Македонија
(Видео) Мицевски: СДСМ и ДУИ гласаа против зголемување на пензиите за 20%
Денеска на пленарна седница имавме можност да го видиме односот на СДСМ и ДУИ, односно како владејачкото мнозинство се однесува кон сите категории граѓани, особено кон пензионерите, категорија на граѓани која најтешко ги поднесува овие кризи и состојби во државата, изјави Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој додаде дека имаме пораст на цените на одредени производи, како и на електричната енергија поради тоа пензионерите може да западнат во една критична група на граѓани коишто тешко го поминуваат месецот.
Од таа причина пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ поднесе законско решение со кое бара зголемување на вкупниот износ на исплата на сите видови пензии за април за 20%.
Мицевски истакна дека по реакции на одредени групи граѓани, односно пензионери, размислуваат на комисиска расправа да дискутираат за можноста за зголемување на пензијата линеарно по 3.000 денари за секој граѓанин, за да нема голема разлика во зголемувањето на пензиите.
„Меѓутоа, за жал, овој материјал или овој закон владејачкото мнозинство го изгласа против, за да не може за истиот да се дискутира на пленарна седница денес.
Со жалење можам да констатирам дека владејачкото мнозинство едно зборува, а друго прави. Можноста да изгласаме законско решение и почеток на разговори за законско решение за зголемување на пензиите на пензионерите за 20% беше денес пред пратениците, меѓутоа пратениците од СДСМ и ДУИ гласа против ова законско решение“, изјави Мицевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Јаневска на Саем за образование и кариера: одлична идеја за промоција на македонското високо образование
Министерката за образование и наука, Весна Јаневска присуствуваше на отворањето на Саемот за образование и кариера 2026, што трета година по ред го организира студентската иницијатива Студентарија во соработка со Скопје Сити Мол. Во своето обраќање преку присутните посочи дека станува збор за одлична идеја за промоција на македонското високо образование и за поврзување на високообразовните установи со компаниите и бизнис секторот, а со крајна цел – олеснување на младите во изборот на областа каде ќе се надградуваат и работат.
„Гледам млади луѓе во голем број – средношколци кои треба да одлучат на крстопатот во кој правец ќе се движат, студенти кои ќе продолжат да се надградуваат, а некои се во потрага по можности за вработување и кариера во сопствената земја. Од друга страна, има и компании кои им ги нудат тие можности на младите и јас во оваа прилика ги повикувам и сите останати да ги отворат вратите, да ги подобруваат материјалните и нематеријалните услови за работа, бидејќи само така ќе ги задржиме во нашите граници и ќе им овозможиме да успеат лично и да придонесат за нејзиниот развој“, рече Јаневска.
Министерката посочи дека верува во подобра иднина за македонското високо образование, а тоа е цел за која Владата интензивно се заложува во досегашниот тек на мандатот.
„Ќе ја постигнеме оваа цел преку континуиран раст на буџетот и преку усвојување и спроведување на ново законско решение, кое е во фаза на подготовка во заедништво со универзитетите и пошироката јавност. Истиот ќе воспостави ред, нови студиски програми, модернизација на постојните, поголема меѓународна соработка, подобар студентски стандард и раздвижување на научната дејност“, додаде Јаневска.
Изрази очекувања дека саемот ќе прерасне во традиција и ќе биде успешен затоа што, како што рече, се работи за иницијатива на млади луѓе од Македонија кои ја сакаат државата, и се посветуваат за подобрување на состојбите во својата татковина и на задржување на новите генерации во овие граници.
Македонија
Ѓорѓиевски-Варнс: борбата против корупцијата, демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа во фокусот
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски денеска оствари средба со вршителката на должноста шеф на мисијата во Амбасадата на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс.
На средбата беше изразена подготвеност за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на борбата против корупцијата, унапредувањето на демократските процеси и зајакнувањето на учеството на граѓаните во локалната самоуправа.
Градоначалникот ги презентираше и тековните проекти на Град Скопје во областа на сообраќајната инфраструктура, јавната хигиена и зелените површини.
Соговорниците разговараа и за продлабочување на соработката меѓу збратимените градови преку образовни и културни размени, како и за реализација на идни заеднички проекти насочени кон подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.
Македонија
Герасимовски: Стихови и музика во Центар, објавен е јавен повик за реализирање на Светскиот ден на поезијата
Општина Центар објави Јавен повик за реализација на проектот „Светски ден на поезијата“, со цел достојно одбележување на 21 Март, денот кога ширум светот се слави поетскиот збор.
Настанот има за цел да ја афирмира македонската поезија, да ја истакне нејзината вредност и да го потврди безвременскиот карактер на делата на македонските поети.
Во рамките на проектот се предидени содржини што ќе го спојат поетскиот израз со соодветна музичка поддршка, создавајќи автентично уметничко доживување за публиката.
„ Општина Центар особено внимание посветува на проектите од областа на културата , афирмацијата на македонскиот јазик и творешвото. 21 Март, Светскиот ден на поезијата, но и на пролетта, ќе го прославиме со стихови и музика, како што доликува. Ги повикувам сите креативци, љубители на поетскиот збор да се пријават и да ни се приклучат во организирање на овој убав настан“, рече градоначалникот Горан Герасимовски.
Рокот за поднесување на пријавите е 5 дена од денот на објавување на Јавниот повик на веб-страницата на Општина Центар.

