Македонија
(Видео) Мицкоски: Имаме заробена држава, Македонија мора да се придвижи кон ЕУ
„Ваквите настани се огромна можност за младите да научат нови работи, но и за сите нас, да научиме нешто од напредните држави и луѓето кои доаѓаат од тие држави, им се заблагодарувам на Фондацијата Јарл Хамерсон и партијата Модератерна, за овозможување на овој настан, како и за сите настани кои до сега беа организирани, а се надавам и ќе продолжат во иднина“, рече Мицкоски на денешното обраќање на настан организиран од страна на шведската фондација Јарл Хамерсон, Модератерна и УМС на ВМРО-ДПМНЕ.
„На овој настан зборуваме за слободното општество и јас морам да признаам една работа, дека нашата држава е се, само не слободно општество. Ние овде зборуваме за заробена држава, а тоа ќе го објаснам низ неколку реченици. Имено ако се навратиме неколку месеци наназад, за време на парламентарни избори, кои требаше да се одржат во април, но се пролонгираа за јули поради пандемијата, и тоа беше одлична можност за власта да ја злоупотреби вонредната состојба, со злоупотреба на институциите за кражба на изборите, но и со директен поткуп“, кажа Мицкоски.
Тој посочи и на големиот притисок врз граѓаните, особено врз администрацијата, кој што се случи од страна на власта, но и промената на Изборниот законик, непосредно пред изборите, што е преседан, кој никогаш во минатото не се случил, а сега беше направен без политички консензус. Мицкоски кажа дека ВМРО-ДПМНЕ била претставена во медиумите двојно помалку, отколку власта, и сето тоа поради измените во Изборниот законик.
И покрај сите пречки за време на кампањата, ние ги прифативме резултатите од изборите, рече Мицкоски и дополни: „Затоа што веруваме во европските вредности и покрај сите злоупотреби, бидејќи сакаме да бидеме извор на решенија, а не на проблеми“.
Мицкоски кажа и за големиот број на ветувања кои власта ги дала, но не може да ги исполни, но и за водењето на надворешната политика без било какви принципи и достоинство. Тој ги предочи и ветувањата на Заев кон Борисов, кој сега не блокира и го оневозможува нашиот пат кон ЕУ. Мицкоски ги замоли претставниците на Модератерна да и помогнат на Македонија на својот пат кон ЕУ, бидејќи и Македонија и нејзините граѓани го заслужуваат тоа, истовремено лобирајќи и кај Бугарија за нашата држава.„Би сакал и да лобирам кај вас, да и предочите на македонската влада да прекине со злоупотребите на институциите, да не ги злоупотребува правосудните органи, бидејќи ние веруваме во правда и право“, додаде тој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) ВМРО-ДПМНЕ предлага Резолуција за осуда на дезинформациите за мигранти
ВМРО-ДПМНЕ денеска претстави „Резолуција за осуда на манипулациите на опозицијата и за потврда на политиките против нелегалната миграција“.
„Во изминатите денови, јавноста беше сведок на организирана и координирана кампања од страна на опозицијата, којашто влеваше несигурност и паника помеѓу граѓаните. Овие лажни сценарија ги нема во владините политики, напротив, ВМРО-ДПМНЕ активно се борела против мигрантите и мигрантските кампови, кои претходната влада на СДС и Заев сакаше да ги направи. ВМРО-ДПМНЕ јавно ги осудува политиките и одлуките на поранешната влада на Зоран Заев, со којашто беа отворени можности за создавање на кампови за мигранти, спротивно на националните и државни интереси“, кажа на прес-конференција, Никола Мицевски, координатор на пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој накусо ја презентираше Резолуцијата.
„Таа е составена од 9 точки, и во неа стои дека се осудуваат дезинформациите за наводно прифаќање мигранти и изградба на кампови, се потврдува дека такви политики не постојат ниту ќе постојат, се поништуваат сите претходни аранжмани на владата на Заев поврзани со мигрантски кампови и се повикува на одговорен јасен говор, заштита на безбедноста, стабилноста и меѓуетничките односи. Исто така, се констатира дека свесното ширење дезинформации ќе биде санкционирано согласно важечките закони. Резолуцијата воспоставува јасна државна политика против нелегалната миграција и стапува во сила веднаш по нејзиното изгласување. Во таа насока, оваа Резолуција на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложиме во Собранието на Република Македонија и од таа причина ги покануваме сите парламентарни партии заедно да ја поддржат“, истакна Мицевски.
Македонија
(Видео) Димитријевиќ: Власта носи мигранти за пари
„Во буџетот нема пари. За првпат во историјата, утре – 15 декември – се затвора Трезорот. Државата доцни со сите исплати: нема пари за плати, пензии, социјална помош, породилно, нема ни за поврат на ДДВ. Дупката изнесува најмалку 1 милијарда евра“, кажа денеска на прес-конференција, Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.
Како што истакна Димитријевиќ, „власта не се грижи за граѓаните, се грижи само за себе, за бизнисите со наместени тендери, за криминалот и за пумпањето пари од буџетот очајно им треба свеж кеш“.
„Затоа ја продаваат Македонија. Затоа прифатиле мигранти во пакет со кредити од 6 милијарди евра. Паралелно, ВМРО-ДПМНЕ спроведува намерна изолација и ја држи Македонија надвор од ЕУ. Не за заштита на националните интереси, туку за свесно оддалечување од Европа. Изолацијата е стратегија. Без ЕУ, без европски контроли и без европско правосудство – полесно се краде и нема одговорност за никојМакедонија сакаат да ја претворат во црна точка на Европа“, вели тој.
Димитријевиќ рече дека „27 земји членки на Советот на Европа јавно бараат ревизија на Европската конвенција за да се олесни депортацијата на мигранти“.
„Каде ќе одат тие луѓе? Во земји надвор од ЕУ – како Македонија. Доколку во Македонија се донесат мигранти осудени за сериозни кривични дела, тоа ќе значи директна закана по безбедноста на државата. Во исто време, тоа целосно ќе го закочи европскиот пат, затоа што со евентуален влез во ЕУ повторно би се отвориле вратите кон Унијата – нешто што европските земји сакаат да го спречат. Затоа на ВМРО-ДПМНЕ ѝ одговара Македонија да остане изолирана. Ова е нивниот „win-win“ :Британија депортира мигранти за пари, а ДПМНЕ добива изолирана држава во која непречено продолжува кражбата. Губитници се само граѓаните и иднината на Македонија“, потенцира генералниот секретар на СДСМ.
Македонија
АХВ: Спречен увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил
Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) спречија увоз на над 26 тони замрзнато пилешко месо од Бразил на граничниот премин Ќафасан.
Пратката, составена од 2.167 пакувања по 12 килограми, е вратена во земјата извозник поради неисполнување на условите за увоз.
Од АХВ соопштија дека забраната е донесена врз основа на претходно решение за забрана на увоз на живи животни, производи и нуспроизводи од животинско потекло од Бразил, со цел да се спречи внесување на вирусот на високо патогена авијарна инфлуенса (птичји грип).
Според правилата, забранет е увозот на пратки добиени од животни кои се заклани, натоварени и сертифицирани пред 1 август 2025 година.

