Македонија
(Видео) Мицкоски: Уставот нема да се менува, тоа ви ветувам, а за власта – ајде на референдум
„Пред искушение се наоѓаме денес кога треба народот да одлучува на референдум за или против договорот со Бугарија, за укинување или одобрување на националната асимилација. И тука сакам да отцртам повеќе јасни позиции на ВМРО-ДПМНЕ. Договорот за пријателство и соработка со Бугарија е изворот, темелот врз кој Бугарската држава ја гради својата ригидна и негаторска политика кон нашата Македонија. Впрочем не случајно кон овој договор се повикува и протоколот кој неодамна се усвои, како и членот 5 од преговарачката рамка“ порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на Првата годишна конференција на Унијата на Ветерани на ВМРО-ДПМНЕ што попладнево се одржа во демирхисарското село Смилево.
Мицкоски рече „сите оние кои прашуваат зошто преговарачката рамка не се спори, зошто францускиот предлог не се условно наречено не се збори наместо договорот, одговорот е дека најдобро е да се удри по корените на затруените дрво, а не по отровните плодови кои ќе се исушат ако го снема коренот. Истовременео почитувани пријатели мора да напоменеме дека во правото постојат и норми како се дефинира референдумското прашање кое мора да биде во надлежност на собранието, како што е законот за прогласување на Договорот за добрососедство, додека преговарачката рамка е условно наречено францускиот предлог е во надлежност на владата, што доколку и би била предмет на референдум таквиот предлог под изговорот кој го споменав на ненадлежност лесно ќе биде отфрлен“.
„Повторувам се што е во надлежност на Парламентот може Парламентот да го изгласа како референдумско прашање. И ова не го зборувам на памет. Долго време го испитувавме мислењето на народот, долго време правевме анкети изминативе недели. Што да направиме? Затоа што од договор може да се повлече само власт и влада, а опозиција може да организира Референдум и заедно со народот да го оспори тоа што ние го нарекуваме затруено дрво. Долго време меревме и можам денес со вас овде да споделам дека повеќе од 60% од Македонците и повеќе од 50% од нашите сограѓани се за Референдум и би излегле да гласаат на тој Референдум“ рече Мицкоски.
„Стојам пред вас по десети, петнаесети, дваесети пат, нека слушнат, Уставот нема да се менува. Без разлика каков ќе биде резултатот, иако јас верувам во мојот народ, иако јас верувам во моите сограѓани дека ќе излезат масовно и ќе гласаат за напуштање на овој асимилаторски договор. Ви велам најотворено и најискрено, нема менување на Преамбулата затоа што не го заслужиле тоа“ порача Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сали-Варнс: нагласена посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, оствари средба со Вршителката на должноста амбасадор на Соединетите Американски Држави, Никол Варнс.
На средбата беше истакната важноста на стратешкото партнерство меѓу земјата и Соединетите Американски Држави, како и континуираната американска поддршка за демократските и развојните процеси.
Соговорниците разговараа за клучната улога на регионалната стабилност како предуслов за мир и одржлив развој.
Сали ја нагласи посветеноста на Владата кон спроведување реформи во јавната администрација и во судскиот систем, оценувајќи ги овие чекори како суштински за зајакнување на владеењето на правото, зголемување на транспарентноста и подобрување на услугите за граѓаните.
Двете страни ја реафирмираа подготвеноста за понатамошно продлабочување на билатералната соработка.
Македонија
Нова градска плажа, се реконструираат спортските терени, кејот на Вардар добива нов лик, најави Ѓорѓиевски
Кејот на Вардар добива нов лик и нова градска плажа, отворена за сите генерации, објави на социјалните мрежи скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски.
Тој информира дека со засилено темпо течат работните активности за уредување на кејот на реката Вардар, простор каде секојдневно се рекреираат илјадници граѓани и кој претставува едно од најважните урбани јадра на Скопје.
„Кејот е меѓу моите клучни приоритети и уште од првите денови по преземањето на функцијата градоначалник, започнавме со темелно чистење, со што конечно Вардар повторно тече по своето природно и нормално корито.
Денес, кејот го уредуваме со јасна визија за функционален и жив јавен простор.
Се реконструираат спортските терени за фудбал, одбојка на песок и баскет, се поставува нова урбана опрема и се создаваат модерни фитнес-зони на отворено. Во рамки на овој проект опфатени се и спортските терени во Маџир Маало, кои целосно ќе се унапредат и ќе се вратат во служба на заедницата.
На ова место градиме и современа градска плажа – безбедно, уредено и достапно катче за одмор, рекреација и дружење, кое ќе внесе нова енергија и живот покрај реката и ќе го доближи Скопје до европските урбани стандарди.
Инвестирањето во спортот е инвестирање во здрави навики, здрави млади и силно општество.
Искрена благодарност до министерот за спорт, Борко Ристовски, за поддршката и партнерскиот пристап, кои овозможуваат ваквите проекти да се реализираат брзо, квалитетно и во интерес на граѓаните.
Ова, почитувани, е само почеток.
Нашата визија е да создадеме современи, уредени и достапни спортски терени во сите општини на Град Скопје“, напиша Ѓорѓиевски.
Најавува како што вели, рамномерен развој, еднакви можности и активен, здрав живот за секој скопјанец, без разлика каде живее.
Македонија
Утре променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, на планините снег, од следната недела заладување
Времето утре, променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните региони. На повисоките планини врнежите ќе бидат од дожд и снег. Ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 9, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремени врнежи од дожд, особено претпладне и кон крајот на денот. Ќе дува слаб до умерен северозападен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 7, а максималната ќе достигне до 12 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Времето утре ќе биде променливо облачно со слаб локален дожд. Долж Повардарието ќе дува умерен до засилен северен ветер. За време на викендот под влијание на влажна и нестабилна воздушна маса ќе има врнежи од дожд кои повремено наместа ќе бидат пообилни (над 30 l/m2). Локално ќе има услови за појава на краткотрајно невреме со пороен дожд, грмежи и силен ветер. Во почетокот на следната седмица ќе има заладување и врнежи кои претежно ќе бидат од снег.

