Македонија
(Видео) Митева: 61% од граѓаните сметаат дека во Македонија нема демократија
Спопред портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ, Марија Митева, анкетите на јавното мислење се дизајнирани така што имаат за цел да ги претстават мислењата и довербата на граѓаните во различни сфери и области. За жал, како што вели, последните истражувања од анкетата на „Евротинк“ имаат безброј индикатори од кои може да се заклучи едно – неспособноста и криминалот на СДС и ДУИ од една страна комплетно ја уништија довербата на граѓаните во системот, а од друга страна го зголемија евроскептицизмот.
„Едно од прашањата што го разгледува ова истражување е какви се ставовите на граѓаните за демократијата во Македонија? Резултатот е следен – 61% од граѓаните сметаат дека во Македонија нема демократија што е изразено преку најслаби оценки, со единица и двојка. Оваа неспособна власт постојано зборува за наводно почитување на демократијата, слободата на говор, почитување на човековите права, додека во реалноста се случуваат рангирања на Македонија во хибриден режим, до навредување на медиумите и нивната уредничка политика и ограничување на слободата на говор.
Она што дополнително е застрашувачки е што хронолошки гледано во анкетата енормниот пад за демократијата се случува за само две години, од 2020 до 2022 година, за дури 25,5% пониска доверба.
Воедно, власта е таа која постојано сака да споредува состојби во Македонија од пред и потоа, па еве уште еден доказ за тоа. Во 2015 година 32.9% од испитаниците сметале дека во Македонија има демократија наспроти овие само 16% денес“, додава Митева.
Оценува дека поразителни бројки следуваат и понатаму. 72% проценти од граѓаните во Македонија како што појасни сметаат дека државата се движи во целосно погрешна насока.
Додава дека со овие показатели Македонија не може да оди напред, граѓаните не живеат подобро, напротив од ден на ден се зголемува разочараноста, сиромаштијата расте, животот станува потежок за сите нас додека овие од власта се обидуваат да купат ден или месец повеќе за богатење и за нови бизниси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

