО и никој не е поштеден“, рече тој.
Петрушевски вели дека задача на Јавното обвинителство е сега врз основа на обемната документација за случајот, која им е предадена, да ја лоцираат вината и да подигнат обвиненија за секого за кој сметаат дека според правната логика е на кој било начин виновен за пожарот и за смртта на децата во Кочани.
„Ниеден полицаец, функционер или кој и да е граѓанин што имал допирна точка со предметот не е изоставен и сѐ е опфатено во документацијата“, рече тој.
Колку е сериозен обемот на документацијата, вели Петрушевски, покажува и фактот дека во овој случај се опфатени над 60 лица – од министри, преку МВР, институциите, бизнисмени, градоначалници, секој што би можел да има вина.
„А сега да прашаме, колку лица беа опфатени во истрагата за модуларната болница? Нула. Колку беа во ‘Беса транс’ и за Ласкарци? Нула. Е, сега, тоа е разликата од МВР сега и од МВР кога СДС беше на власт. Одговорност има за секого, без разлика кој е и од каде е“, рече Петрушевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, претпладне магла
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне наместа ќе има појава на магла. Во југоисточниот дел од земјата ќе дува слаб ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -5 до 1, а максималната ќе достигне од 8 до 14 степени.
Во Скопје, променливо облачно и тивко. Во делови од котлината ќе има појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до -3, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на стабилна воздушна маса до понеделник ќе се задржи стабилно и тивко време. Наместа ќе има појава на магла и зголемена облачност. Во вторник кон крајот на денот ќе има услови за локален слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец.
Македонија
Во прекин сообраќајот на граничниот премин Евзони
Од 17:30 часот сообраќајот на граничниот премин Евзони (Богородица) е во прекин, извести АМСМ.
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по претежно суви коловози.
Македонија
Во наредните десет дена изменет сообраќаен режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта
СВР Охрид информира дека од денеска во наредните десет дена, на сила ќе бидат измените на сообраќајниот режим на автопатската делница во изградба од селото Требеништа до селото Мешеишта, општина Дебрца.
„На овој патен потег, сообраќајот ќе се одвива наизменично по левата сообраќајна лента гледано во правец од Охрид кон Кичево поради што, апелираме до возачите, крајно внимателно и со прилагодена брзина да ги управуваат своите патнички и други моторни возила и во согласност со поставената хоризонтална и вертикална сообраќајна сигнализација“, соопштуваат од СВР Охрид.

