Македонија
(Видео) Митева: Владата дозволила компанија на семејството Дестани од ДУИ да ја преземе „Иловица“, граѓаните со право загрижени
Имаме сериозни сознанија дека Владата на СДС и ДУИ веќе подолг период наназад го планира отворањето на рудникот „Иловица“. Според сите дејства што ги направила Владата, наместо од светски реномирани компании за ископ и трговија на метали, „Иловица“ треба да биде управувана од фирмите на семејството Дестани, блиско до ДУИ, истакна на денешната прес-конференција, Марија Митева, портпарол и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Се поставува прашањето кој кого лаже? Владата меѓу себе или како по обичај, Владата ги лаже граѓаните, а напротив тие точно знаат што прават?“, вели Митева.
Истата оваа Влада, која сега вели дека е измамена, според неа, морала да даде дозвола за преземање удели од страна на фирмата на Дестани од ДУИ.
„Според член 49 од Законот за концесиите, со кој се уредува процесот за согласност за пренос на удели или акции, стои дека преносот на удели или акции кај субјектот, кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет во друштвото, како и пренос на акции или удели, кои поединечно или во збир би довеле до промена на управувачкиот пакет кај трговското друштво, кое е основач на концесионерот, но и кај физичкото лице, кое е сопственик и поседува соодветен удел во друштвото, кое директно или индиректно се јавува како основач или сопственик на концесионерот, не може да се изврши без претходна писмена согласност на концедентот, односно Владата“, додаде таа.
Појасни дека за да преземе удел компанијата на семејството Дестани, морала да поднесе барање до Владата, која има законска опција, по истото тоа барање да одговори негативно, односно да не дозволи преземање, ако утврди дека со преземањето ќе се наруши целта со која е дадена концесијата.
„По преземањето на уделот и добиената согласност од Владата, компанијата на Дестани во согласност со законот била обврзана да уплати надоместок на државата во износ од 7 % од вредноста на концесијата.
Која компанија плаќа за да влезе во проект за кој однапред знае дека ќе пропадне? Здравата логика кажува дека таква компанија не постои. Оттука, се поставува прашањето дали е договорено сѐ однапред? Особено ако се земе предвид дека Владата можела да не дозволи влез на Дестани во „Иловица“, кој доаѓа на местото на светски реномирани компании, како „Трафигура“, која е една од најголемите трговци со метали во светот со над 300 милијарди годишен обрт и со големо искуство за ископ во светот.
Со што Дестани ја убедил Владата да му даде согласност за влез во „Иловица“ и дали тоа е причината поради која власта жестоко се бореше да се отвори рудникот? Особено ако однапред го знаеме фактот дека компанијата на Дестани нема искуство од копање злато, ниту кој било друг метал.
Со што Дестани може да ги убеди граѓаните од Струмичко дека нема да загадува, кои се неговите референции? Како може граѓаните да се уверат дека Дестани знае што прави и дека нема да се контаминирана почвата и да се загади целата котлина?“, прашува Митева.
Оценува дека граѓаните се со право загрижени кога криминалот на власта е очигледен.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Здружението на судии загрижено за изјавите за Управниот суд: со нив се врши притисок врз судиите и судиското одлучуваљње
Здружението на судии во врска со реакцијата на Управниот суд на РСМ, ја искажува својата загриженост за изјавите на поединци со кои, како што се истакнува во соопштението, директно или индиректно се врши притисок врз судиите и судиското постапување и одлучување.
Како што велат, припадноста кон одредена политичка партија и можноста за идно владеење односно учество во извршната власт, не смее да се користи за коментирање, заканување или влијание врз судиското одлучување.
Оценуваат дека таквите изјави се штетни пред се за политичките субјекти кои ги пласираат во јавноста, а истовремено може да се разберат и како обид да се поткопа непристрасноста и интегритетот на судиите.
„Во однос на неоснованите обвинувања кои беа упатени на адреса на Претседателот на Управниот суд на РСМ, како Здружение на судии даваме целосна поддршка на колегите од именуваниот суд и напоменуваме дека секој избран судија е независен во своето одлучување и таа независност му е Уставно загарантирана. Па во тој правец и при најмал сомнеж за евентуален обид за притисок или влијание врз неговата работа, без разлика од кого доаѓа, е должен да ги извести надлежните судиски инстанци. Воедно, сите останати општествени чинители, а особено претставниците на политичките партии се должни да ја почитуваат загарантираната судиска независност што е во духот и на демократскиот развој и Европскиот просперитет на земјата“, потенцираат од ова здружение.
Македонија
Одбиена тужбата на „Европскиот фронт“ за избирачкото место во Долнени
Управниот суд ја одби како неоснована тужбата од Коалицијата „Европски фронт“ на решението на Државната изборна комисија (ДИК) за прифаќање на приговорот од Коалицијата „Твоја Македонија” за избирачкото место 1470 во Долнени на Парламентарните избори 2024.
„Европскиот фронт“ поднесе седум тужби против решенија на ДИК на Парламентарните избори 2024.
Досега Управниот суд ja одби како неоснована и тужбата за избирачкото место 1194, во Општина Крушево.
Македонија
Мицотакис со предупредување: Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат Договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен
Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис уште еднаш ја предупредува Македонија дека прекршувањето на Договорот од Преспа, со кој се реши долгогодишниот спор за името меѓу двата соседа, ќе ги загрози амбициите на балканската земја за членство во ЕУ, пишува грчки „Катимерини“
Говорејќи од градот Верија во северна Грција за време на неговата кампања пред изборите за Европскиот парламент во јуни, Мицотакис изјави дека трите меморандуми за разбирање поврзани со договорот од 2018 година нема да бидат ратификувани од Парламентот се додека новото раководство во Скопје продолжи со прекршување на договорот.
„Ако некои веруваат дека можат да го игнорираат договорот, треба да разберат дека нивниот пат кон Европа ќе остане затворен, а меморандумите нема да бидат ратификувани освен ако не се почитува она што го предвидува договорот“, рече тој.