Македонија
(Видео) Мицкоски: Ковачевски наместо во коалиција со народот на Македонија е во коалиција со Бугарија
Националното единство е нужност затоа што информациите со кои што располагам укажуваат на тоа дека во игра е многу повеќе од само промена на македонскиот Устав, а со цел вклучување на бугарското малцинство во Македонија во тој Устав. И во таква една ситуација сметам дека е политички зрело и државнички кога веќе на тоа не се осудува првиот човек на владата, јас да сум тој кој што ќе повика на национално единство. Ковачевски со тоа што одбива можност за национално единство за прашањето со Бугарија, практично пропушта можност едногласно да ги зациментираме позициите за заштита на националните, државни идентитетски линии. Ваквиот договор за национално единство околу ова прашање не значи дека и утре, и деновите потоа нема да критикуваме за погрешните политики на оваа Влада, но тоа значи дека и македонската опозиција, и пред се ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија заедно со македонската влада ќе штитат идентитет, историја и јазик. Ваквото одбивање на подадената рака за национално единство значи само едно, дека Ковачевски наместо во коалиција со народот и на страна на државните и национални интереси, е во коалиција со Бугарија и продолжува да биде слеп послушник и застапник на политиките на заевизмот, политика која што кај нас веќе е жестоко поразена од народот. И практично тој поддржува се она што тие бараат“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при своето денешно обраќање на регионалниот отчет на градоначалниците во Битола насловен „Промени што носат иднина – 100 дена локална власт, отчет на ВМРО-ДПМНЕ“.
Мицкоски додаде дека барањата на Бугарија и она за што преговара Ковачевски е многу подлабоко отколку промена на Уставот и вметнување на бугарското малцинство во него, туку на маса е и македонскиот јазик, историја и постоење на македонскиот народ во историска и политичка смисла и контекст. И во таква една ситуација пресметката на заевизмот и Ковачевски како негов најистурен експонент е одбегнување на национално единство што ќе ги штити црвените линии, постигнување на договор со Бугарија за чие неприфаќање единствено ќе биде посочено со прст за виновно ВМРО-ДПМНЕ, а тоа во јавноста лажно ќе се престави дека е решение кое доколку е отфрлено вие сте против ЕУ, а доколку нормално се прифати тоа предавство кое што го подготвува заевизмот и неговиот слеп послушник тогаш сте за ЕУ. Независно што едното со друго нема никаква врска и тоа што оваа кнедла која се подготвува во кујните на заевизмот ќе биде идентитетски разорна за постоењето на нашиот народ и држава.
„Дека зад ова сценарио за одбивање на обединување околу националните прашања седат ваквите мотиви доказ е и одбегнувањето на власта да не ја поддржи Декларацијата во Парламентот за титанот Гоце Делчев, пред се поради стравот на Ковачевски да не се налути Бугарија кој е поголем од желбата за почит кон великанот. И јас немам намера да трошам енергија на ваквата кусогледост на власта, но државнички, зрело и одговорно кон својот народ и иднината која ја заслужуваме е да подадам рака повторно да ја оставам вратата отворена за национално единство и обединување за одбрана на националните интереси, заштита на нашиот македонски јазик и посебност, и како такви да почнеме час поскоро преговори со Европската Унија и напредок на тој пат и покрај сите сериозни недостатоци во поглед на реформи и дневни аномалии кои како општество за жал ги имаме. Иднината ќе биде наша доколку и иницијативата биде наша, доколку се држиме заедно и доколку се бориме заедно. Верувам дека може да се постигне разумен напредок кој нема да биде потценување на едните за сметка на другите, туку разумно решение кое ќе ги рефлектира нашите европски аспирации, но и подготвеноста на нашиот источен сосед да помогне на држава сосед, на држава пријател и држава чиј главен интерес е иднината на македонскиот народ и на граѓаните во Македонија. Македонија историски и цивилизациски е мирољубива земја, со космополитски карактер, и секогаш била дел од Европа во која уште веруваме и ги споделуваме тие вредности. Потреба е надеж на овој народ, на граѓаните на Македонија и таа надеж мора да биде возвратена, почитувана и вреднувана“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

