Македонија
(Видео) Митева: МОН на над 100.000 основци и средношколци ќе им исплати парична помош за 4 месеци
Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ од денеска почнува со исплата на неисплатената финансиска поддршка за учениците од основните и средните училишта во износ од 1.200 и 1.800 денари месечно за преостанатите 4 месеци во кои граѓаните не ги видоа ветените пари од претходната влада, објави портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева.
Како што рече, станува збор за паричен надоместок, кој како и сè друго остана нереализиран иако за регулирањето на оваа мерка беше донесено и законско решение. Закон што самите не го почитуваа.
„Информирам дека уште на првиот работен ден од мандатот, министерката за образование и наука, Весна Јаневска ги задолжи надлежните сектори да направат детален преглед на нереализираните финансиски обврски за секој еден ученик чие семејство ги исполнува условите и има поднесено апликација за остварување на ова право. Врз основа на доставениот извештај, се направи план со динамика на исплата којa започнува од денес.
Согласно анализата, се работи за над 100 илјади ученици, од кои 70 илјади основци и 30 илјади средношколци. Најголем дел од нив, имаат добиено паричен надоместок за еден, односно два месеци, поточно за декември 2023 година и за јануари годинава.
Преостаната е исплата за четири месеци и како што посочивме, започнуваме етапно од денес. Општина по општина, се подготвуваат налози за плаќање и ги замолуваме граѓаните за трпение, додека целиот износ биде надоместен. Најпрво ќе ги исплатиме надоместоците за февруари и март, а потоа за април и мај, со што целосно ќе го завршиме тоа што им следува на граѓаните, но, за жал, останува само една од низата на манипулации заради кои и катастрофално власта замина и беа поразени.
Наместо краткорочни неквалитетни решенија, сакам да најавам дека новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди континуирана и системска поддршка за олеснување на воспитно-образовниот процес и на учениците и на родителите и старателите. А квалитетот на образованието ќе биде меѓу врвните приоритети на кои силно ќе се посветиме“, рече Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.
Македонија
Сиљановска-Давкова-Грлиќ Радман: потврдена подготвеноста на Хрватска да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Гордан Грлиќ Радман, министер за надворешни и европски работи на Република Хрватска, кој престојува во официјална посета на земјава.
Обајцата го потврдија цврстото македонско-хрватско пријателство коешто двете земји го негуваат повеќе од 3 децении, втемелено на взаемна почит и разбирање и реализирано низ политички дијалог и конструктивна соработка.
Претседателката искажа искрена благодарност за хрватското отворено и континуирано разбирање и поддршка на македонската интеграција, како и на принципиелниот став на Хрватска дека проширувањето на Унијата со Западен Балкан треба да се темели на реални заслуги, без билатерализација и вето.
Министерот Радман ја потврди подготвеноста на неговата држава да придонесе кон забрзување на македонскиот евроинтеграциски процес во рамките на Копенхашките критериуми, потенцирајќи дека македонската држава доби статус на кандидат за членство во ЕУ во март 2005 година, односно неколку месеци пред Хрватска.
Соговорниците очекуваат дека партнерството дополнително ќе се зајакне со Договорот за стратешка соработка со Владата на Република Хрватска, како и со претстојната официјална посета на Претседателката Сиљановска-Давкова на пријателска Хрватска, кон крајот на март.
Македонија
Уапсен тетовец: осомничен за лажни дојави за поставени бомби во образовни институции
Утрово во 09:10 часот во с.Палатица, тетовско, полициски службеници од одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Министерството за внатрешни работи во координација со полициски службеници од СВР Тетово го лишиле од слобода М.Р.(18) од село Палатица.
Тој се сомничи дека во повеќе наврати испраќал електронски пораки на повеќе образовни институции во Тетово дека во институциите има поставено експлозивни направи.
Полицијата соопшти дека по преземени мерки и извршени проверки е констатирано дека сите дојави за поставени бомби биле лажни.
Денеска, со сдуска наредба, бил извршен и претрес во неговиот дом во селото, при што биле одземени повеќе електронски уреди.
Лицето било приведено во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случаите, во координација со јавен обвинител против него ќе биде поднесена соодветна пријава.

