Македонија
(Видео) Митева: Македонија не напредува на патот кон ЕУ зашто има голема корупција и недостиг на реформи
Во вчерашната објава на агенцијата „Ројтерс“ ноторно е дека Европската Унија не се согласува со гаранции за членство на земјите од Балканот во Унијата повикувајќи се на интерен документ, посочи на денешната прес-конференција портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Според неа, зад заклучоците што ги пренесе британската новинска агенција има две работи, кои се факти.
„Прво, можниот отпор за проширување од некои членки на Унијата е затоа што РМ во изминатите години не напредува. И, второ, Македонија не напредува затоа што со оваа Влада тоа е невозможно“, заклучи Митева.
Таа нагласи дека Владата на СДСМ со години манипулира со граѓаните во однос на прашањето за евроинтеграцијата и, како што рече, сме добиле дури четири датуми.
„Од друга страна, министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, само неколку часа по објавувањето на отрезнувачкиот текст на ‘Ројтерс’, рече дека ЕУ станала многу тешка за менаџирање и дека евентуалното проширување со уште пет или шест земји би создало дополнителен хаос во европското семејство. Ништо подобра не беше ниту реакцијата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, кој истакна дека пораката од ЕУ не е добра, но дека нема ништо ново во неа“, посочи портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ.
Митева нагласи дека нејзината партија може со јасни дипломатски приоритети и активности да го развиве евроинтеграцискиот пат во согласност со меѓународните стандарди, но на принципиелна основа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Илинден, Карпош, Кисела Вода и Гази Баба денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:20 – 14:20 часот, корисниците од дел од с. Марино, општина Илинден;
· од 09:00 – 15:00 часот, корисниците на ул. Козле, крак 2, општина Карпош;
· од 10:00 – 13:00 часот, корисниците од улиците: 1511 и 1512, (позади Автосервисот – Мечкаров), општина Кисела Вода;
· од 11:00 – 14:00 часот, корисниците од дел од ул. Коце Металец, општина Гази Баба.
Македонија
Претпладне магла, во текот на денот сончево со мала облачност
Сончево со мала до умерена локална облачност. Во утринските и претпладневните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе биде во интервал од -6 до -2, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, претпладне во делови од котлината ќе има појава на магла. Во текот на денот времето ќе биде сончево со мала облачност и претежно тивко. Минималната температура ќе се спушти до -5, а максималната ќе достигне до 8 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на седмицата времето ќе биде сончево со мала до умерена облачност и претежно тивко. Во утринските и ноќните часови по одделни котлини и речни долини ќе има појава на магла.
Македонија
Делови од Центар и Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект на булеварот Св.Климент Охридски (спроти Соборен Храм), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на потегот од крстосницата со Партизански Одреди до паркинг ЈАТ, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
Исто така денеска поради реконструкција на водоводна цевка Ф 300мм. на улица Бањалучка 10 со прекинато водоснабдување ќе бидат корисниците од улицата Бањалучка, Осло, Будимпештанска, Урош Ѓурович, Љубица Георгиева дел од улица Женевска и Васил Чакаларов. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување на работните активности.

