Македонија
(Видео) Митева: Скандалот на власта за „Чебрен” ќе нѐ чини 100 милиони евра, да одговорат зошто се повикуваат на одлука која е неважечка
Според портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, економските параметри во Македонија се кои од кои полоши.
„Галопирачка инфлација, нови 500 милиони евра задолжување, уништен животен стандард на граѓаните, но затоа власта во заминување е заглавена во криминал и корупција во секоја сфера. Новиот скандал за изградба на ‘Чебрен’, со кој се загрозува и енергетскиот суверенитет на Македонија, се пресметува во стотици милиони евра“, вели таа.
„Првата одлука на Владата е одлука за почнување постапка за доделување концесија за изградба на проектот ‘Чебрен’, објавена на 17.1.2020 година. Во оваа одлука, конкретно во членот 5, се наведени процедурата и условите што ги донела Владата и таму е пропишано дека државата ќе ѝ ја подари ХЕЦ ‘Тиквеш’ на компанијата што ќе ја добие оваа набавка по три месеци од датумот на почнување на изградбата.
Втора одлука се носи веќе во февруари истата година, само еден месец подоцна, од страна на техничката Влада на Оливер Спасовски и оваа одлука е за изменување на претходно донесената одлука, со што со новиот акт членот 5 ставот 3 се брише. Практично, Владата на Спасовски ја модифицира одлуката на Владата на Заев.
Она што е фрапантно е што тие во повикот за доделување концесија се повикуваат на поништената одлука, но модифицирана. Односно, поништената одлука или првата одлука што ја донела Владата вели дека државата на добитникот ќе му ја отстапи ХЕЦ ‘Тиквеш’ за три месеци откако ќе почне градбата“, додава Митева.
Појаснува дека Владата на Ковачевски повикот го спроведува на непостојна одлука.
„Имено, објавениот јавен повик во 2023 година е врз основа на одлука, која е изменета, односно во јавниот повик повторно се појавува ХЕЦ ‘Тиквеш’ како хидроцентрала што државата ја отстапува иако не би требало да се појави бидејќи тој дел е избришан и променет од Владата на Спасовски.
На 14 септември 2023 година се носи одлука на Влада, каде што се избира најповолен понудувач за „Чебрен“, односно грчкото електростопанство. Владата во таа одлука се повикува и на двата службени весника, каде што се објавени претходните одлуки, и онаа во која се вели дека ја дава „Тиквеш“ три месеци откако ќе почне градбата и онаа во која тоа се брише.
Се поставува прашањето: Која од овие одлуки е важечката по која е распишан повикот и добиен тендерот, кои услови се применувани, зошто се појавува различно толкување на отстапување или не отстапување на ХЕЦ „Тиквеш?“ Дали три месеци по почнување на градбата или три месеци по пуштање во функција на хидроцентралата „Чебрен?“, прашува Митева.
Ова, според неа, е скандал за кој власта се надева дека никој нема да го разбере, ниту ќе го забележи, нивната игра со законските акти е веќе добро позната, но за ова одговорност ќе има.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
АХВ: Уништени над 1 тон небезбедна храна од продавниците за здрава храна
Илјада и десет килограми небезбедна „здрава храна” уништија инспекциските служби на Агенција за храна и ветеринарство кај 14 оператори во рамки на 373 контроли спровдени неделава, кај оператори именувани како објекти за производство и промет со здрава храна, соопшти АХВ.
Со контролите утврдено било дека 14 оператори воопшпто не биле регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
За утврдените недоследности со контролите, биле издадени 65 решенија, 19 опомени и 44 парични казни, во вкупна вредност од 20.550 евра.
„Кај 9 оператори со контролите утврдени биле незадоволителни хигиенски и технички услови во објектите, кај 7 била пронајдена храна со поминат рок на употреба. Кај двајца оператори најдена била и храна со непознато потекло. Несоодветно означена била храната кај 18 оператори, а кај 23, вработените немале спроведено задолжитрелен здравствен преглед. Двајца од операторите немале воспоставени процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, или не воделе соодветни записи. Кај исто толку оператори не била извршена задолжителна дезинфекција, дезинсекција и дератизација во објектите“, пишува во соопштението на АХВ.
Македонија
СДСМ: Наместо луксуз на власта со авиони, да се пренаменат пари за 600 евра минимална плата
Животот во Македонија станува сѐ поскап, работниците едвај врзуваат крај со крај, а власта сѐ луксузира врз грбот на народот, велат од СДСМ.
„Според последните податоци, синдикалната кошничка во февруари достигна 67.400 денари. На едно четиричлено семејство не му се доволни ниту 3 минимални плати месечно за да ги покрие основните потреби. Над 200 илјади работници земаат плата под 30.000 денари. Со сегашното ниско ниво на минимална плата не можат да се покријат трошоците за основни потреби, храната, сметки.. Тешкото секојдневие, високите сметки и поскапувањата ги доведоа работничките семејства на раб. И додека граѓаните се борат за корка леб, премиерот Христијан Мицкоски се луксузира на сметка на народот – со владини авиони, со скапи часовници од 60 илјади евра. Време е да се укине луксузот на власта, а работниците да добијат достоинствени плати, какви што заслужуваат. Бараме парите што власта ги планираше за нов авион да се пренаменат за минимална плата од 600 евра за сите работници. Нема повеќе оправдувања дека „нема пари“. Имало пари за нов авион, за мебел, за уредување кабинети, за службени автомобили. Нека направат ребаланс на Буџетот и нека ги пренаменат парите за плати. Доста е расфрлање со милиони за авиони – мали или големи – додека народот тоне. Доста е луксуз на грбот на народот“, стои во соопштението на СДСМ.
Македонија
Обвинителство: Забрана за две правни лица од Велешта да вршат ископ во близина на изворите за вода за пиење во Шум
Преземајќи истражни дејствија по наредба на Основното јавно обвинителство Струга за испитување на причините за загадувањето на водата од извориштето во селото Шум, истражните органи затекнаа работни машини на две правни лица од Велешта кои вршеле кршење, ископ и транспорт на карпи во поголем обем во непосредна близина на изворите, информираат од Обвинителството.
Како што се наведува во соопштението, поради сомненија за кривични дела – Незаконита експлоатација на минерални суровини од член 225-а и Загадување на водата за пиење од член 219 од Кривичниот законик, надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка веднаш достави предлог за определување мерки на претпазливост – забрани на правните лица да ги посетуваат парцелите каде вршеле ископ и забрана да преземаат какви било работни активности на подрачјето.
Основното јавно обвинителство Струга продолжува да презема дејствија за обезбедување докази и испитување на евентуална кривична одговорност во однос на енормното загадување на изворите во Шум од каде подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење, стои во соопштението.

