Македонија
(Видео) Митева: Градежната„ офанзива” на Шилегов брои 9,5 километри
Најавената градежна офанзива на Шилегов брои вкупно 9,5км, рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Петре, Град Скопје не е кафана па да ја разработиш за два месеци во летниот период. Град Скопје бара посветеност, бара работа која никогаш не запира и Град Скопје заслужува развој, а не стагнација и предизборна еуфорија. Залудни се овие напори кои ги вложуваш во предизборието, скопјани имаат одлична меморија и не ги забораваат овие четири години на неработење, не ги забораваат ниту изливите на нервоза и ароганција како и уништувањето на зеленилото“, истакна во изјавата Митева.
Како што најавува Шилегов, додаде портпаролката на опозициската партија, оваа градежна офанзива ќе се одвива во сите 10 општини, што значи, како што рече, во секоја општина ќе се реконструира по само 1км од градските улици.
„Навистина, скопјани се фрапирани од ова твое “засилено” темпо. Она што го отсликува Шилегов е инфраструктурната стагнација, погрешните политики, како и лошите проекции за иднината и развојот на градот. Голем број на круцијални проекти останаа нереализирани, како што се тунелот под Кале, Универзалната сала, велосипедските патеки, спортските капацитети, спектакуларно најавуваниот зип лајн и така натаму, но тоа се само дел од предизборните лаги на Шилегов на кои многу скоро ќе им дојде крај“, посочи Митева.
Додаде, дека нејзината партија и граѓаните ги знаат проблемите со кои се соочува Град Скопје, и како што напомена, промените ќе започнат токму од Град Скопје, со заминувањето на Шилегов.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Викендот со стабилно време, дожд се очекува од вторник
За време на викендот ќе се задржи стабилно и претежно тивко време, информира Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Во сабота и недела времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди, а претпладне по одделни котлини ќе има појава на магла и зголемена облачност. Ќе дува слаб ветер, претежно од југоисточен правец.
Минималните утрински температури ќе се движат од -3 до 2 степени, додека дневните максимални ќе достигнуваат од 6 до 13 степени.
Во текот на викендот во Скопје се очекува променливо облачно и тивко време, со појава на магла, особено во утринските часови. Минималната температура ќе се спушта до -3 степени, а максималната ќе достигнува околу 8 степени.
Според УХМР, стабилното време ќе се задржи до вторник, по што кон крајот на денот и во следните денови се очекуваат повремени локални врнежи од дожд, а на планините и повисоките места врнежите ќе бидат од снег.
Македонија
Нема толеранција за узурпација: Скопје почна голема акција за расчистување на јавниот простор
Град Скопје започна сеопфатна акција за расчистување на бесправно изградените и узурпирани објекти, со цел заштита на јавниот интерес и обезбедување слободно, безбедно и достоинствено користење на јавните површини.
Како што информира градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, акцијата се спроведува без никакви отстапки и со јасна порака дека јавниот простор им припаѓа на граѓаните и мора да биде достапен за сите под еднакви услови.
„Нема толеранција кога узурпацијата на јавниот простор е во прашање. Започнавме голема акција за расчистување на бесправно изградените објекти и нема да има никакви отстапки“, напиша Ѓорѓиевски во објава на социјалните мрежи.
Тој посочува дека тротоарите, пешачките патеки и јавните простори не смеат да бидат заложници на лични интереси и дека повеќе нема компромис кога се во прашање узурпациите што го нарушуваат животот, движењето и безбедноста на граѓаните.
Според градоначалникот, акцијата ќе продолжи со силно темпо и ќе ја опфати целата територија на Скопје.
Воедно, тој ги повикува граѓаните активно да се вклучат и да пријават објекти што го окупираат заедничкиот простор, со цел да се изгради град во кој владеат ред, достоинство и еднаква пристапност за сите.
Македонија
Мицкоски најави две нови странски инвестиции од 80 милиони евра
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање, дали има најава за нови инвестиции во државата, информираше дека веќе има потврда за две нови странски инвестиции во вкупна вредност од околу 80-тина милиони евра.
„Па да, ние генерално, преговараме со многу компании коишто доаѓаат надвор од земјава, коишто ќе инвестираат во Македонија. Можам да потврдам дека веќе имаме потврда од две такви. Една турска, една германска, коишто вкупно ќе инвестираат околу 80-тина милиони евра. Извозот којшто двете заедно ќе го прават од Македонија ќе биде над 200 милиони евра и вкупно двете компании би требало да вработат некаде околу 1.000 вработени. Двете не се во автомобилската индустрија, туку во индустрија со висока технологија, што посебно нè прави горди“, изјави Мицкоски.
Премиерот очекува бројот на странски инвестиции во државата значајно се зголемат до крајот на годината.
„До крајот на годината очекувам уште најмалку три потврди, со што ќе го заокружиме овој циклус, а во следната година ќе продолжиме и на овој план да работиме, да ги поддржуваме домашните компании е наш приоритет, но, се разбира, и компании коишто доаѓаат од надвор, а коишто пројавуваат интерес да инвестираат тука, се добредојдени. Фокусот ни е малку да направиме диверзификација на тоа портфолио, да не биде само автомобилската индустрија, туку и ваков тип на инвестиции во висока технологија“, објасни премиерот.

