Македонија
(Видео) Мицкоски: Свитканата кичма не е нашиот ген, исправени ќе се соочиме со предизвиците и ќе победиме
Ме прашуваат што е среќата? Koгa сме задоволни, сигурни, кога семејството е обезбедено, децата имаат иднина, државата е средена. Кога сте почитувани, a вашата работа вреднувана. Кога можете да добиете правда, а институциите работат и ви служат вам. Среќа е кога ова што го кажав станува реалност, но реалноста покажува дека токму ова се работите кои недостасуваат. А годините поминуваат. Крајот на годината е одличен момент да се средат мислите и впечатоците, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Во годината што измина паметам црно и мачно време. Нема подобар живот, економијата не расте, нема инвестиции, здравство и образование се пред колапс. Наместо тоа, афери, скандали, руинирано и клекнато судство, притисоци… Сакаат да станеме апатични поради колективната несреќа која ја донесоа. Да се навикнеме на тешкиот живот, да ја нарушат самодовербата, да го скршат карактерот, за да може полесно се да им минува. Очигледно не си ги познаваат граѓаните доволно, ги потценуваат.
Кога ми беше најтешко во годината што помина? Кога го менуваа името, посегнаа по идентитетот. Длабока рана оставија.
Во новата година потребно е да погледнеме во очите на луѓето, за да допреме до нивните срца. Да видиме што ги мачи и да се обидеме да им ги решиме проблемите. Да видиме што ги прави среќни и да им ја засилиме нивната среќа. Едноставно е, и како принцип, и како филозофија и како труд.
Ама треба работа. Треба да се засукаат ракавите, да се жртвува слободното време, да се намалат удобствата на политичарите за да се зголемат удобствата на граѓаните.
Потребна е нова визија, во која промената треба да биде основниот двигател. Не оди веќе вака. Секој од нас треба да се запраша дали имаме уште 30 години за тапкање во место? Дали сакаме нашите деца да ги трпат искушенијата кои ние ги трпевме? Затоа промената треба да започне од секој од нас, така ќе ја промениме и сегашноста, и ќе обезбедиме подобра иднина. Ви гарантирам. Драги пријатели, бидете промената која сакате да ја остварите.
А, каква ќе биде годината што следува? Ќе има победа над црнилата. Искрата е веќе запалена. А сите заедно ќе ја донесеме зората. Силно ќе светне ден. Ова ќе биде година на одлуки, но и година на промени. Среќата е можна и таа ќе дојде. Свитканата кичма не е нашиот ген, ние исправени ќе се соочиме со предизвиците и ќе победиме. Нова генерација, која ќе донесе нов импулс, ново време и заедничка среќа.
Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците и сите останати, имаме исти проблеми, но и заеднички сон за подобра иднина. Македонија ќе оди во Европа, но европеизацијата мора да тргне преку однесувањето и промената на принципите дома и веднаш. Македонија ќе биде економски успешна, затоа што народот е домаќински, работлив, вреден, и народот ќе се избори за убаво и светло секојдневие.
Што посакувам? Успеси! Се разбира. Посакувам Македонија да успее! Посакувам новата година да ви биде бериќетна, со добро здравје и семејна среќа. Посакувам исполнување на желбите и бидете свои, единствени, со крената глава.
Нека изгрее зората која ќе донесе ново утро, нова надеж и подобри времиња за сите граѓани на Македонија!“ се наведува во честитката на Мицкоски
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсени возачи од Скопје и Куманово, возеле без возачка, одземени им се возилата
Полицијата уапси двајца возачи од Скопје и Куманово, возеле без положен возачки испит, одземени им се возилата.
Попладнево во 12:40 часот на патот Куманово-с. Липково, полициски службеници го лишија од слобода Ш.А.(31) од Куманово. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „голф“ со кумановски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. Ш.А. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
На 03.02.2026 во 13:00 часот на улица „Јустинијан први“ во Скопје, полициски службеници го лишија од слобода И.Џ.(20) од Скопје. При сообраќајна контрола, полициските службеници сопреле патничко возило „опел“ со скопски регистарски ознаки, при што било констатирано дека возилото го управувал без положен возачки испит за управување на возило од Б категорија. И.Џ. е задржан во полициска станица, а возилото е одземено.
По документирање на случаите, ќе бидат поднесени соодветни пријави по член 297-а од КЗ.
Македонија
Партиите со осуда за нападот врз новинарот Видиновски
Политичките партии го осудија нападот врз новинарот Александар Видиновски.
„Ги осудуваме нападите врз новинарот Александар Видиновски, кои се последица на бугарскиот национализам и шовинизам. Нападот врз новинарот Видиновски е напад врз слободата на говор и врз медиумите, од страна на структури кои разгоруваат омраза, а се мотивирани од бугарскиот национализам. Сите напади како овој врз новинарот Видиновски го разјадуваат општеството и ја подгреваат омразата, и мора веднаш да престанат“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Осуда стигна и од ЛДП.
„Либерално-демократската партија (ЛДП) најостро го осудува однесувањето на онлајн насилниците со коментари исполнети со говор на омраза кон новинарот на Канал 5, Александар Видиновски. Ваквиот начин на изразување и на воспоставување дијалог не е воопшто соодветен за било кое демократско општество. Ја изразуваме нашата поддршка за Видиновски, бараме независното новинарство да остане независно од секакви влијанија и бараме брза реакција на институциите за расчистување на случајот“, велат од ЛДП.
Македонија
Македонија и ОАЕ потпишаа Меморандум за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Дубаи оствари билатерална средба со вицепремиерот и министер за надворешни работи на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Абдула бин Зајед Ал Нахјан, во чии рамки беше потпишан Меморандум за разбирање меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетите Арапски Емирати за размена на искуства во областа на развојот и модернизацијата на владата.

„Со Меморандумот се воспоставува институционална рамка за систематска соработка насочена кон унапредување на јавните политики, јакнење на административните капацитети, дигитална трансформација и примена на иновативни модели на управување“, соопштија од МНР.
Од таму додаваат дека потпишувањето на документот отвора нови можности за размена на знаења, експертиза и добри практики, како и за реализација на заеднички активности и проекти во области од заемен интерес, со цел зголемување на ефикасноста и квалитетот на владините услуги.
На средбата станало збор и за можноста за воспоставување директна авиолинија меѓу Скопје и Обединетите Арапски Емирати. Воедно бил направен сеопфатен преглед на билатералните односи, при што биле разгледани можностите за нивно натамошно продлабочување. Посебен акцент бил ставен на унапредувањето на политичката соработка, јакнењето на економските врски и интензивирањето на трговската размена меѓу двете земји.
Двете страни ја потврдиле заедничката определба за натамошно зајакнување на партнерските односи и развој на конкретни иницијативи кои ќе придонесат за одржлив економски раст, институционална ефикасност и продлабочена соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетите Арапски Емирати.

