Македонија
(Видео) Мицкоски: Не гледам потреба за тајни средби со Ковачевски, досега нема иницијатива за каква било средба
Не сум имал тајна средба. Не се дел од мојот карактер тајните средби. Доколку сака господинот Ковачевски да разговараме за техничката влада или за некои други политички процеси што следуваат, стојам на располагање, само терминот да го усогласиме, вака претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, за време на денешната прес-конференција одговори на новинарско прашање за тоа дали веќе имал тајна средба со Димитар Ковачевски во врска со техничката влада.
Тој додаде дека не гледа зошто таквата средба би се одржала далеку од очите на јавноста и дека на народот му е преку глава од таквите тајни средби.
„Знаете дека јас одамна барам таква средба. Најпрвин бев одбиван, па се правеа политички гимнастики на политичката сцена за конечно на крајот да се одржат тие средби, тие состаноци лидерски, да се дефинираат изборите и слично. Не гледам зашто тоа би било далеку од лицето на јавноста и ценам дека јавноста треба да биде запознаена. Мислам дека на народот му е преку глава од такви тајни средби, преговори и договарања“, потенцира Мицкоски и додаде:
„Еве, стојам на располагање, доколку се усогласат термините, да имаме една таква средба на која би разговарале за иднината на Македонија“.
Запрашан за пополнувањето на празното место на ДИК, Мицкоски истакна дека очекува таа точка што побргу да се стави на дневен ред во парламентот и да се избере претставник, кој е номиниран од албанската опозиција.
„Во неколку наврати пратениците на ВМРО-ДПМНЕ бараат да се стави точката на дневен ред во минатото, но, за жал, мнозинството одбиваше. Се надевам дека ќе се вразуми и нема да остави дамка на процесот што следува бидејќи овој процес и овие избори се многу значајни, така што ценам дека во периодот што следува треба што побргу да биде таа точка дел од дневниот ред, да се избере претставник во ДИК, кој е номиниран од страна на албанската опозиција. Јасно се знае која е таа условно кажана опозиција во Македонија и кои се тие опозициски партии во парламентот итн. Тие треба да си дадат свој човек и да кажат зад кој човек од тие што се кандидати стојат и да го изгласаме, бидејќи има 80 пратеници во парламентот, да го изгласаме, да се комплетира ДИК, да има 7 члена и да се носат одлуки. Тоа не е волја на Христијан или на некој друг, туку тоа, едноставно, е законска обврска“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време, попладне дожд
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд, информира УХМР.
Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен утре кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд.
До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието.
Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Утре прекинато водоснабдување во делови од неколку скопски општини
Од ЈП Водовод и Канализација известуваaт дека утре ( вторник ) се планирани неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Кисела Вода)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Карпош)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц),
прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности.(општина Бутел)
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности.(општина Центар)
Македонија
Јаневска: Со универзитетите го подготвивме и со конструктивна дебата ќе го завршиме Законот за високото образование
Министерството за образование и наука не е спротивставена страна на академската заедница, напротив во соработка со Универзитетите го започнавме и на ист начин ќе го завршиме Законот за високото образование, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, пред почетокот на 4-тата јавна дебата, што денес се одржа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Министерката уште еднаш нагласи дека сè што работната група смета дека е прифатливо, ќе биде инкорпорирано во новата драфт верзија на Законот, која потоа повторно ќе биде поставена неколку дена на ЕНЕР.
– Последниве денови се изнаслушавме дезинформации и лаги дека се укинува вонредното студирање, дека државата не финансира објавување на научно-истражувачки трудови и други. Лагите и дезинформациите, претпоставувам, треба да бидат на штета на министерот или на партијата, но во суштина се на штета на државата и на младите луѓе кои живеат во неа и апелирам дека треба да се престане со тоа, затоа што сме отворени за секоја конструктивна критика. И сè што сметаме дека е во ред, ќе биде внесено во законот, додаде Јаневска.
За дебатата со приватните универзитети, министерката рече дека била конструктивна и дека се договориле речиси за сè.
– Јас сум многу среќна што приватните универзитети реагираа на високо ниво. Се договоривме со нив, кога ќе го завршуваме законот, дополнително уште еднаш ќе се видиме, за да провериме дали е сè во ред и ќе ја затвориме тогаш последната драфт верзија, рече Јаневска.
Прашана за можноста за бесплатно високо образование, Јаневска објасни дека сите категории студенти што треба да го имаат, веќе го имаат.
– Накусо, студентите кои се без родители, од самохрани и еднородителски семејства, со попреченост и сл., со овој закон се ослободени од партиципација. Студентите кои се од ранливи категории, со ниски примања, добиваат стипендии. Што значи 2 месеци од стипендијата што ја примаат 9 месеци, им ги покрива трошоците за студирање. Студентиве од истиве категории, кои се сместени во студентските домови, исто така се максимално повластени. Нашите студенти, само ако се запишат на универзитет, добиваат средства за студентски оброк, изјави Јаневска.

