Македонија
(Видео) Мицкоски во посета на семејство на една од жртвите во пожарот: „Случајот се забошотува“
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска беше во Тетовско, каде што во селото Нераште оствари посета на семејство на една од жртвите во изгорената модуларна болница.
Како што објасни тој, разговарал со двајца синови на мајка која што е жртва на настанот.
„Сега само забошотуваат, не бил крив овој, па кој е крив? Немале дозвола за градба, ни противпожарна заштита, ништо…“, рече Мицкоски во разговорот со роднините.
Еден од роднините му кажува на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека во соба во модуларната болница наводно имало проблем со струјата, една недела пред пожарот.
На социјалните мрежи, каде што е објавено кратко видео од посетата, Мицкоски напиша дека болката е огромна поради трагедијата што се случи во Тетово.
„Мое најдлабоко сочувство до семејството. Она кое што ние како ВМРО-ДПМНЕ можеме да го ветиме и да се обврземе и јас како човек е дека оваа работа, порано или подоцна ќе ја истуркаме до крај и виновниците мора за ова да сносат одговорност, без разлика дали таа е функционална или морална“, нагласува партискиот лидер.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

