Македонија
(Видео) Мисајловски: Скандал Влада и премиер заложник, 365 дена – 365 афери
„Изминуваат 365 дена, 365 скандали. Секој ден нова афера. Имаме скандал влада. Една година како Македонија го има најлошиот премиер до сега. Човек кој не победил на избори, а е премиер, и меѓу другото заложник и слуга на Али Ахмети“ рече на прес-конференција Владо Мисајловски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ковачевски е човек кој свесно избегнал служење војска. Причината која ја навел е трајна неспособност. Бил трајно неспособен за служење војска, но не и за матни зделки и бизниси. Ковачевски пред себе го има само личниот интерес, а тоа го видовме и кога беше фатен жив во аферата Броило, тешка 26 милиони евра. Фирмата Пиксел груп основана од него и неговиот кум и КМГ ЕОЛ Квазар земале државна помош и грантови од пола милион евра, тендери во вредност од 2 милиони евра и склучувале милионски договори со ЕВН додека Ковачевски е функционер. За на крај кога тој стана премиер фирмата основана од него да влезе во 54 милионска инвестиција со Бугарски партнер за изградба на фабрика во Тетово“ рече Мисајловски.
Тој потсети дека „двајца генерални секретари на Влада се веќе пред органите на прогонот фатени во матни зделки и до гуша во кал“.
„И додека луѓе од власта прават пари во енергетиката, ЕСМ купува скапа струја, месечно се давани и над 20 милиони евра за увоз. Половина милион едвај преживуваат, а директори назначени од Ковачевски земаат месечни плати неколкукратно поголеми од минималната. Еден владин функционер за 4 години заработува и до 920 минимални плати. Над 100 функционери криеле имот над 30 милиони евра, што ги објавивме во аферата Тајни имоти, а го продолживме со Тајни имоти 2“ напомена Мисајловски и заклучи дека „оваа Влада е крајно неспособна и неработничка“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Претседателката за утре го свика Советот за безбедност
По извршените консултации претседателката Гордана Сиљановска – Давкова за утре – 1 март 2026 година, закажа седница на Советот за безбедност.
Како што соопштија од Кабинетот на претседателката Сиљановска – Давкова, седницата ќе започне во 18 часот во Вилата Водно, а на дневен ред ќе биде безбедносната состојба во земјава по најновите случувања на Блискиот Исток.
Македонија
Агресивен карцином кај 10-годишната Ева, се бараат донации
Десетгодишната Ева е девојче кое се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
„Ви се обраќам во име на моето семејство и за најважната личност во нашиот свет, Ева, која е радосно, љубопитно, отворено, храбро десетгодишно дете кое одеднаш се соочува со борбата на својот живот. Нашето мало сонце се бори со агресивна форма на остеосарком (редок малиген рак на коските) кој бара интензивен и долготраен третман.
Овој вид на дијагноза не може да се лекува во Македонија, бидејќи нема центри ниту експертиза за да се обезбеди потребната грижа и третман. Туморот е класифициран како високостепен и брзо се шири, лекарите советуваа итно лекување во странство во специјализирани центри.
Времето и дејствувањето се критични. Во моментов таа е примена во специјализирана клиника во Минхен – Германија, каде што ја завршуваме последната фаза од дијагностиката (закажан термин за ПЕТ/КТ скенирање следната недела, по МРИ, биопсија, рендгенски снимки и крвни проверки).
Од она што го знаеме, третманот ќе следи во три фази:
1. Приближно два месеци интензивна хемотерапија
2. Хируршко отстранување на туморот
3. Дополнителни шест месеци хемотерапија“, стои во објавата.
Средствата се наменети за покривање на трошоците за медицинското лекување во Германија. Донации за помош на малата Ева може да се дадат на следниот линк.
Македонија
Телефонски разговор на Муцунски со Гидеон Саʼар за состојбата со Иран
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски попладнево остварил телефонски разговор со министерот за надворешни работи на Израел, Гидеон Саʼар.
Од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија информираат дека била реафирмирана поддршката за координираните напори на Соединетите Американски Држави и Израел во однос на Иран, како и неопходноста од зачувување на регионалната стабилност и безбедност.
– Беше истакнато дека продолжената блиска соработка е од суштинско значење за мирот и одвраќањето. Воедно, беше нагласено дека иранскиот народ, како и сите народи во регионот, заслужуваат мир, стабилност и можност за просперитет, се наведува во соопштението.

