Македонија
(Видео) Мицкоски: Јасно е дека Заев во преговорите со Бугарија го распродава идентитетот
За најновата изјава на бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, Македонија да не се надевала на подобри работи по изборите во Бугарија, туку дека можело полошо да биде, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вели дека она што е јасно е дека премиерот Заев го распродава македонскиот идентитет.
„Она коешто е јасно, а коешто македонската јавност може да го види е фактот дека македонскиот идентитет се распродава и ние тоа го зборувавме уште во октомври, месец дена на маса се услови коишто немаат никаква врска со претходно потпишаниот договор за пријателство. Тие услови директно претставуваат негирање на македонскиот идентитет. Од октомври, кога првпат на македонската јавност ѝ соопштивме дека практично се преговара за нешто што не е дел од договорот па до денес, цело време сето тоа што го тврдевме беше негирано од Владата, од Османи, од Заев, од Димитров и од останатите, но гледаме дека таков документ постои… наречете го нон пејпер, наречете го роунд мап или патокас, наречете го анекс, наречете го како сакате, но фактот е еден дека станува збор за документ во којшто се дефинирани нови услови коишто ние треба да ги прифатиме, а во кои политичари и меѓувладини комисии дискутираат за бизниси, замислете за железници, за автопатишта, за телекомуникации, за банки и така натаму и дополнително се дискутира за македонскиот национален идентитет“, вели Мицкоски.
Тој нагласи дека за него е несфатливо како политичар дека на маса покрај бизнисот е и македонскиот идентитет. Тој ги повика Владата, Зоран Заев, Бујар Османи и Никола Димитров да го покажат документот со 12 точки.
„Македонската јавност не ги гласаше и на оние наместени, украдени мафијашки избори на 15 јули за тие дА си играат со иднината на граѓаните и со иднината на македонскиот идентитет. На ова држава ѝ треба конструктивна власт и затоа ги повикувам на разум веднаш да излезат со документот и да го покажат, да се охрабрат на дебатата во Парламентот што ја организира пратеникот Милошоски и да се појават и да дискутираат пред пратениците и пред македонската јавност. Доколку нема што да кријат, доколку не распродаваат, тогаш ајде господа охрабрете се, излезете пред македонската јавност и отворете ги картите. Доста е криење, доста е лажење, доста е манипулирање“, порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Центар денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 07:30 до 15:30 часот, дел од корисниците на улицата Новопроектирана 2, дел од локали и згради на булеварот, Партизнаски Одреди бр.15-17 и дел од локали и згради на булеварот Климент Охридски, општина Центар.
Македонија
Делови од Карпош и Бутел денеска без вода
Од ЈП водовод и Канализација известуваат дека поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на улицата Демир Трајко 51, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од улицата Демир Трајко и Партизанска крак 1,3,5,7,9 и 11, општина Карпош. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.
Од ЈП водовод и Канализација исто така известуваат дека поради дефект на огрлица ф-300 мм на улицата Хо Ши Мин 292, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица, општина Бутел. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст
Сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 4, а максималната ќе достигне од 12 до 16 степени.
Во Скопје, сончево со мала локална облачност. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 15 степени.
Времето во наредниот период
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, а дневната температура ќе биде во пораст. До средината на следната седмица ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец, а по одредени котлини ќе има појава на магла.

