Македонија
(Видео) Митева: Методите на СДС за заплашување се залудни, вештачењето е документ лично од Славјанка
Реакцијата на власта за наводна одбрана на Славјанка Петровска е уште еден доказ за нивните манипулативни методи, со кои се обидуваат пред се да ја сокријат вистината, а со тоа да презентираат лажна жртва на министерка од нивната влада, истакнува портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
„Жестоко и бурно се спротивставуваме на обидите пратеникот Драган Ковачки да биде обвинет за наводна злоупотреба на нечија дијагноза, од причина што тоа што беше презентирано од негова страна е дел од вештачење кое патем го нарачала самата Славјанка со цел нејзината тужба за клевета кон пратеникот Драган Ковачки да делува по веродостојно и вистинито за што бара наплата од 10.000 евра.
Вештачењето самата Славјанка го нарачала, а документот кој пратеникот Ковачки го читаше од собраниска говорница не го направил по сопствено барање, ниту го добил од истрага, туку го добил тоа психијатриско вештачење како документ лично од Славјанка Петровска, кое ако се прочита такво какво што е, таа треба да си поднесе оставка, ако не е нејзината состојба таква каква што е наведена“, вели Митева.
Втората можност, како што појаснува, е министерката за одбрана свесно, да извршила влијание над специјалистот психијатар, да направи извештај во кој што ќе ги преувеличи нејзините последици после медиумското соочување со пратеникот Ковачки, а се со цел да самата министерка го добие судскиот случај и паричното побарување од 10.000 евра.
Според неа, јавниот интерес се состои од тоа што додека Славјанка Петровска не пријавила имот и лаже на национални телевизија дека не поседува имот кој што не е пријавен во анкетен лист беше демантирана и презентирано на јавноста од страна на пратеникот Драган Ковачки.
„Добро познатите методи на СДС за замолчување и заплашување беа применети и од Славјанка Петровска кон пратеникот Драган Ковачки со поднесување тужба за клевета за овој случај. Воедно да биде ситуацијата полоша од актуелната потврдува и фактот што пред само неколку дена на друга телевизија во интервју, Славјанка Петровска потврди дека адресата на живеење се води на имот во Радишани, а истиот тој имот не е пријавен во ДКСК.
За ова почитувани, ВМРО-ДПМНЕ ниту сега, ниту во иднина нема да молчи, а на СДС им порачуваме дека залудни им се обидите некого да го обвинат за шовинизам додека, истата таа личност која што обвинува лажно морализира.
СДС со начинот на кој што ги злоупотребува сопствените жени министерки во владата и лажно ги претставува за жртви, уште еднаш докажа дека не допринесува за вистинска родова рамноправност, која во ниеден случај не подразбира заштита на жената само заради тоа што е жена, туку подразбира еднаквост, правичност и почитување врз база на остварени резултати, и чесни постапки во политиката“, потенцира Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајниот хаос во центарот ќе се намали за најмалку 30 отсто
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска официјално го означи почетокот на градежните активности на булеварот Македонија, проект за кој, како што рече, со години се зборувало, но без конкретна реализација.
Ѓорѓиевски истакна дека стартува првата фаза, која треба значително да придонесе за растоварување на сообраќајот во централното градско подрачје, со проекција за намалување на сообраќајниот метеж за најмалку 30 проценти. Првата фаза, според најавите, ќе се реализира во рок од 90 дена.
Тој најави дека веќе наредната недела ќе започне тендерската постапка за втората фаза, која ќе опфати изградба на два нови кружни текови и влез во подземна сообраќајница. Целта, како што рече, е да не се губи време и втората фаза да започне веднаш по завршувањето на првата.
Во рамки на првата фаза се предвидува проширување на дел од постојните сообраќајници, уредување на просторот, изградба на нова атмосферска канализација и поставување на 60 нови шахти, со што ќе се решава и проблемот со атмосферските води во овој дел од градот. Проектот вклучува и проширување на улицата „Пролет“, нов приклучок и крак кон булеварот „Борис Трајковски“, како и проширување и нов крак кон улицата „11 Октомври“.
Ѓорѓиевски изрази уверување дека по истекот на 90 дена ќе биде пресечена лентата за завршување на првата фаза и нагласи дека до крајот на неговиот мандат ќе вложи максимални напори, заедно со својот тим, целата сообраќајница со должина од околу два километри целосно да биде завршена. Проектот, според него, претставува еден од најзначајните за главниот град и дел од ветувањата дадени пред граѓаните.
На крајот, градоначалникот со симболична забелешка посочи дека речиси секој значаен проект што го започнуваат заедно со претседателот на Владата е проследен со дожд, што, како што рече, го доживува како добар знак и бериќет за брза и успешна реализација на градежните активности.
Македонија
СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ се скараа за дрогата која била набавена во Македонија
Опозициската СДСМ денеска со остро соопштение реагираше по заплената на околу пет тони дрога во Србија, наведувајќи дека наркотиците пристигнале преку Македонија и дека станува збор за, како што велат, „картелски скандал од огромни размери“.
Од СДСМ посочуваат дека меѓу уапсените лица има и косопственик на македонска фирма, што, според нив, отвора сериозни прашања за одговорноста на институциите и можната вмешаност на државни структури.
„Како е можно пет тони дрога да поминат преку македонската граница, а Владата да молчи? Без поддршка или затворање очи од структури во власта и институциите, ваков шверц е невозможен“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвратија:
СДСM прашуваат како поминала дрогата? Одговорите на овие прашања нека ги постават кај познатиот сопственик на фабрика за марихуана Зоран Заев, независно дали се наоѓа во Струмица или на трошење на пари во сигурниот Дубаи. Директен линк со него има Венко Филипче.
Македонија
Сообраќајот во зимски услови по влажни коловози
Поради врнежи од снег се уште е во сила забраната за тешки товарни возила и автобуси воведена од 9:20 часот утрово на патниот правец крак Шипковица-Попова Шапка, соопшти АМСМ.
Сообраќајот на остаматите државни патишта се одвива во зимски услови по влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот. Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат во Крушево, Попова Шапка и Маврово и на планинските превои Стража и Ѓавато и на патниот правец Берово-Струмица.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година. Патниот правец Охрид – Ресен преку националниот парк Галичица од 21.11.2025 до 31.03.2026 година се затвора за сообраќај за сите видови возила.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

