Македонија
(Видео) Меџити: И покрај нашите понуди тие одлучија да бидат заедно со ДУИ и со Ахмети, Таравари има пофалби за владеењето на ДУИ, а избега од тоа владеење
Првиот заменик претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање Изет Меџити на прес-конференција извести дека вечерва нема да се одлучува кој ќе биде претседател на коалицијата ВЛЕН.
„Денеска треба претседателството на ВЛЕН да се конституира, за другото, формирање на штаб, влегуваме во кампања за локални избори, анкети, штабови, избор на кандидати, листи ќе бидат предмет на новото претседателство на ВЛЕН“, кажа Меџити.
Во однос на тоа кога ќе биде изборот за претседател, Меџити одговори дека работат на тоа.
На прашањето дали ќе има предвремени парламентарни избори, министерот одговори дека не гледа потреба за тоа.
„Избори ќе има локални во октомври, може да се мериме, граѓаните ќе го кажат своето мислење и за нив и за нас. Не гледам потреба за предвремени избори, ни бројките го наложуваат тоа, ниту ситуациите, има стабилна Влада која што можеби има најголем број на пратеници во историјата на Македонија“, кажа Меџити.
Министерот на прес-конференцијата информираше дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма на претстојните локални избори.
„Немало пример во историјата на државата, но можеби и во регионот, каде што една коалиција функционира во владата, а на локални избори да оди со посебни листи. Тоа го нема ниту во македонскиот, ниту во албанскиот блок. Тоа е само да се приближат до Демократската унија за интеграција, да се вратат кај ДУИ, и покрај нашите понуди тие одлучија да бидат заедно со ДУИ и со Ахмети. Тоа се гледа од изјавите на Таравари којшто има пофалби за владеењето на ДУИ, а избега од тоа владеење.
Но, тоа е нивна работа. Тие треба да објаснат кај членството зошто требаше да се подели Алијанса за да избега од ДУИ. Немаше да има потреба, ќе имаше една Алијанса, а не сега дел од Алијанса да се врати таму. Ставот на ВЛЕН е дека ВЛЕН ќе има заеднички кандидати, заеднички листи, заедничка програма. ВЛЕН се отвора кон невладиниот сектор, кон најдобрите, најшколуваните, најпрофесионалните Албанци. Ќе имаме и независни кандидати коишто ќе имаат поддршка од ВЛЕН. Не мора да има партиски дрес за да биде кандидат за градоначалник поддржан од ВЛЕН. Се отвораме кон граѓаните, кон цивилниот сектор, кон професионалците и мислам дека на тој пат ќе опстоиме и ќе биде доволно за уште еднаш да ја потврдиме победата од парламентарните на локалните избори“, изјави Меџити.
Претходно Министерот за здравство и лидер на едното крило од Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, кажа дека не отстапува од одлуката на локалните избори да одат со сопствени советнички листи иако на власт дојдоа како дел од коалицијата „Вреди“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

