Македонија
(Видео) Менкиноски: Прогонот за „Топлик“ мора да заврши, дури и Сугарески потврдува дека нема материјална штета
Во рацете држам еден допис кој е од министерот за транспорт и врски, Сугарески. Во овој допис Сугарески образложува дека во предметот „Топлик“ нема материјална штета, рече на прес-конференција Тони Менкиноски, претседател на правната комисија при ВМРО-ДПМНЕ.
Како што наведе претставникот на опозициската партија, дополнително министерот Сугарески образложува дека штетата што е претпоставена од страна на јавното обвинителство нема да ја побаруваат.
„И дотолку повеќе, господинот Сугарески во крајната сентенца на неговиот допис наведува дека со постапката што се водела се заштитени имотните интереси и права на Република Македонија“, рече Менкиноски.
Тој го искористи пресот да упати порака и прашања до одредени релевантни институции во Република Македонија, кои, како што рече, малтретирале со таканаречени процеси, како што е процесот „Топлик“.

„Зошто и од која причина го премолчуваат овој доказ, особено СЈО, кое има обврска согласно со Законот за кривична постапка да ги достави сите докази кои се во штета, но и во полза на обвинетите. Да не заборавиме, една од улогите на јавното обвинителство согласно со законот е и да ги штити основните човекови права на обвинетите“, наведе претседателот на правната комисија при ВМРО-ДПМНЕ.

Како што кажа Менкиноски, со дописот кој е доставен, односно со откажувањето на Министерството за транспорт и врски за оштетно побарување не постои кривично дело.
„Ние повеќе немаме предмет. Јас не знам и од која причина јавното обвинителство сè уште го нема откажано гонењето по овој предмет и зошто го нема информирано судот и го нема повлечено обвинителниот акт“, подвлече тој и додаде дека е важно во целата постапка овој прогон да заврши бидејќи доказите се круцијални и битни за целиот предмет.

Случајот „Топлик“ на специјалното јавно обвинителство, каде што првоосомничен е ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, се однесува на продажба на државно земјиште за изградба на комплексот „Сончев град“ во Сопиште.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Карпош и Чучер Сандево денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од село Горно Нерези (општина Карпош), како и корисниците од селата Глуво и Мирковци. (општина Чучер Сандево )
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево и претежно тивко
Сончево со мала до умерена облачност. Во утринските часови наместа ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до 0, а максималната ќе достигне од 9 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на неделата времето ќе биде сончево и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови на одредени места ќе има појава на магла. Максималната температура ќе биде над просекот за овој период од годината.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со претставници од групата на АЛДЕ
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска прими претставници на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ) од Европскиот Парламент, учесници на меѓународната конференција „Quo vadis Europa 2025?”, што се одржа во Скопје.
Гостите ја потврдија јасната заложба на АЛДЕ за деблокирање на македонскиот евроинтегративен пат, како и брзо и целосно интегрирање на Западен Балкан во ЕУ, преку посегање по креативни решенија во овој исклучително тежок геополитички моментум.
Претседателката, низ призма на принципите и вредностите гарантирани со европските конститутивни акти, презентираше свои видувања и предлози за излез од блокадата.
Гостите изразија не само интерес, туку и подготвеност да помогнат во надминувањето на неодржливиот status quo во којшто се наоѓаме, преку иницирање можни решенија во рамките на Европскиот парламент.
Претседателката го поздрави конструктивниот пристап на АЛДЕ, во духот на европските демократски принципи и вредности.
На средбата присуствуваа Свења Хан, претседателка на АЛДЕ и германска европратеничка, Рик Дамс, потпретседател на АЛДЕ и поранешен претседател на Парламентарно Собрание на Совет на Европа, Весна Пусиќ, прва претседателка на Мрежата на либерали од Југоисточна Европа (ЛИБСЕН) и поранешна вицепремиерка и МНР на Хрватска, Моника Зајкова, претседателката на Либерално-демократската партија и Емил Кирјас, потпретседател на Либералната интернационала.

