Македонија
(Видео) Мицкоски: Реформската агенда за периодот 2024 – 2027 година е резултат на нашите посветени напори да ги унапредиме економскиот раст и стабилноста на државата
„Владата е целосно посветена на реализација на нашата стратешка цел за интеграција во Европската Унија. Во овој процес, не само што ја гледаме иднината на нашата држава како полноправна членка на Унијата, туку и како модерна, економски стабилна и просперитетна држава која ги исполнува највисоките европски стандарди“, рече премиерот Христијан Мицкоски.
„Нашата визија за модерна и Македонија е повторно твоја, е заснована на принципите на инклузивност, владеење на правото и економски развој, што ќе ни овозможи да бидеме рамноправен партнер во европското семејство.
Денес ви ја претставуваме Нацрт-Реформската агенда за периодот 2024-2027 година која е резултат на нашите посветени напори да го унапредиме економскиот раст и стабилност на нашата земја во рамки на Планот за раст за земјите од Западен Балкан.
Овој план, инициран од Европската комисија има за цел да ги намали економските диспаритети на државата и Европската Унија, нудејќи им на граѓаните пристап до придобивките од Унијата уште пред официјалното членство.
Нашата Реформска агенда се темели на четири основни столбови:
• Зајакнување на економската интеграција со единствениот пазар на Европската Унија – Овој процес ќе го зголеми нашиот пристап до пазарите, ќе ја подобри трговијата и ќе ја поттикне регионалната стабилност.
• Продлабочување на регионалната економска интеграција – Преку зголемена соработка со нашите соседи во рамки на Заедничкиот регионален пазар, ќе создадеме посилна и поотпорна економија.
• Забрзување на фундаменталните реформи – Овие реформи се клучни за нашето усогласување со законодавството и стандардите на Европската Унија, овозможувајќи брз економски развој и значителни придобивки за сите наши граѓани.
• Зголемување на финансиската помош за реформите – Со финансиски пакет од 6 милијарди евра, од кои 2 милијарди се грантови, економијата ќе добие значителна поддршка за спроведување на реформите и постигнување на нашите цели.
Според формулата, за нас треба да припаднат 750,4 милиони евра за периодот 2024-2027. Реформската агенда за периодот 2024-2027 треба да биде усвоена од Европската комисија, со што ќе се отвори можноста за потпишување на Договор за механизмот за реформи и раст и Договор за заем. По ратификацијата на договорите, пак, ќе биде поднесено барање за повлекување на првата транша во висина од 7% од алокација на средствата, односно околу 52,5 милиони евра“, рече Мицкоски.
„Реформската агенда е подготвена во тесна соработка со Европската комисија и ќе опфати приоритетни области како што се реформите на јавната администрација, енергетската транзиција, сајбер безбедноста, дигитализацијата, развојот на човечкиот капитал и подобрување на деловното опкружување.
Овие приоритети се клучни за подобрување на квалитетот на живот на нашите граѓани и за обезбедување на долгорочна стабилност и напредок.
Наша одговорност е да осигураме дека сите мерки и чекори предвидени во Реформската агенда ќе бидат успешно спроведени и дека ние ќе ја искористиме оваа историска можност за забрзан економски развој и интеграција во рамките на Европската Унија.
Секој чекор што го преземаме, секоја реформа што ја спроведуваме е во насока на натамошно имплементирање на европските стандарди.
Оваа Влада нема да застане пред ниту еден предизвик.
Ќе продолжиме да работиме со целосна посветеност и решителност за подобра иднина на нашите граѓани, затоа што знаеме дека нашата иднина е во Европа“, изјави премиерот Христијан Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

