Македонија
(Видео) Митрески: СДСМ бара Kомисијата за деловнички прашања да биде свикана за одлуката на Гаши за законот за бранители
Денес, како потпретседател на Собранието, предложен од најголемата опозициска партија, врз основа на член 62, став 4 од Деловникот, преку архивата доставив допис, барање до претседателот на Собранието, господинот Африм Гаши, да ја задолжи Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања и да свика седница на која ќе се толкува примената на член 126 став 3. Бидејќи апсолутно не се согласувам со образложението на претседателот за овој член од дДеловникот, го доставив наведеното барање, изјави Јован Митрески од СДСМ.
„Ако врз основа на истиот член господинот Африм Гаши ја свика Комисијата за финансирање и буџет за задолжувањето од Унгарија, што реално е и негова деловничка обврска, тоа може да го направи и со законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили.
Пред речиси 10 дена координаторот на пратеничката група на СДСМ, господинот Оливер Спасовски, поднесе барање до претседателот на Собранието да достави образложение за тоа дали и кога ќе ја свика седницата на Комисијата за разгледување на овој закон по истиот терк како што беше свикана и Комисијата за финансирање и буџет“, истакна Митрески.
До овој момент, како што информира, образложение или одговор нема и, најверојатно, нема ни да има.
Според него, имало некакви образложенија пратени до јавноста за кои, како што рече, воопшто немаат смисла, ниту се во согласност со Деловникот ниту имаат допир со реалноста.
„Затоа, ако претседателот на Собранието, Африм Гаши, е сигурен во своето образложение, бараме да се свика Комисијата за деловнички имунитетни и мандатни прашања и таму да ги судриме аргументите.
Ова е шанса и на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да докажат дека реално се залагаат за решавање на овој проблем, а нивната заложба не е само декларативна“, прецизира Митрески.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

