Македонија
(Видео) МВР промовира монографија во чест на Денот на полицијата

„МВР за граѓаните” е мотото под кое оваа година со неколку свечености се одбележуваме 7 Мај – Денот на македонската полиција, рече во воведот од обраќањето по повод промоцијата на монографијата „МВР за граѓаните 2017-2021“ пред претставниците на дипломатскиот кор во државата, раководството на МВР и претставници на медиумите, министерот Оливер Спасовски.
Тој објасни дека мотив повеќе за создавање на публикацијата била и потребата да се изрази благодарност до пријателите и партнерите кои го поддржале МВР во текот на реформските процеси, преку проектите со Европската Унија, низата активности во соработка со Мисијата на ОБСЕ, партнерството со САД, со Германија, со Австрија, со Италија, со Чешка…
„Основната причина за публикацијата е цел тој реформски процес да го ставаме на увид на јавноста, на отворена транспарента проверка на фактите, преку публикација која електронски ќе биде достапна до граѓаните преку нашата веб-страница. Низ избор на фотографии збогатени со текстуални секвенци создадовме документирано сведоштво за постигнатото во оваа петолетка, и тоа не само како збир на сработеното, туку и како поставени вредности, квалитативни промени кои веќе го завртеа тркалото напред и од кои враќање назад веќе нема“, истакна министерот Спасовски, издвојувајќи ги најважните проекти и активности на МВР во изминатиот период.
Според заменик-министерот за внатрешни работи, Назим Буши, монографијата сосема пластично и подробно ги презентира низата фази во реформското унапредување на Министерството за внатрешни работи, речиси во сите сфери од полициското работење. Почнувајќи од реформите во нормативната сфера со донесување законски решенија во насока на хармонизирање на безбедносните стандарди на функционирање со оние на евро-атлантските земји, потоа структурни, техничко-технолошки, кадровски, организациски и други промени.
„Се разбира, генерално насочени кон континуирано следење на западно-европските трендови во полициското работење. А конечниот исход којшто го очекувавме и кој е во голема мерка речиси реализиран – е воспоставување максимална ефективност и ефикасност во функционирањето на тој сложен систем врз којшто почива Министерството за внатрешни работи, како сервис на граѓаните. Всушност, низ монографијата може јасно да се види тој исцрпен пат на предизвици и нивни решенија, во големиот број подрачја на делување на Министерството, но исто така, може да се види и јасната политичка волја и договор што беа предуслов да се тргне и да се успее во реформирањето на нашата институција“, посочи Буши.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ОЈО со детали за големата акција: 13 лица под истрага за даночно затајување, перење пари и даночна измама, тргувале со горива

