Македонија
(Видео) Меџити за крадењето лекови од болните од рак: Никој од здравствениот систем нема и не смее да ги заштити престапниците
Министерот за здравство, Фатмир Меџити, на денешната прес-конференција по повод случајот со Онкологија, истакна дека е длабоко погоден и рече дека тој мора да биде целосно расчистен во најкус рок.
„Ги разбирам гневот и фрустрациите што случајот го предизвика кај граѓаните, особено кај оние директно погодени. Како министер за здравство, ќе направам сè во моја моќ овој случај да се расчисти, да се санкционира одговорноста на секој за кој ќе се докаже дека има удел во овој вид злосторство и ќе создадам услови никогаш да не се повтори“, рече Меџити.
Министерството тесно ќе соработува со органите на прогонот и правосудството за да се обезбеди темелна истрага.
„Никој од здравствениот систем нема и не смее да ги заштити престапниците. Будно ќе го следиме процесот. Остро ќе се реагира на секоја манипулација“, рече министерот.
Тој ги поттикна сите здруженија на пациенти со карцином, поединци или групи, кои може да помогнат, да стапат во контакт со Министерството или со институциите на прогонот.
„Како Министерство сакам да истакнам дека јавноста треба да знае дека КАТО-системот не е фрлен во подрум, туку е во склоп на клиничката аптека и таа соба е заклучена. Се прават финансиски анализи дали КАТО-системот да се врати во функција или да се обезбеди нов систем за контрола на терапијата. Со новиот ребаланс на буџетот предвидуваме обезбедување систем што долгорочно ќе ги спречи евентуалните злоупотреби во иднина“, рече министерот.
Тој извести дека одржал состанок со директорите на Онкологија, а најави состанок и со стручниот онколошки конзилиум, кој одлучува за тоа кои пациенти колку терапија ќе примат.
„За начинот за контролирање на терапијата, болеста на пациентите и за терапијата што ја примаат веќе неколку месеци одлучува стручен онколошки конзилијарен колегиум, на овој начин се спречува самостојно, еднострано одлучување за терапија и злоупотреба. Јас инсистирам на уште построги механизми за контрола. Ги уверувам пациентите дека терапијата што се дава на Клиниката на онкологија е соодветна и ефикасна. Да не се прават генерализирање и напади на целиот персонал на Клиниката, која во најголем дел стручно и совесно си ја врши работата“, изјави Меџити.
Тој апелира да не се шират невистини и да не се поттикнуваат хајка и омраза.
„Сторителите на криминалот имаат име и презиме, во тој процес мора да ги заштитиме докторите и целиот персонал, кој со голема грижа ги лекувал пациентите“, додаде министерот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

