Македонија
(Видео) Митева: Цените на основните продукти двојно зголемени
Цените на основните продукти двојно се зголемени, плата од 20.000 денари денес, е како плата од 10.000 денари лани. Ова не е само политичка констатација, ова го кажуваат цените на рафтовите. И за ова не се виновни само некои трговци како што тоа сакаат да го прикажат Ковачевски и Битиќи, туку и самите тие, кои се 5 години на власт, вели Марија Митева, портпаролка на ВМРО-ДПМНЕ.
„Пред една година литар масло се купуваше за цена од 60 денари, сега истото тоа масло од ист произведувач чини над 160 денари. Килограм шеќер пред една година чинеше 35 денари, сега чини над 60 денари, ист е и случајот со брашното и млекото. Еден леб пред една година чинеше 20-ина денари, сега тој се продава и до 60 денари. Ова се цените на основните животни продукти и буквално сите бележат 100 % зголемување“, изјави Митева.
Ова, како што додаде, е реалната инфлација, која е речиси 100 %. Основните продукти што се неопходни за прехранување едно семејство, оценува Митева, се со двојно повисоки цени сега за разлика пред една година.
„И зошто е виновна власта? Затоа што Македонија во 2016 година имала доволно произведено пченица за задоволување на домашните потреби, а сега нема и увезува над 60.000 тони годишно. Тоа влијае на цената на брашното, лебот и на белите печива. Како што има пад во производството на пченица, така има и пад на произведената сточна храна, што влијае на поскап увоз и по неконкретно домашно сточарство, тоа се поскапи млеко, месо и јајца. Лошиот однос на СДСМ кон домашното производство придонесе народот да не може да се прехрани“, потенцира портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција.
Одговорноста за ова, како што додаде, е директно на конто на СДСМ. „Ги осиромашија државата и народот. Премногу е, затоа протест за промени и предвремени парламентарни избори“, нагласи Митева.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.
Македонија
(Фото) Силниот ветер откорна покрив во училиште во Гевгелија
Преку Единствениот број за итни повици 112 е примена пријава дека поради силен ветер летнала лимената конструкција од покривот на основното училиште „Јосиф Јосифовски“ во Гевгелија, соопшти Центарот за управување со кризи.

Според информациите, нема повредени лица. Побарана е интервенција од службени лица од МВР, како и од надлежните институции.

Силниот ветер направи проблеми и во Скопје. На шест локации се пријавени паднати дрвја и искинати кабли, при што е причинета материјална штета на повеќе автомобили.
За состојбата се известени СВР Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, кои преземаат мерки во рамки на своите надлежности.

