Македонија
(Видео) Мицкоски на трибина по повод една година од првиот заразен: Се наоѓаме во апокалиптична ситуација
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска одржа средба со докторите кои се во првите редови во борбата против Ковид-19, а посочи дека трибината била свикана поради неубав јубилеј, односно година дена од првиот дијагностициран случај на Ковид-19 во земјава.
„Тогаш во тоа време нè убедуваа дека опозицијата ширела лажни вести, дека опозицијата била таа којашто не знаела што зборува, дека власта ги имала конците во свои раце и дека практично имале стратегија, имале план, имале визија како да спречат понатамошно ширење на вирусот. Нè убедуваа дека ќе имаме не повеќе од 2.000 луѓе кои што ќе заболат од овој вирус, за жал денеска имаме повеќе од 100.000 евидентирани, можете да замислите колкава е бројката на тие коишто не се евидентирани“, посочи Мицкоски.
Тој додаде и дека повеќе од 3.000 граѓани ги загубиле животите поради, како што кажа, неспособноста на Зоран Заев и владата на СДСМ.
„За жал, и по една година ниту имаат план, ниту имаат визија, ниту, пак, имаат стратегија, туку напротив служиме за потсмев. Луѓето буквално играат мајтап со Македонија, единствената држава во Европа којашто сè уште нема набавено сопствени вакцини. Денеска еден од присутните, претседателот на комисијата, прочита фејсбук-статус од негов колега којшто буквално моли да добие вакцина од министерот, човекот има 65 години. Така што се наоѓаме во една апокалиптична ситуација за здравјето на граѓаните, за здравјето на нацијата и јас навистина единствено нешто што можам во овој момент да побарам е голема општествена поддршка да се совладаат овие неспособни луѓе коишто денеска се наоѓаат во Владата, а потоа да дојдат луѓе коишто знаат како навистина да ги решат напластените проблеми“, посочи лидерот на опозициската партија.
На 26 февруари 2020 година во земјава беше потврден првиот случај на коронавирус, кај жена која одредено време престојувала во Италија. Таа подоцна успешно заздрави од Ковид-19.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Додека сите се занимаваат со лажните вести на Жан Митрев, ВМРО увезува 10.000 „економски работници“
Додека сите се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и Жан Митрев, ВМРО увезува 10.000 „економски работниц, реагираат од СДСМ, на обвинувањата на пратеникот Бране Петрушевски.
„СДСМ уште во декември најави дека постои дупка во буџетот и дека државата нема пари за основно функционирање. Тоа Владата го потврди со ново задолжување од 1 милијарда евра преку еврообврзници, со што се докажа вистината за која говореше СДСМ. Сега треба да се пополни дупка од 2 милијарди евра кои недостасуваат. Како што рековме, кредитите за пополнување на дупката во буџетот од моменталните 2 милијарди, а таа ќе биде и многу поголема, мора некако да се вратат… како? Преку мигранти. Така функционира тендерската коалиција ВМРО-ЗНАМ. ВМРО води политика на „шибицарење“. Додека граѓаните ги читаат нивните измислици, пред нос ни носат 10.000 „економски работници“. Ќе објават лажна вест за „Дубаи“ или за „виза“, а во позадина ќе протуркаат Декрет во Собранието, за кој не смее да се зборува а целото внимание се насочува кон измислената виза“, пишува во соопштението.
Од СДСМ додаваат дека ВМРО-ДПМНЕ објавуваат измислица „Венко гради 42 ката во Дубаи“, а тие во меѓувреме протнуваат закон за странци како вовед за носење мигранти.
„Објавуваат лага на Жан Митрев на Алфта ТВ, нов фабрикуван случај „рекет“ а тие носат 10.000 „економски работници“. Секојпат исто, лажни вести што СДСМ мора да ги демантира, за да не попречат во објавувањето на нивниот криминал и да не попречат во работата која е во интерес на граѓаните. Никој да не зборува за скандалите на власта, сите да се занимаваме со непостоечка зграда во Дубаи, со измислена афера која служи како дефокус од главната тема: мигранти за пари. Затоа, граѓани на Македонија, знајте дека секогаш кога ќе излезе некоја измиелсна, фабрикувана афера, таа служи за ДЕФОКУС. Во позадина да се протурка она за што СДСМ зборува веќе два месеца. Каде се одговорите за дупката во буџетот, ниските плати и пензии? Каде се одговорите за криминалните тендери? Каде се одговорите за: 161 тендер за една фирма, 51 тендери за друга фирма преку општините, 9 милиони евра тендери за фирма со двајца вработени, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку Пошта. Секогаш кога ќе прочитате текст од Геро, соопштение од Ивона Талевска, позната по врската со Латас, преку МАН, Алфа ТВ, ВМРО… нова измислена афера од кујните на ВМРО, вие, почитувани граѓани, знајте дека уште една пљачка е во тек, а сето ова го прават за вие да не го видите тоа. Класичен дефокус, додека вратат милионски криминални тендери. Планот е едноставен: изолација, избори, па мигранти за пари“, пишува во реакцијата.
Македонија
Во општина Илинден светиот крст го фати Марио Димитријевски
По повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, во населеното место Илинден и оваа година традиционално се одржа манифестацијата за осветување и положување на светиот крст во водите на езерото кај хотел „Белви“. Настанот беше реализиран во организација на црквата Св. „Константин и Елена“ и под покровителство на Општина Илинден, пришто присутни беа огромен број на верници.
Во традиционалното фаќање на светиот крст, учествуваа вкупно 70 учесници, меѓу кои најсреќен беше Марио Димитријевски, кој по шести пат успеа прв да стигне до светиот крст. Чинот го водеше епископ дељадровско-илинденски Јоаким.

На добитникот му беа упатени честитки со желби за здравје, среќа и благослов во текот на целата година.
Македонија
Ѓорѓиевски го честита празникот Водици
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по повод големиот христијански празник Богојавление – Водици, упати честитка до сите православни верници, свештенството и учесниците во празничните чествувања, упатувајќи посебна честитка до најсреќниот верник Дарко Митровиќ кој го извади Светиот Крст од осветените води. Во својата порака, тој го истакна длабокото духовно значење на празникот, како и силата на верата, традицијата и заедништвото на народот.
„Овој празник за мене има и посебна лична тежина, бидејќи денес го одбележувам и мојот именден, што го прави чувството уште посилно и поблагодарно. Масовноста, сплотеноста и заедништвото на мојот народ, кои денес јасно ги сведочиме, се силен доказ дека нашата вера, традиција и духовни вредности живеат и се пренесуваат од поколение на поколение, како темел на нашиот идентитет и опстојување. Го честитам празникот на сите кои денес беа дел од овој свет и возвишен настан“, напиша тој на „Фејсбук“.