Денешната акција спроведена на повеќе локации низ државата е резултат на двегодишна предистражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во тесна соработка со Управата за финансиска полиција, соопшти обвинителството.
Постапувајќи по кривичната пријава, надлежен обвинител од ОЈО ГОКК донел Наредба за спроведување на истражна постапка против 13 лица, меѓу кои се и четворица косовски државјани и една државјанка на Република Хрватска.
Осомничените се товарaт дека од 2014 до 2023 година организирале и учествувале во криминална група со цел стекнување противправна имотна корист преку даночно затајување, даночна измама и перење пари со што осомничените го оштетиле Буџетот на државата во големи размери. Групата креирала мрежа од правни субјекти преку кои се вршела продажба и фиктивна трговија со нафтени деривати, се изготвувале фактури со невистинита содржина, со цел да се избегне плаќањето на даночни обврски и да се оствари незаконски поврат на ДДВ. Преку правни лица што не поседуваат дозволи за трговија со нафтени деривати се вршела набавка, транспорт и продажба на Еуросупер, Еуродизел и Екстралесно гориво, со намера да избегнат целосно или делумно плаќање на законски предвидените даночни обврски. Продажбата во поголем број случаи се одвивала без издавање на фискални сметки и фактури, а средствата прибрани во готово не биле евидентирани во сметководствената документација. Осомничените странски државјани, кои формално биле назначени за одговорни лица во повеќе осомничени правни субјекти, немале регулиран престој во земјава, што организаторите на групата го користеле како начин за прикривање на нивната поврзаност со криминалното дејствување.
Воедно, организаторите на групата, од продадените нафтени деривати во готово пуштиле во оптек, примиле пари и извршиле пренос на паричните средства со намера да го прикријат нивното движење, со што се стекнале со противправна имотна корист во големи размери, а за која знаеле дека е прибавена со кривичното дело Даночно затајување, при што сториле и кривично дело Перење пари и други приноси од казниво дело.
Јавниот обвинител ценејќи дека се исполнети условите до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување на мерка притвор за сите осомничени. До сега се обезбедени седум лица за кои е прифатен предлогот на обвинителството и судот со Решение им определи мерка притвор во траење од 30 дена, за останатите – петмината странски државјани и еден македонски државјанин мерката притвор ќе биде определена во отсуство.
Македонија
Муцунски-Јан Копман: разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, во фокусот и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денес и утре престојува во работна посета на Брисел, Кралството Белгија. Во рамки на посетата, денеска оствари средба со генералниот директор на Директоратот на Европската комисија за проширување и источно соседство, Герт Јан Копман.
На средбата беа разменети мислења за спроведувањето на реформската агенда, посветеноста на Владата да испорачува видливи резултати од реформските процеси, како и за Планот за раст како дел од пошироката европска поддршка за регионот. Муцунски нагласи дека Владата во изминатата година демонстрираше сериозна посветеност во исполнувањето на обврските од реформската агенда, постигнувајќи значителен напредок, особено во областите на дигитализацијата, владеењето на правото и борбата против корупцијата, при што истакна дека овие приоритети остануваат во фокусот на Владата и во наредниот период.
Се разговараше и за регионалната соработка, при што беше нагласена активната улога и придонесот на Република Северна Македонија во рамките на регионалните иницијативи, како и кон стабилноста и безбедноста на целиот регион.
Соговорниците се осврнаа и на актуелните геополитички и безбедносни предизвици во Европа. Во таа насока беше потенцирана важноста од продолжување на поддршката за Украина и потребата од заеднички, координиран пристап во справувањето со последиците од руската агресија.
Во фокусот на разговорот беше и иницијативата „Роаминг како дома со ЕУ“, насочена кон постепено укинување на трошоците за роаминг помеѓу земјите од Западен Балкан и Европската Унија. Одлуката за оваа иницијатива се очекува да биде донесена на почетокот на следната година.
Муцунски уште еднаш ја потврди цврстата посветеност на Република Северна Македонија кон процесот на европска интеграција како еден од стратешките приоритети во надворешната политика. Тој ја истакна и целосната усогласеност на државата со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и значењето на стратешкото партнерство со Европската Унија во областа на безбедноста и одбраната.
Македонија
(Видео) Милевски: Виница 4 години назадува, катастрофално владеење на Петков и ВМРО-ДПМНЕ

Така наречениот отчет на градоначалникот Миле Петков и ДПМНЕ е најдобар доказ за четири години катастрофално и досега невидено лошо владеење на една локална власт во Виница, изјави кандидатот на СДСМ за градоначалник на Виница, Гоце Милевски.
Наместо вистински отчет, додаде тој, видовме обид за замачкување на очите на јавноста и бегање од одговорност за неисполнетите ветувања.
„Затоа таканаречениот отчет беше во скап хотел а не на улиците, во градот и селата во Виница. Затоа што реалноста е разочарувачка. Ниту еден од капиталните проекти од програмата на Петков и ДПМНЕ за Виница не се реализирани“, рече Милевски.
Според Милевски, Петков се фалел со наследени проекти од претходната власт на СДСМ и неколку асфалтирани улици.
„Но фактите говорат: сегашната власт нема реализирано ниту 20 километри улици, наспроти 45 километри изградени во времето на СДСМ. Виница денес изгледа како мала депонија од не собереното ѓубре и смет, собирен центар за кучиња скитници, со небезбедни кратери од вода и хаос од неправилно паркираните возила, со запуштени зелени површини и ниту едно ново засадено дрво. Тоа сликата за Виница после 4 години неспособна локална власт на ВМРО-ДПМНЕ. Да не дозволиме оваа казна да продолжи уште четири години! Локалните избори се шанса за промени во Виница“, рече Милевски.