Македонија
(Видео) Митева: Дуото Ковачевски ја донесе државата пред енергетски колапс
„Дуото Ковачевски ја донесе државата пред енергетски колапс. Енергетските капацитети работат со половичен капацитет, а и такви какви што се заради неспособноста и криминалот на власта го загадуваат воздухот и го загрозуваат здравјето на граѓаните, како што е случајот со РЕК Битола веќе неколку дена“ рече портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Таа посочи дека „само за споредба кога ВМРО-ДПМНЕ управуваше со ова претпријатие количините на јаглен на депонијата биле околу 400.000 тони. Проблемите во РЕК не се само со немањето на јаглен или неговата слаба калорична вредност, туку и технички. Имено сериозни се проблемите на филтрите на блоковите, а посебно на блок 2 кој е целосно запоставен во одржувањето. Затрупани се зоните во филтерот со пепел и земја“.
„Од реалниот приказ на ситуацијата може да се заклучи дека владата не е ниту одблизу подготвена за да се справи со енергетската криза. Наместо мерки за справување со кризата, сведоци сме дека има вишоци на енергија кои ЕЛЕМ ги продава на слободниот пазар наместо по пазарна цена по пониски цени, а преку тоа остварува профит некој снабдувач или фирма. За жал сето тоа врз грбот на народот“ вели Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Владата го усвои ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност
На денешната владина седница беше усвоен ревидираниот Акционен план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), во делот кој се однесува на роковите и институциите одговорни за спроведување на активностите.
„Работната група, составена од претставници на различни институции, која беше одговорна и за ревидија на Акциониот план на Стратегијата за транспарентност (2023-2026), од септември интензивно работеше на ажурирање на актуелниот план, со цел институциите да обезбедат уште по транспарентен пристап кон граѓаните“, соопштија од кабинетот на заменик-претседателот задолжен за политики на добро владеење, Арбен Фетаи.
„Транспарентноста е и останува приоритет на оваа Влада. Со оваа одлука обезбедуваме Стратегијата за транспарентност да се спроведува со забрзан ритам и со целосна одговорност“, рече тој.
Во финална фаза е и формирањето на новата Работна група за изработка на Стратегијата за транспарентност 2027-2029.
Македонија
Велковски: Насилството врз жената и семејното насилство не е приватна работа, тоа е општествен, културолошки и системски проблем
Заменик министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, присуствуваше на настан организиран по повод почетокот на 16 дена активизам против родово базирано насилство насловен „Од пријавување на насилство до спречување на фемицид – системски одговор“ од страна на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) во земјава.
Во своето обраќање Велковски се осврна на важноста на темата на која и покрај напредокот, сè уште бара внимание, посветеност и несопирлива борба.
„Насилството врз жените претставува директно нарушување на човековите права, и затоа секој од нас има одговорност да делува. Насилството врз жените и семејното насилство се појавуваат во најразлични форми и се присутни во сите општества – без исклучок. Некогаш се видливи, некогаш затскриени зад ѕидовите на тишината, но секогаш присутни. И затоа, молкот не смее да биде опција. Нашата обврска е да го препознаеме насилството, да реагираме и да делуваме,“ истакна Велковски.
Тој се осврна и на фемицидот како последна, најстрашна алка во синџирот насилство што започнува тивко – со навреди, омаловажување, контрола, закани – а преминува во физичко малтретирање, тешки повреди и, за жал, премногу често завршува со смрт.
„Овој проблем не е приватна работа на едно семејство. Тој е општествен, културолошки и системски проблем, кој бара координирана, стручна и долгорочна акција. Нашата држава веќе има изграден стабилен механизам за заштита од насилство, и радува фактот што јавната свест сè повеќе се буди,“ рече Велковски.
Тој информираше дека министерството работи на осумгодишна Национална стратегија за спречување и заштита од насилство врз жени и семејно насилство, со детално разработен акциски план за спроведување на мерките.
„Знаењето, алатките и законските механизми ги имаме. Но само заедно – институциите, невладините организации, локалните самоуправи, стручните лица и сите партнери – можеме да создадеме општество во кое жените ќе бидат безбедни,“ порача Велковски.
На крајот порача дека Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и Владата на Република Македонија, остануваат целосно посветени на обезбедување брза и ефикасна заштита, целосна поддршка за жртвите и ефикасна превенција.
Македонија
Владата именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште
Владата на денешната седница именува повереници за општините Маврово Ростуше, Гостивар, Центар Жупа и Врапчиште во кои што на локалните избори во октомври не беа избрани градоначалници поради недоволната излезност.
„Во врска со условот од член 132 став 2 од Изборниот законик за избор на градоначалници на општините да излезат една третина од вкупниот број на избирачи запишани во избирачкиот список за соодветна општина не е исполнет во општините Врапчиште, Гостивар, Маврово и Ростуше и Центар Жупа. Во однос на истото, согласно член 134 став 2 од Изборниот законик Владата за повереници за вршење на работите од надлежност на градоначалник за наведените општини ги именува: Онер Јакупоски за повереник за Општина Маврово Ростуше, Аријан Ибраим за повереник за Центар Жупа, Буњамин Кадриу за Врапчиште и Фадил Џелили за Гостивар“, соопштија од Владата.
Изборите во овие општини ќе се одржат на 11 јануари 2026 година.

