Македонија
(Видео) Мицкоски: Ќе дојде крај на овие политичари и на нивните мали мизерни политички кариери
„Македонскиот народ денеска е исправен можеби пред најголемиот егзистенцијален предизвик, а тоа е да се избори за себе и за својата Македонија. Дали тоа ќе го направиме? Да! Ќе се избориме сите заедно, затоа што ја чувствувам поддршката на народот каде и да одам низ Македонија. Во таа борба има многу предизвици, и од внатре и од надвор. Многумина ќе дојдат до вас, ќе ви ја стегнат раката и ќе ве погледаат во очи и ќе ви кажат се што сакате да слушнете. Но, внимавајте истите тие кои што ќе ви кажат се што сакате да слушнете, позади завесата се договараат со нивните стопани. Кои се нивните стопани? Сите тие кои што не сакаат овој народ да успее и оваа држава да успее“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски вечерва од Кичево.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ кога и да се случат изборите повторно ќе оствари историски резултат како тој што беше на локалните избори. И тогаш ќе дојде крајот на оваа ненародна власт, но и крај на нивните мали мизерни политички кариери.
„Македонија со ум се брани. Секој кој што мисли дека со сила може да ја одбрани Македонија, се лаже. Ние треба да бидеме најмалку двојно поумни од сите останати, со добра и јасна стратегија. Сите тие кои што заведуваа со силни говори и јака реторика дека овој град бил наш, Македонија до таму, таму ќе го правиме следниот Конгрес, завршија како уценети мали просечни бизнисмени“, појасни Мицкоски.
Додаде дека нема време за бизнисмени во политика.
„Денеска додека ова го зборувам, ние сме соочени пред историски епохален предизвик. Денеска Европа, светот прави стратегија како да го скрши ВМРО-ДПМНЕ и овие 44 да изгласаат предавнички уставни измени во Парламентот скроени по бугарски диктат“, укажа Мицкоски.
Повика на обединување околу ВМРО-ДПМНЕ.
„Мора да се обединиме, да застанеме околу заедничката цел, а тоа е огромна победа на следните избори, силни реформи и Македонија онаква каква што сите ние си ја сакаме, и децата дома да ни останат“, порача Мицкоски.
Тој укажа дека е потребна победа на ВМРО-ДПМНЕ и формирање на Влада без уцени.
„Денеска ВМРО-ДПМНЕ ја има честа да го брани и одбрани можеби еден од најмалубројните народи во Европа, тоа е македонскиот народ. И колку да ви кажуваат било какви романтични предлози и идеи дека ќе направиме вака и така, верувајте тие ве мамат“, нагласи Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Врнежи од слаб снег на неколку патни правци, патот кон село Герман е блокиран од паднато дрво
Од синоќа е воведена забрана за сообраќај на регионалниот пат Р2-233 Гостивар – село Чегране поточно во село Форино, поради излевање на реката Вардар. Сообраќајот се пренасочува од село Чајле кон село Старо Чајле према село Форино, извести АМСМ.
Патот кон село Герман е блокиран кај село Станча, од паднато дрво и не е прооден.
Сообраќајот на државните патишта се одвива по влажни коловози. Врнежи од слаб снег има во Крива Паланка – г.п Деве Баир, г.п Делчево, Страцин, и на Пониква, но во моментов не претставуваат пречка за одвивање на сообракајот.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, соопшти АМСМ.
Македонија
(Фото) Ѓорѓиевски: По две децении, Драчево повторно доби свое кино
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски преку социјалните мрежи извести дека по две децении, Драчево повторно доби свое кино.
„Особено ми е драго што иницијативата што ја започнавме пред завршувањето на мојот мандат како градоначалник на Кисела Вода, денес прерасна во реалност. Овој проект беше визија за враќање на културниот живот таму каде што му е местото, меѓу мојот народ. Од денес, таа визија живее“, вели градоначалникот.
„Киното ќе функционира во рамки на Домот на културата во Драчево, простор кој повторно ќе стане собиралиште на уметноста, емоцијата и заедничките доживувања.
Покрај Кисела Вода, сега и драчевчани ќе бидат дел од КИНОВЕРЗУМ и ќе имаат можност да уживаат во најновите филмски достигнувања и најголемите светски хитови, блиску до својот дом.
Филмското искуство повеќе нема да значи патување километри далеку, туку тука – дома. Културата повторно пулсира во Драчево“, додаде Ѓорѓиевски.
Македонија
Делови од Центар, Бутел и Карпош денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека поради зафати во електродистрибутивната мрежа, денеска без електрична енергија ќе останат:
· од 08:30 до 14:00 часот, корисниците од дел од улицата Христо Смирненски од бр. 19 до крајот на улицата кон булеварот Партизански Одреди, општина Центар;
· од 08:30 до 14:00 часот, Индустриските објекти на булеварот Босна и Херцеговина, (Фурна – Диме, поранешни магацини – Центро и поранешна фабрика ИГМ), општина Бутел;
· од 08:40 до 09:40 часот, корисниците од дел од улицата Козле, општина Карпош.

