Македонија
(Видео) Милошоски: Спасовски призна дека постојат двојни матични броеви, а тој не презел ништо
Според нашите информации доставени од свиркач, основано се сомневаме дека постојат личности, државјани на Македонија, со двојни матични броеви, од кои повеќето се фиктивни, а тие може да бидат злоупотребени за економски криминал, за двојно гласање и друг вид злоупотреба спротивна на законот, изјави пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски.
„Аналогно на ова, значи МВР на Спасовски не само што им издавало пасоши на меѓународни наркобосови туку се сомневаме дека речиси 20 илјади граѓани во државата имаат фиктивни или двојни матични броеви. Едно лице има еден матичен број, со одредена адреса на живеење. И сега ист таков матичен број се појавува и кај друго лице, со ист датум на раѓање, ист ден, месец и година, со разлика во последните 3 бројки, но со друга адреса од првата на истото лице. Ова значи дека 20.000 наши сограѓани имаат можност да гласаат двапати. Таков е случајот со извесен Исамет Метушевски од Никиштане, кој поседува два матична броја. Таков е случајот со Нехат Шаиповски, роден во Чифлик, и втор матичен број, овој пат на име Боја Богдановски во Шуто Оризари. Третиот случај е Џеладин Адемовски, кој според тој матичен број е роден во Чифлик, и речиси идентичен матичен број за Џадин Адемовски со адреса во Чаир.
Вчера министерот Спасовски призна дека имало луѓе со двојни матични броеви и тоа укажува дека Спасовски е свесен за оваа афера наречена ‘Мафија 2’“, изјави Милошоски.
Тој додаде дека Спасовски рекол оти ова било проблем уште од 1981 година, но, како што рече, тоа не е така бидејќи името на Џадин Адемовски од Чаир е идентитетот на Седат Пекер, кој извади лична карта во јануари оваа година.
„Ова потврдува за што служеле овие двојни матични броеви, но исто така потврдува дека аферата ‘Мафија 2’, како и претходната ‘Мафија 1’, се случува во времето на Спасовски и тој бил известен и свесен за овие скандали. Се сомневаме дека овие матични броеви биле злоупотребувани за перење пари, за подигнување кредити, за нивно злоупотребување, за фиктивно двојно гласање и за други незаконити дејства во полза на гарнитурата од МВР, што им овозможувала двојни броеви и заштита“, посочи Милошоски.
Сите овие лица, според Милошоски, со двојни матични броеви гласале на избори.
„Сите овие 20 илјади лица ги има во Избирачкиот список, што значи дека ова е злоупотреба и на избирачката волја и потиснување на правото на еднаквост кај другите граѓани што гласаат само еднаш за разлика од овие 20 илјади што, најверојатно, гласале по двапати“, рече тој.
Спасовски и Заев биле мрежа и логистика на ваквите незаконски дејства и затоа треба да си поднесат оставка, а министерот Спасовски испаѓа дека не се борел против мафијата, туку станал нејзин најдобар другар, порача Милошоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Центар, Чаир и Студеничани денеска без струја
Од ЕВН Македонија известуваат дека денеска без електрична енегија ќе останат:
– во периодот од 07.30 до 15.00 часот, дел од улицата Никола Тримпаре 15 и дел од улицата Мирослав Крлежа бр.16-20 и дел од локали и влезови на згради на булеварот Климент Охридски бр,54, општина Центар;
– во периодот од 09.30 до 15.30 дел од улицата Мирослав Крлежа по старо Ѓуро Ѓакович бр.52.54.56.58.60.62, општина Центар;
– во периодот од 08.00 до 14.30 корисниците од Ретаил Поинт Парк во Чаир, општина Чаир;
– во периодот од 09.00 до 13.00 часот, корисниците на дел од село Студеничани кај Бурдем, општина Студеничани.
Македонија
Сончево со мала до умерена облачност, ќе дува повремено засилен северен ветер
Сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h). Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури. Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.
Македонија
Дел од Автокоманда денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека за денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради промена на вентил од 2.5“ на улицата Јани Лукровски 12, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од истата улица.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

