Македонија
(Видео) Митева: СДСМ нема отчет затоа што нема ништо сработено, се служи со навреди и манипулации кон граѓаните
Над 120 милиони евра за проекти на градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ. Важни проекти за единиците на локалната самоуправа, каде власт е ВМРО-ДПМНЕ се одвиваат секојдневно. Нови булевари, улици, надвозници, се само дел од проектите кои опфаќаат најмногу средства, дури 36 милиони евра. Дополнително, во водоводна и канализациската мрежа се инвестираат 20 милиони евра. Се градат нови градинки, се реконструираат училишта и се вложува во нивно опремување. Силно се поддржуваат спортот, културата и ранливите категории на граѓани. Со ВМРО-ДПМНЕ никој не е заборавен. Сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ на политичкиот саем докажаа дека имаа исклучително квалитетна година. 365 дена работа, проекти, импозантни резултати, повеќе од 120 милиони евра инвестирани или во фаза на инвестиции се капиталните проекти кои се реализирани од градоначалниците на ВМРО-ДПМНЕ. Иако СДСМ ги остави општините со големи долгови и апатична администрација во голем број на општини, сепак се реализираше се што е ветено, изјави Марија Митева на денешната прес-конференција.
„Искрено жалиме што градоначалниците на СДСМ немаат ниту еден отчет за сработеното, ниту за Струмица, ниту за Центар, за Делчево, Берово, Валандово и останатите општини. Доколку имаа отчет за сработеното тогаш многу лесна ќе беше улогата на јавноста да спореди и да се увери во сè што зборуваме. Причината зошто СДСМ се служи со навреди, лаги и манипулации е резултат на нивната нервоза, не умеење да направат нешто за доброто на граѓаните на Македонија, но СДСМ треба да се свесни дека со ваквиот начин го навредуваат македонскиот граѓанин. Додека, пак, ВМРО-ДПМНЕ со гордост, на дводневен политички саем зборуваше за проекти во секое едно населено место, маало, населба и општина.
Во Струмица не очекуваме промени, таму продолжи политиката на Зоран Заев. Во општина Крива Паланка хаосот на власта којшто се случува на централно ниво се пресликува и на локално ниво, за Крива Паланка слободно можеме да кажеме дека стана град без иднина и без надеж. Валандово во последната година дури и да нема реализиран капитален проект, најголем проблем е невработеноста и потфрлувањето во локалниот економски развој.
Затоа почитувани, СДСМ нема отчет за сработеното, но ние продолжуваме со работењето, продолжуваме со реализација на ветеното, а резултатите ќе бидат тие кои што ќе ја донесат промената“, порача Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Забрана за камиони на неколку патни правци поради врнежи од снег
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на повисоките места, во западните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот, извести АМСМ
Врнежи од снег со променлив интензитет се бележат на Попова Шапка, во Маврово и на планинскиот премин Стража. На планинскиот премин Буково врнежите се од дожд и снег.
Поради врнежи од снег воведена е забрана за сообраќај за тешки товарни возила на патниот правец Гостивар – Кичево преку планинскиот премин Стража, како и на патниот правец крак Маврово – Дебар.
На патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за сообраќај за автобуси, а за останатите видови на возила задолжителна е употреба на зимска опрема.
Македонија
Делови од Илинден, Ѓорче Петров и Кисела Вода денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· во периодот од 08:30 до 13:00 часот дел од улицата 19 во населба Илинден, oпштина Илинден;
· во периодот од 08:30 до 14:00 часот дел од корисниците во населба Волково, поточно улиците: 95, 100, 101, 102 и 103, општина Ѓорче Петров;
· во периодот од 08:30 до 14:30 часот дел од корисниците на улицата Јустинијан Први во село Драчево, поточно делот од Маркет – Вајота кон село Студеничани, општина Кисела Вода;
· во периодот од 09:00 до 14:00 часот дел од улицата Герника, општина Кисела Вода.
Македонија
Дел од Центар денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради изведување на водоводен приклучок ф-125мм на улицата Светозар Марковиќ бб, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од улицата Светозар Марковиќ и дел од булеварот Кочо Рацин, вклучително и објектот на Веро Џамбо, општина Центар.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.

