Македонија
(Видео) Митева: Власта го лаже народот, следува енормно поскапување на цената на струјата
„После денешните објави на новите цени едно е јасно, РКЕ е надвор од реалноста и од страдањата на овој народ кој едвај врзува крај со крај. Власта повторно удри по џебот на граѓаните. Најголемиот број од домаќинствата, согласно тарифните блокови 3 и 4 ќе плаќаат и до 138% поскапа струја. Тарифниот модел кој го воведе власта е само маска за новото поскапување кое ќе стапи на сила од 01 јули. Зад неразбирлива пресметка за граѓаните се обидуваат да го протнат енормно високото поскапување на цената на електричната енергија“ изјави меѓудругото на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа напомена дека „најголем дел од домаќинствата се наоѓаат во вториот и третиот блок и тие ќе имаат покачување од 10,3%, односно 18,3%. Ваква катастрофална енергетска политика не може да помине неказнето. Ни помалку страшна не е и состојбата кај малите потрошувачи ( институции, дуќанчиња, мали бизниси со помалку од 50 вработени и два милиони евра годишен приход)“.
„Зголемувањето на цената ќе предизвика колапс на нивните бизниси. Имено, кај нив со новиот тарифен систем се дефинира т.н. висока тарифа од 13,794 ден/kWh и ниска тарифа од 10,116 ден/kWh, кои се за 4-5 пати повисоки од досегашните. Со ова најголемиот товар од поскапувањето освен домаќинствата од втор, трет и четврт блок, годинава ќе го понесат и малите потрошувачи со оваа неколкукратно зголемена цена“ рече Митева.
Таа вели дека „ова е вистински масакар врз домаќинствата кои се греат на електрична енергија, особено ако се земе во предвид дека во изминатиов период преку мерки беше стимулирано греењето на инвертер клими како опција за греење на домаќинствата доколку тие извршат замена на нивните грејни тела на дрва со таканаречени инвертер клими. Така истите во зимскиот период од октомври до април ќе плаќаат 138% поскапа струја, а со тоа греењето на нивните домови ќе стане практично невозможно“.
„Затоа што оние домаќинствата кои за греење на струја плаќале сметки од 12.000 денари во грејниот период сега ќе треба да плаќаат 28.560 денари“ рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.
Македонија
Министерство за здравство: Активиран модул за изразување интерес за соработка на лекари од странство
Министерството за здравство информира дека на веб-страницата на МЗ од денес е активиран електронски модул на кој лекарите кои моментално работат или специјализираат во странство може да изразат интерес за соработка со нашиот здравствен систем.
-Во рамки на нашите заложби за дигитализација во здравството, овој електронски модул претставува директен канал за стручна соработка со дијаспората, со цел полесно мапирање профили и експертизи кои може да придонесат во нашиот здравствен систем. Меѓусебната соработка со овие лекари е предвидено да опфати обуки, едукации, менторство, консултации или проектна поддршка, како и други стручни ангажмани. Во оваа прилика ги повикувам да се пријават нашите лекари кои работат во странски медицински центри, лекари кои се на специјализација или супспецијализација во странство, или лекари кои се ангажирани во странски академски и научно-истражувачки установи, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Пријавувањето се врши исклучиво преку електронскиот модул на веб-страницата на Министерството за здравство, по што Министерството ќе ги контактира лекарите за конкретна соработка што одговара на нивниот профил.
Во електронскиот модул насловен „Лекари од дијаспората“ предвидено е лекарите да пополнат повеќе лични и професионални податоци, детали за клучните области на експертиза, лиценци, сертификати, листа на публикации, како и сегменти на соработка за кои изразуваат интерес.

