Македонија
(Видео) Мицкоски: Градоначалниците интензивно работат, почнуваме проект за канализација во Страчинци
Денеска овде во Страчинци започнуваме, односно градоначалникот започнува да го исполнува тоа што е ветено пред граѓаните, рече во изјавата за медиумите лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој заедно со градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски, присуствуваше на почетокот на изградба на примарна мрежа на фекална канализација.
„Започнува изработката на фекална канализација со цевки Ф-200. Според тоа што слушнав од луѓето коишто се овде, ќе има повеќе од 170 приклучоци. 170 семејства ќе добијат приклучок до оваа фекална канализациска мрежа, што досега не било случај. Тоа е првата фаза, ќе има и втора и трета фаза. Очекуваме дека овој проблем конечно да биде решен заедно со една пречистителна станица“, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ најави дека градоначалниците од редовите на неговата партија интензивно ќе ги исполнуваат ветувањата затоа што, како што рече, на народот му е преку глава од политиканство.
„Народот сака нормално да живее, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Срби, Власи, Роми, Бошњаци. Сите тие луѓе сакаат да остават нешто зад себе, да остават нешто за своите деца и не сакаат повеќе да го гледаат нашето политичко мочуриште и валкање во нашата кал. Сакаат да видат живот, а ние сакаме да бидеме дел од тоа што тие сакаат да го видат, а тоа е животот“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Минчев со честитка за 8 Декември – Свети Климент Охридски
Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, испрати честитка по повод 8 Декември – Свети Климент Охридски.
„Нека е честит големиот христијански празник, 8 Декември – Свети Климент Охридски.
Делото на Свети Климент, неговата посветеност на образованието и на создавањето силна духовна и културна традиција, останува траен темел на нашата историја и идентитет.
Неговиот пример не поттикнува да создаваме подобро општество засновано врз знаење, честитост и заемна поддршка.
Нека празникот ни донесе личен и колективен напредок, а во нашите домови мир, здравје и радост“, пишува во честитката.
Македонија
Запленети 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, уапсени две лица
Полицијата заплени 237 парчиња разновиден рачен, батериски и електричен алат без документација, а уапсени се две лица.
Според информациите на МВР, вчера на автопатот Табановце-Куманово, полициски службеници ги лишија од слобода Л.А.(32) од с.Никуштак и А.Ш.(32) од Скопје.
Полициските службеници запреле патничко возило „мерцедес” со скопски регистарски ознаки, управувано од Л.А., а сопатник А.Ш., и при преглед на возилото пронајдени се 237 парчиња нов неупотребуван разновиден рачен, батериски и електричен алат, без никаква документација.
Возилото и алатот се одземени, а лицата се уапсени и по документирање на случајот ќе биде поднесен соодветен поднесок.
Македонија
Доделување на наградата „Св. Климент Охридски“
Во Кристалната сала на Собранието, денеска, Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски“ ќе ја додели државната награда „Св. Климент Охридски“ за 2025 година за највисоко признание за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Северна Македонија.
Државната награда „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на воспитанието и образованието му се доделува на академик Витомир Митевски, филозоф и класичен филолог, а наградата за остварување во областа на културата и уметноста, им се доделува на композиторот Живоин Глишиќ и на ликовниот уметник Беди Ибрахим.

