Македонија
(Видео) Мицкоски: Идејата на ВМРО е Македонија, изборот е или измами или обнова
Денес ВМРО-ДПМНЕ одбележува 30 години од основањето во далечната 1990 година. На денешен ден беше крунисана идејата да се создаде политички субјект кој ќе биде носител на вековната македонска борба за сопствена независна и самостојна држава. Токму ВМРО-ДПМНЕ беше партијата која прва зборуваше за Македонија надвор од југословенска федерација и тој идеал својата финализација ја дочека на 8 септември, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски преку видеообраќање.
„Идејата на ВМРО-ДПМНЕ тогаш и сега, а ве уверувам и во иднина ќе биде, МАКЕДОНИЈА. Како што вели апостолот на македонска борба за слобода, Гоце Делчев, ‘Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија?’ и тие негови зборови се ѕвездата водилка на секој чесен и искрен Македонец повеќе од еден век наназад.
Македонија била идејата која ги водела и хероите од народноослободителната борба. Првиот претседател на президиумот на АСНОМ, Методија Андонов Ченто, спроти втемелувањето на македонската државност ќе каже ‘Сега градиме македонска држава и ќе ја изградиме, а како ќе се вика таа држава?’ Се разбира – Македонија… 30 години ВМРО-ДПМНЕ и 127 години ВМРО. Толку многу години во кој секој е заслужен, а една идеја МАКЕДОНИЈА!
Македонија е вечниот идеал. Македонија е идејата на нашите дедовци, татковци, но и идејата на нашите деца, внуци и правнуци. Нашата борба како ВМРО-ДПМНЕ е тој пламен никогаш да не згасне, туку напротив да се распламтува и да гори за век и векови. Сегашниот предизвик што како генерација се соочуваме е како да политички да го победиме ова раководство на СДСМ и Зоран Заев.
Тие се целосен антипод на тоа што значи Македонија за која илјадници луѓе ги положиле своите животи. Мораме да ставиме крај на поразите и понижувањата кои тие ги создаваа. Трите години хибриден режим на Заев ја осиромашија Македонија , ја клекнаа на колена со погазено достоинство да се дави во криминал, корупција и сиромаштија. Изборот е јасен, обнова или измама, Македонија или ова раководство на СДСМ предводено од Зоран Заев. Она што е важно е дека ние сме поинакви од него, ние знаеме и можеме да ја исправиме Македонија и гордо да зачекориме кон напредокот. Обновата на Македонија никој не може да ја сопре, затоа што народот стои зад таа обнова, а ВМРО-ДПМНЕ ќе биде носител на таа заедничка борба. Македонија горда членка на ЕУ, земја на иднината и среќниот живот.
Нека е вечно и вековито победничко ВМРО-ДПМНЕ. Нека е вечна и вековита идејата за Македонија. Нека е вечна и вековита Македонија!“ порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Вандализиран паркот „Бановина“ во Аеродром – искршена урбаната опрема, оштетена фонтаната, а провалено е и во чуварската куќа
Општина Аеродром најостро го осуди вандалскиот чин што се случил синоќа во паркот Бановина, каде што била сериозно оштетена јавната и заедничка сопственост на граѓаните.
Како што информираат од општината, искршена е урбаната опрема, оштетена е фонтаната, а извршена е и кражба со провалување во чуварската куќа. Од Општина Аеродром потсетуваат дека паркот „Бановина“ неодамна бил целосно обновен и опремен со современа урбана опрема, наменета за сите генерации.
„Наместо грижа и почит кон заедничкиот простор, сведоци сме на несовесно и неодговорно однесување и уништување“, соопштуваат од општината, нагласувајќи дека ваквите постапки нема да бидат толерирани.
Случајот веќе е пријавен во полиција, а од општината упатуваат апел до граѓаните да го чуваат јавниот простор, да пријавуваат вандализам и заеднички да придонесат за уредена, безбедна и достоинствена локална заедница.
Македонија
(Видео) СДСМ: Започна, доаѓаат „економски работници“
СДСМ обвинува дека Владата предводена од Христијан Мицкоски ја отвора државата за масовен прилив на странски таканаречени „економски работници“, иако во земјава, како што велат, има речиси 100.000 невработени.
На прес-конференција, членката на Извршниот одбор на СДСМ, Рената Младеновска, изјави дека Владата донела одлука за вработување на нови 10.000 странски работници во 2026 година, што е двојно повеќе од лани.
Според СДСМ, процесот бил подготвуван подолго време. Тие потсетија дека британски медиуми претходно објавиле за стратешки договор со кој мигранти би можеле да добијат работни визи за Македонија, по што следеле измени на Законот за странци со олеснети услови за влез, престој и работа, како и продолжување на важноста на дозволите.
Младеновска обвини дека со овие измени е создадена правна рамка за долгорочно задржување на странски работници во земјата, особено во случаи на „стратешки партнер“. Таа додаде дека власта донела и резолуција во Собранието со која, според СДСМ, ѝ било оневозможено на опозицијата да зборува за прашањето за мигрантите.
Од СДСМ оценуваат дека одлуката доаѓа во време кога македонските работници имаат најниски плати во регионот и Европа, а Владата, како што велат, тврди дека нема средства за зголемување на минималната плата и дека во Буџетот недостигаат околу две милијарди евра.
Македонија
„Биди одговорен возач – користи зимска опрема“ – полицијата во Охрид ги потсети возачите на обврската
На 15 јануари, отсекот за превенција при СВР Охрид, ја реализираше превентивната сообраќајна кампања „Биди одговорен возач-користи зимска опрема“. Притоа, полициски службеници од отсекот, на повеќе сообраќајни пунктови во градот, остварија кратки разговори со возачите на моторни возила и ги потсетуваа на потребата и законската обврска за задолжително носење и користење зимска опрема во возилата како основен предуслов за безбедно движење на моторните возила во зимски услови.
Целта на кампањата е подигање на свеста на учесниците во сообраќајот, за доследно почитување на законската обврска за носење и користење зимска опрема во возилата во текот на зимската сезона и подигнување на безбедносната култура кај возачите и јакнење на свеста и совеста за поголема внимателност и одговорно однесување во сообраќајот во зимски услови.
На возачите, им беа поделени флаери со низа практични совети за безбедно управување моторни возила и им беше укажано на потребата од прилагодување на брзината према условите и состојбите на патиштата.

