Македонија
(Видео) Митева: Дали Ветон Груби купува, а Артан Груби плаќа, ДКСК има должност веднаш да постапи
Ветон Груби купува, а Артан Груби плаќа. Вака некако изгледа врската во семејството Груби, а тоа најдобро се гледа по купувањето на дуќанот на улицата Македонија од страна на Ветон Груби и наплаќањето за туристички услуги од државните институции со кои раководи Артан Груби, изјави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Или математички тоа би изгледало вака: Ветон Груби купува за 6 милиони денари, а добива од државата или директно од брат му еден милион денари. Практично, 1/6 од тоа што дал Ветон Груби си наплатил од Артан Груби“, рече Митева.
Ова, според Митева, се отворени сомнежи за кои институциите треба веднаш да реагираат, особено затоа што ова директно се коси со правните одредби од Законот за спречување на корупцијата и судир на интересите.
„Доколку институциите не знаат по кој член треба да постапат, еве и тоа ќе им го посочиме. Имено, во чл. 72 ст. 1 од законот е наведено дека службеното лице во текот на вршењето на позицијата е должно да внимава на потенцијален судир на интереси, како и да преземе мерки за негово одбегнување. Ако одиме подетаљно, во истоимениот закон постои одредба со која Артан Груби би требал да информира за потенцијален судир на интереси. Но, тоа е невозможна мисија со оваа власт. Напротив, тие не се борат против корупцијата, туку се нејзини креатори.
Ветон Груби како сопственик на фирмата „ЕТЦ травел“ ДООЕЛ Скопје наплатил туристички услуги во вредност од 1 милион денари од државни институции, дури 8 пати. Се поставува прашањето дали целта била да се стигне до наплата од еден милион денари или, пак, целта било по секоја цена братот на Артан Груби да добие државни пари? Аздисаноста оди до таму што Владата, чиј втор човек е Артан Груби, префрла пари на „ЕТЦ травел“ на Ветон Груби три месеци по ред во 2020 година или, пак, во два наврата во временска дистанца од само 5 дена во 2021 година. Изгледа важно е секоја година по неколку трансакции да има кон „ЕТЦ травел“ на Ветон Груби.
Дали овие информации не се доволни на ДКСК веднаш, без одлагање, да постапи по нив и, конечно, да не биде институција што го констатира неправилното работење на власта, туку да преземе конкретни чекори. Зошто ДКСК веќе три дена молчи за овие сознанија, кои се јавно достапни и објавени на алатката отворени финансии, од каде што се гледаат сите информации за изведените трансакции. Дали повторно ДКСК ќе најде изговор дека немаат доволен кадар и средства за петминутна онлајн-проверка на отворените финансии?“, посочи Митева.
Таа обвини дека додека сите надлежни институции молчат, СДС и ДУИ ги претвораат државните институции во подружници на нивните фирми нагласувајќи дека државниот апарат се користи за да се создадат добри бизнис-услови за фирмите на луѓето од власта, а да се оневозможи развојот на сите други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Предлогот за минимална плата од 600 евра не помина во Собрание
Предлогот минималната плата да се зголеми на 36.960 денари (600 евра) од март не доби поддршка од пратениците од власта. Предлогот денеска беше на дневен ред на седницата на собраниската Комисија за економски прашања, труд и енергетска политика, откако официјално беше поднесен од пратеничката група на СДСМ.
Од опозицијата обвинија дека власта го одбила и предлогот за јавна расправа и разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата.
„Предлогот за изменување и дополнување на Законот за минималната плата, поднесен од пратениците на СДСМ денеска не беше прифатен на собраниската Комисија за економски прашања. За законот дебатираа само пратениците од опозицијата. Власта го одби и предлогот за јавна расправа, одби разговор меѓу синдикатите, работодавачите и Владата. Одбија решение за работниците. Одбија 600 евра минимална плата“, велат од СДСМ.
Според нив, власта има пари за луксузирање, за мебел, чанти, авион ама нема за поголеми плати за раотниците.
„Парите за авионот не е исфрлени, нема реабаланс на Буџетот, затоа што немаат намера да се откажат. Гледаме координирана кампања на 40% од медиумите кои ги држат во сопственост преку Орбан, со наратив дека „потребен е авион“. Не запираат. Има за авион. Има за мебел. Нема за плати. Дефокус не го полни фрижидерот. Со дефокус не можете да ја оттурнете главната тема и да ги оставите работниците без леб. Мислите дека со дефокус ќе се избрише сеќавањето на авионот, часовниците од 65.000 евра, чантите од 30.000 долари?“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
ДУИ обвинува за притисок врз судството: Изјавите на Филков за куќниот притвор се директно мешање во постапката
Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази длабоко незадоволство поради, како што наведуваат, заканите упатени кон судии и обвинители од страна на министерот за правда Игор Филков во неговото последно јавно појавување поврзано со куќниот притвор на поранешниот вицепремиер, Артан Груби.
Од партијата оценуваат дека извршната власт нема уставно право да сугерира како треба да функционираат судските органи и дека улогата на Министерството за правда е да го штити интегритетот и независноста на судството, особено во чувствителни случаи со засилена политичка поларизација.
„Министерот за правда, наместо да го заштити судскиот систем од партиска хистерија, дополнително го поттикнува тоа, создавајќи клима на однапред донесена пресуда и јавно испраќајќи пораки што вршат притисок врз обвинителите и судиите“, наведуваат од ДУИ.
Според нив, ваквите изјави претставуваат директно мешање во тековна постапка и сериозен удар врз правосудниот систем, со што се загрозува интегритетот на постапката и принципот на поделба на власта.
ДУИ го повикува министерот да се воздржи од понатамошно јавно мешање, а Министерството за правда, како што велат, преку јасна и одговорна комуникација да ја гарантира независноста на судството. Во спротивно, сметаат дека министерот треба да биде разрешен.
Партијата најавува дека ќе продолжи да го следи секое дејствие што, според нив, создава клима на линч и ќе ги информира своите стратешки партнери – САД, Европската Унија и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Реакцијата на ДУИ следува по прес-конференцијата на министерот за правда Игор Филков, кој побара отчетност и детално образложение за одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случајот со Груби, кој е под истрага за криминал вреден 8 милиони евра во Државна лотарија.
Филков посочи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое претходно бил утврден ризик од бегство, и јавно ги повика судскиот и обвинителскиот совет да утврдат дали има одговорност кај судијата и јавниот обвинител за одлуката за куќен притвор.
Македонија
Утре сончево време со температура до 16 степени
Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец (локално до 50 km/h), информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 6, а максималната ќе достигне од 9 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала до умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен, а во делови од котлината повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 13 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и сончево време со мала до умерена облачност и со пониски утрински температури.
Во четврток ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северен правец, поизразен долж Повардарието.

