Македонија
(Видео) Министрите Тренчевска и Шакири се сретнаа со родителите на ученичката Ембла Адеми
Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска, и министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, денеска се сретнаа со родителите на ученичката Ембла Адеми од Гостивар, за да разговараат за случајот кој во јавноста побуди голем интерес и реакции откако беше објавено дека девојчето со Даунов синдром е непожелно во училницата.
Како што се наведува во соопштението од Министерството за труд и социјална политика, на средбата присуствувале и директорите на Центарот за социјална работа – Гостивар и на училиштето каде што Ембла посетува настава.
Министерот Шаќири нагласи дека проблемот е надминат и Ембла од утре ќе продолжи со редовната настава во нејзиното одделение.
Тренчевска истакна дека инклузијата во образованието е клучна за децата со попреченост и токму на тој начин се придонесува за нивно полесно прифаќање од средината.
„Стереотипите и предрасудите треба да се надминат. Едно општество за сите е концепт зад кој цврсто застанавме и тој не треба да биде само флоскула, туку сите заедно да го преточиме во реалност. Со инклузијата им даваме шанса на децата со попреченост во иднина тие да можат да придонесуваат во општеството“, посочи министерката.
На средбата било заклучено дека училиштето и центарот за социјални работи заедно ќе работат на обезбедување инклузија и прифаќање на Ембла и сите други ученици со попреченост во редовното образование.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Нестабилно време со дожд и грмежи до среда
По врнежите и невремето по кое во текот на ноќта полавени беа подруми во Охрид, од УХМР најавуваат дека до среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи.
Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок.
Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Делови од Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров утре без струја
Без електрична енергија утре ќе останат делови од општините Аеродром, Карпош и Ѓорче Петров.
Како што соопшти РЦУК – Скопје, без струја во периодот од 09:00 до 15:00 часот ќе останат корисниците на дел од село Долно Лисиче, реонот околу чаталот, ул.10 во општина Аеродром, од 10:30 до 14:30 часот дел од улица 16, на патот кон Визбеговово општина Карпош, а од 13:00 до 14:30 часот објектите на градинката Росица, на ул.„Мечкин Камен“, бр.45А. во општина Ѓорче Петров.
Македонија
Скопските и тетовските пожарникари гасеа три огнови на отворено, соопшти ЦУК
Во изминатото деноноќие Центарот за управување со кризи информира дека биле евидентирани три пожари на отворено.
Регионалниот ЦУК Скопје соопштил дека БППЗ на Град Скопје во изминатото деноноќие имала две помали интервенции поради запалено ѓубре и тоа на ул. „Ферид Заири“ во Општина Чаир и кај Езерото Треска во Општина Сарај.
Регионалниот ЦУК Тетово известил дека ТППЕ Тетово имала една помала интервенција поради запалена ниска вегетација кај село Чифлик во Општина Желино.
Центарот за управување со кризи соопшти дека изминатите 24 часа имало вкупно 1.491 повици на Единствениот повикувачки број за итни случаи 112. Од нив „реални“ повици биле 62,84 отсто, а 37,16 отсто биле за други потреби на граѓаните што не биле итни.
Кон полиција биле упатени 63,18 отсто, кон итната медицинска помош 29,09 проценти, кон пожарникарите 2,73 отсто, a кон АМСМ 1,36 отсто од повиците кон бројот 112.