Македонија
(Видео) Мисајловски: Ковачевски се смее на понижувањата на Македонија. Оставка!
Ако со Заев Македонија го допре дното, сега со Ковачевски го проби. Вчера македонската јавност беше сведок на досега невиден меѓународен блам. Вчера видовме како Димитар Ковачевски го надмина Зоран Заев во секој поглед во погазувањето на достоинството и дигнитетот на државата преку срам на јавна меѓународна сцена, истакна на денешната прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Не се само понижувачки зборовите со кои Македонија беше посрамена и навредена на меѓународна средба пред балканските лидери и германскиот канцелар, туку уште повеќе тоа што Ковачевски сето тоа го проследи со недоветно смеење и одобрување. Вчера кога го преставуваа како премиер на идна западна Бугарија, Ковачевски ако имаше грам достоинство ќе реагираше во одбрана на својата држава која претставува и за што зема плата од граѓаните, а не уште без врска да се смее и да се радува. Што има за смеење и радување господине Ковачевски?“, запраша Мисајловски.
„Ако вака понизно и со измеќарски пристап реагирате на јавни омаловажувања и понижувања на Република Македонија, тогаш е јасно дека вие немате кредибилитет и авторитет во меѓународните односи да ги застапувате и штитите македонските национални и државни интереси. Оваа вчерашна сцена само ја соголи вистинската слика за целиот сјај на бедотијата со која се води нашата дипломатија. Очигледно дека тие кои ја негираат и омаловажуваат и се мајтапат на сметка на Македонија се охрабрени затоа што спроти себе имаат политичари без кичма, со измеќарска ментална матрица кои немаат патриотско чувство, туку само болна амбиција и желба за власт“, оценува тој.
Ова однесување на Ковачевски, како што нагласи е срамно и бедно. За ваквото навредување на својата земја, дополни Мисајловски, тој должи не само извинување туку, како што вели, оставка, како чин на одговорност за срамот кој се нанесе на меѓународна сцена.
„Со тоа СДСМ решија да ја навредуваат интелигенцијата на своите граѓани. Ова кое што СДСМ се обидува да го направи е да го убедува народот дека тоа што некој го плука е всушност дожд. Доволно се порази, понижувања и погазување на националното достоинство. Доволно се срам и неуспеси со оваа влада. Време е да се каже – премногу е! Време е за протест за промени. Народот на 18-ти јуни јасно и гласно ќе каже доста е за оваа власт на СДСМ и ДУИ, меѓудругото и заради овој срам кој го приреди Ковачевски“, подвлече потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

