Македонија
(Видео) „Ме шокираше изјавата на Пендаровски дека очи немало да им види на граѓаните ако не го гласаат“, рече Мицкоски
Од тоа што можам да следам во кампањата, тоа се пораки кои се вообичаени и во делот на преткампањата, гледам дека во албанскиот условно кажано блок кампањата се води со испраќање на пораки со прес конференции, многу малку теренска кампања, можеби тоа беше поради празникот Рамазан Бајрам. Очекувам сега поголема динамика. Во останатите кандидати гледаме вообичаени пораки, нема нешто ново, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со МАСИТ одговарајќи на новинарски прашања.
Мицкоски истакна дека клучни се пораките кои се презентираат на настаните за време на кампањата за Гордана Силјановска Давкова која ќе е идниот претседатеел на Македонија.
– И очекувам дека довербата која ќе ја добијат Силјановска Давкова и коалицијата ВМРО-ДПМНЕ со коалицијата твоја Македонија да направат нешто ново за Македонија и поразлично од тоа што се гледаше сега, рече Мицкоски.
Тој додаде дека во кампањата не го коментира Ковачевски бидејќи човекот исчезна, го нема.
– Пендаровски се срами од Ковачевски како претседател на партијата која го поддржа или е нешто друго како причина, но човекот исчезна. Што се однесува до Пендаровски и начинот на кој води кампања веќе кажав дека човекот најмалку што треба да направи е да и се извини на професорката Гордана Силјановска Давкова, но тој тоа не го прави, продолжува со навреди. Ако оценил дека така треба да ја води кампањата и тоа му носи политички поени тоа е негова пресметка, јас би го советувал та да не го прави, туку да се извини, изјави Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека веројатно Пендаровски така се обраќа на оние на кои мисли дека ќе го гласаат, но тие пораки се шокирачки.
– Неговата порака „очи нема да ви видам во вториот круг ако во првиот нема да ме гласате“ е навистина шокантна и е порака до граѓаните и е порака до граѓаните бидејќи 5 години го немаше, излезе во кампања и сега го гледаме како повторно бара поддршка а се заканува на граѓаните. Шокиран сум што овие луѓе после 30-годишна политичка кариера испраќаат во јавност вакви пораки, изјави Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

