Македонија
(Видео) Мицкоски од Крушево: Заев и СДСМ се доктори на наука за криминал и корупција
Од Крушево претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, порача дека на 15 јули народот овие политичките измамници од СДСМ ќе ги испрати на темната страна од македонската историја. Овие избори се историски бидејќи, како што рече тој, треба да се трасира иднината на македонското поколение, но и да се обели образот на нашите предци кои што со живот го платиле она што ние денеска го живееме.
„А крушевчани имаат најмногу право на ова бидејќи овде се биле она организирано востание и пркосот за независна македонска суверена држава уште на почетокот на 20 век. Она што овие избори ги прави поинакви е тоа што ние треба да завршиме со експериментите. Народот го разбудил пирејот во себе и решил да го победи овој противник на 15 јули“, рече Мицкоски.
„Еве, од овде, од Крушево, кажувам – јас сум Христијан Мицкоски, Зоране Заев, кој ќе те победи и тука ќе заврши твојата политичка кариера. А после тоа, еве ти кажувам – се обврзувам дека ќе го почитувам твоето право на пресумција на невиност и ќе имаш можност пред судовите да ја докажуваш. Но, не знам дали ќе успееш во тоа. Гледавме како Заев е добар во економијата, едно евро за Вицето, па гледавме како негов адвокат, брат на судијка што го замрзна имотот на ВМРО-ДПМНЕ и на тој начин му овозможи привилегирана позиција на СДСМ. Па гледавме како еден функционер ладно си зема купче пари и си го става во чантата. И, вака некако таа економија по мерка на Заев и СДСМ се сведува само на ова. Многу криминал, корупција и пљачка. Секогаш кога СДСМ е на власт, се случуваат овие три работи, но оваа Влада е надградена и проширена, јас кажувам дека доктор на науки станала. Прво, што прават е национално предавство. Втората работа е криминал и корупција. И третата работа е тоа што ги заробуваат судството и Обвинителството да се исперат за некои злодела од минатото и да конструираат некои дела за политичкиот противник“, рече од говорницата Мицкоски.
„На 15 јули ќе се најдеме на историска раскрсница. Дали да прифатиме истрошени потрошени политичари, како што е госпоѓата Шекеринска, која ја гледаме, како рече Мицкоски, уште од раните 90-ти од транзицијата кога се пљачкаше Македонија и нашите родители беа бркани од фабриките и половина од народот остана на улиците. Или ќе избереме маестро, патриот, човек што реди успеси и надвор од Македонија и со аплаузи на странските сцени успешно ја промовира македонската култура, родољубот Игор Дурловски“, рече тој.
На крајот, Мицкоски ги повика жителите на Крушево да го заокружат бројот 14 за обнова на Македонија. Тој рече дека е убеден оти народот во Македонија е одлучен да оствари историска победа и ќе победи на 15 јули.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Алијансата за Албанците ќе го обжали Законот за „Безбеден град“ пред Уставниот суд
Крилото на Арбен Таравари од Алијансата за Албанците најави дека во понеделник ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за оспорување на измените на Законот за прекршоци, преку кој се овозможува имплементација на системот „Safe City“ (Безбеден град).
Од партијата наведуваат дека актуелната примена на системот отвора сериозни правни, уставни и социјални прашања, особено поради тоа што, според нив, се спроведува селективно – само во Скопје, Куманово и Тетово.
„Проект кој има за цел да ја зголеми јавната безбедност треба да се применува рамноправно на целата територија на државата, а не делумно и селективно“, порачуваат од Алијансата.
Дополнително, партијата укажува на непочитување на Законот за употреба на јазиците, бидејќи известувањата и санкциите што произлегуваат од системот не се обезбедуваат рамноправно и на албански јазик.
Како посебен проблем го посочуваат и високиот износ на глобите, за кои бараат ревизија и прилагодување на прагот на толеранција.
„Безбедноста во сообраќајот е неопходна, но не преку непропорционални казни кои ја нарушуваат економската благосостојба на граѓаните“, посочуваат од партијата.
Алијансата ги критикува и пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ЗНАМ и Левица, кои гласале за стапување во сила на казнените одредби од 1 февруари, обвинувајќи ги дека тоа го сториле „без грижа за благосостојбата на граѓаните и без да ги адресираат сериозните уставни недостатоци“.
Во образложението за најава на иницијативата, партијата го посочува и примерот со Законот за трето дете, кој Уставниот суд го прогласи за неуставен поради селективна примена. Од таму очекуваат Уставниот суд да постапи на сличен начин и во случајот со „Безбеден град“.
Македонија
Со гласањето против „Безбеден град“, СДСМ и ДУИ застанаа против безбедноста на граѓаните, рече Мицевски
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, коментира дека СДСМ и ДУИ на денешната собраниска седница гласала против измените на Законот за прекршоци, со што, како што рече, се спротивставила на проектот „Безбеден град“ и на напорите за унапредување на безбедноста во сообраќајот.
„Коалицијата Али и Венко, СДС и ДУИ, денеска во Собранието гласаа против проектот ‘Безбеден град’. Тие гласаа против измените што овозможуваат имплементација на системот најпрво во Скопје, Куманово и Тетово, како и на делови од Коридорите 8 и 10, каде што опремата е веќе поставена“, рече Мицевски.
Тој наведе дека двете опозициски партии со тоа директно гласале против намалување на сообраќајни несреќи, повреди и смртни случаи.
Како илустрација, Мицевски посочи дека на 1 октомври 2025, кога започнал пробниот период на системот, камерите во Скопје регистрирале 110.000 прекршоци – 90% од нив за брзо возење. Само еден ден подоцна, на 2 декември, бројката се намалила на околу 50.000 прекршоци.
Дополнително, според статистиката што ја наведе, во првите осум месеци од 2025 година, во сообраќајни несреќи загинале 91 лице (просечно 11,3 лица месечно), додека во 2024 година бројот изнесувал 142 (11,8 месечно).
„Сега, бројката е намалена на само 2 смртни случаи во декември 2025 и јануари 2026“, истакна Мицевски.
„СДС и ДУИ уште еднаш покажаа дека не умеат да застанат зад политика што е во интерес на граѓаните. И покрај поразот на изборите, продолжуваат да делуваат спротивно на јавниот интерес“, рече координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
(Видео) Левица за „Безбеден град“: Глобите да се пресметуваат според примањата
На денешната седница на Собранието, координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, најави дека во Законот за прекршоци, преку кој ќе профункционира системот „Сејф сити”, Левица ќе поднесува измени особено во однос на глобите, односно ќе бараат скалесто казнување.
„Не може да се казнуваат исто луѓе со месечни примања од 500 ЕУР и луѓе со месечни примања и од по 50.000 ЕУР”, рече Крмов.
За Предлог-измените на Законот за прекршоци со цел имплементација на системот „Сејф сити”, Крмов истакна дека законското решение не е совршено, но пратеничката група на Левица ќе го поддржи бидејќи ценат дека тој систем би можел да спаси животи.
Пратеникот најави дека ќе следат корекции „во од” како што најави и власта, а при истите Левица ќе има свои предлози за кои побара поддршка од владејачкото мнозинство.

