Македонија
(Видео) Мицкоски: Со најдобрата програма досега ќе ѝ ставиме крај на оваа влада со изместени вредности
Во Македонија не се живее подобро, рече денеска на прес-конференција лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Тој истакна дека стануваме држава каде сиромаштијатa расте, стандардот опаѓа, а корупцијата е највисока во Европа.
„Владата залудно потроши 10 месеци од животот на сите граѓани. Не е само проблемот што не решаваат потешкотии, не носат нови проекти, не реализираат ветувања, туку суштината е што не работат апсолутно ништо. Имаме уназадување на стандардите во секое поле. Политичко, економско, социјално“, рече претседателот на опозициската партија. Мицкоски подвлече дека земјата се соочува деградиран политички и правен систем каде, како што кажа, упадите, кршењата и непочитувањатa стануваат пракса.
„СДСМ и Зоран Заев донесоа изместени вредности во политиката и секојдневното живеење. Најпрво го узурпираа собранието, ги прекршија сите можни процедури во собранието само за да го донесат неуставниот закон за јазици и откако на сила го изгласаа, а Претседателот Иванов се одлучи да го заштити Уставот тие тргнаа во офанзива да го напаѓаат дека го крши Уставот. И ова е еден доказ за изместените вредности“, рече тој.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ посочи дека станува збор за неуставен закон за јазици кој како со нож го дели ова општество.
„Држава во која народните избраници кои го изгласале законот за јазици полицијата ги чува од сопствениот народ. Дополнително дел од нив јавно си кажуваат дека седеле дома за да не провоцираат, значи, свесни се дека тоа што го направија е провокација и е далеку од здравиот разум“, рече Мицкоски. Како што истакна тој, во моментов имаме држава на премиер со концесии: „Имаме ситуација каде едниот коалиционен партнер му ја држи главата на Заев под вода и на него му снемува воздух. Човекот враќа долгови и тоа освен што е штетно за државата е трагично да се гледа. Како волјата за власт по секоја цена го корумпира човекот“.
Лидерот на опозициската партија во своето обраќање се задржа и на економските состојби во државата.
„Додека ова се случувам нема поголеми плати пензии. Коморите се жалат. Синдикатите се жалат, земјоделците се жалат. Младите забрзано се иселуваат дополнително разочарани од животов што дојде. Хаос владее насекаде. Нема ден да одмине без некој нов скандал. Народот оправдано е зачуден или подобро шокиран. Денес Македонија е киднапирана и срушена држава. Ги киднапираат и узурпираат институциите, законите, уставот, а главната одлика им е рушењето“, констатираше Мицкоски.
Во обраќањето тој истакна и некои од плановите што ги има ВМРО-ДПМНЕ во однос на тоа како може да се надмине ваквата ситуација.
„Ние спремаме најдобра програма досега, со тим домашни и странски експерти. Се екипираме. Се приклучуваат многу нови луѓе на дневна основа. Многу брзо ги обзнануваме и ќе ги обзнаниме советите во кој што ќе членуваат професори истакнати професионалци, академици. Ние работиме да му понудиме на народот алтернатива. Енергијата расте, бидејќи Македонија заслужува подобро“, рече Мицкоски.
Информираше и дека од утре продолжува со теренските посети.
„Природната средина на ВМРО-ДПМНЕ ќе биде теренот меѓу граѓаните. Ќе одам во град, во село, од куќа до куќа и ќе разговараме со народот. Гласот на народот мора да биде слушнат, ќе разговараме и понудиме решенија. Остануваме со народот во сите предизвици и заедно ќе дојдеме до излезот кој ќе значи оваа власт да си замине“, кажа претседатлот на ВМРО-ДПМНЕ во своето обраќање.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали во Брисел: Билатералните прашања не смеат да го кочат европскиот пат на земјата
Во рамките на официјалната посета на Брисел, Првиот заменик-претседател и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со европратеникот Матеј Тонин (EPP) во Европскиот парламент.
За време на средбата се дискутираше за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграции и за спроведувањето на клучните реформи, вклучувајќи го владеењето на правото, јавната администрација и правата на заедниците. Истакната е важноста билатералните прашања да не го попречуваат напредокот на земјата кон ЕУ.
Исто така, беше оценет постигнатиот напредок во Планот за раст и дигитализацијата на услугите, вклучително и проектот WiFi4WB и приклучувањето во SEPA, како и соработката со Претседателството на Кипар и европските партнери за решавање на предизвиците со транспортерите по воведувањето на Системот Entry/Exit.
Првиот заменик-претседател Сали повторно ја потврди посветеноста на Северна Македонија кон европскиот пат и подготвеноста за натамошно унапредување на секоја реформа со европските партнери.
Македонија
Во наредните денови дожд, на планините снег – температурите растат
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб ветер, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималните температури ќе се движат од -4 до 3 степени, додека максималните ќе достигнат од 6 до 11 степени.
Во Скопје се очекува променливо облачно време со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1 степен, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во наредните денови времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини и од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер, а во среда повремено засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Сиљановска-Давкова на Светскиот самит на лауреати: Во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи
Промената во светот бара промена во образованието, гледање на реалноста низ очите на новите генерации, рече претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во своето обраќање на Светскиот самит на лауреати, што денеска се одржува во Дубаи, во пресрет на Светскиот самит на владите.
На еминентниот собир, на којшто учествуваат околу 150 врвни научници, вклучувајќи Нобеловци и лидери на истражувачки институции од целиот свет, Сиљановска-Давкова посочи дека во време на подем на вештачката интелигенција, образованието повеќе не е еднонасочна улица на пренесување и помнење на факти и посочи на потребата фокусот на образованието да се префрли на критичко и креативно размислување.
„Вештачката интелигенција е дел од новиот модел на образование. Таа не може и не треба да биде забранета. Сепак, тоа треба да се регулира, бидејќи носи бројни ризици, меѓу коишто е зависноста“, рече претседателката.
Според неа, образованието мора да почне да се фокусира на менталната стабилност, емоционалната интелигенција и етичкото и моралното расудување, што ѝ недостасува на вештачката интелигенција.
„Ни треба глобален консензус дека вештачката интелигенција во образованието и во секојдневниот живот мора да биде транспарентна, фер и водена од човекот. Вештачката интелигенција мора да биде алатка, а не господар“, рече Сиљановска-Давкова.
Претседателката смета дека промена на парадигмата е потребна и во македонскиот образовен систем.
„Верувам дека во науката нема мали и големи држави, туку само мали и големи идеи. Имаме луѓе со одлични идеи. Имаме хемичари и физичари кои се меѓу првите 2% од најцитираните научници на глобално ниво. Имаме жени во STEM кои ги надминуваат регионалните и европските нивоа. Имаме талент и потенцијал, но не можеме да го направиме тоа сами. Ни треба вашата поддршка, идеи, а најважно од сè, вашиот совет. Македонската академија на науките и уметностите, нашите универзитети и факултети се отворени за соработка во истражувачки и развојни проекти од коишто сите би можеле да имаме корист“, рече претседателката на самитот.

