Македонија
(Видео) Мојсовски: Спортистите добиваат услови за пензиско и здравствено осигурување
Нова мерка на СДСМ, спортистите добиваат услови за пензиско и здравствено осигурување и пензија, приход или плата, ја исправаме децениската неправда кон спортистите. Една од главните мерки во полето на спортот е да овозможиме грижа за спортските ветерани, истакна претседателот на Комисијата за спорт на СДСМ, Наумче Мојсовски, на денешната трибина Агенда спорт 20-24.
Како ракометар со 20 години ракометна и репрезентативна кариера, рече тој, немам еден ден стаж, а како мене има многу вакви примери.
Мојсовски додаде дека мерката ќе ги вклучи сите спортисти без разлика дали доаѓаат од колективен или индивидуален спорт.
На трибината се обрати и Андријана Будимир, членка на Комисијата за спорт на СДСМ и поранешна ракометарка. Таа кажа дека конечно имаме влада која има слух за рамноправноста на жените и вложува да се воспостави потребниот баланс.

„30 години сум во спортот, 20 години како играч, 10 како тренер и сум била сведок на неправда кон жените во спортот. Денес, конечно имаме Влада која има слух за рамноправноста на жените и вложува да се воспостави потребниот баланс. Огромна чест ми е да сум дел од Комисијата за спорт на СДСМ предводена од Мојсовски и ветувам дека посветено ќе работам на зајакнување на позицијата на жената во спортот и унапредување на спортот целокупно“, рече Будимир.
Таа додаде дека целта е да се воведат квоти во сите управни одбори и федерации за рамноправно учество на жени.
„Учеството на жените во федерациите ќе придонесе жените да го кажат своето искуство и да влијаат на целосно унапредување на спортот“, заклучи Будимир.
Претседателот на СДММ и директор на Агенција за млади и спорт, Дарко Каевски, кажа дека во 2017 година само 9 отсто млади практикувале спорт, а во 2019 процентот е зголемен над 27 отсто.

„Училишниот спорт се врати на прав пат. Имаме зголемен број на новитети, повеќе натпревари, повеќе клубови и тренери. Ги наградуваме најдобрите младински клубови како дополнителен стимул за младите. Млади спортски надежи е проект со кој младите надежни таленти ќе бидат детектирани. За Олимпските игри во 2020 во Токио добивме олимписка норма, тоа е доказ за успешноста на политиките за спорт, тоа е мотив да продолжиме по прав пат и интензивно да вложуваме во спортот“, заклучи Каевски.
Трибината Агенда спорт 20-24 е дел од серијалот на повеќе програмски трибини на СДСМ, консултации со стручната јавност, граѓаните и невладините организации.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сиљановска-Давкова: Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија
Без поцврста и поодлучна ЕУ, Балканот останува простор каде што надворешните сили ќе продолжат да ја тестираат својата моќ, порача претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на свеченото отворањето на Меѓународната конференција на Паневропската унија на Македонија, што се одржа во претседателскиот Кабинет во присуство на бројни дипломатски претставници и странски гости.
Говорејќи меѓу раскошните мозаици на Глигор Чемерски коишто сведочат за историски вкоренетиот македонски удел во европската култура и цивилизација, Сиљановска-Давкова истакна дека како што секое камче е неопходно за стабилноста на мозаикот, така и Западниот Балкан е неопходен дел од европската целина, без кој ЕУ останува ранлива во услови на геополитички предизвици, војни и хибридни закани.

Во обраќањето таа потсети на визијата на Рихард Куденхоф-Калерги за обединета Европа изградена врз вредности, како и на заложбите на Ото фон Хабсбург за надминување на поделбите и интеграција на народите од Централна, Источна и Југоисточна Европа.
Претседателката укажа дека денес постојат нови, политички бариери што ја држат земјата во состојба на продолжена неизвесност и покрај децениските реформи и направените тешки компромиси.

Според неа, македонските граѓани одамна ја покажале својата цврста определба за европската иднина и не им се потребни сожалувања и post-festum извинувања, туку навремени, ex-ante решенија за деблокада на евроинтеграцијата.
Таа повика на обновена политичка волја и лидерство што ќе го заокружи процесот на проширување.
На свеченото отворање на конференцијата се обратија: претседателот на Паневропската унија на Македонија, Андреј Лепавцов, претседателот на Меѓународната паневропска унија, Паво Баришиќ, австрискиот амбасадор, Мартин Памер и Штефан Хабек претставник од Паневропската унија на Австрија и Институтот на регионите на Европа.

Паневропската унија на Македонија е формирана 1993 година и се залага за промоција на европските вредности и меѓународно лобирање за интеграција на државата во Европската Унија.
Македонија
Перински: Македонија и Унгарија ги зајакнуваат врските во делот на регионалниот развој и ЕУ политиките
Министерот за локална самоуправа, Златко Перински, на покана на министерот за регионален развој и јавна администрација, Tibor Navracsics, оствари еднодневна работна посета на Унгарија, насочена кон продлабочување на билатералната соработка и зајакнување на партнерството меѓу двете држави.
Во фокусот на разговорите беше размената на искуства за поефикасно и целосно искористување на програмите на Европската Унија, како и поддршка на вклучувањето на Македонија во нови европски програми. За Министерството за локална самоуправа, оваа соработка има особено значење во насока на унапредување на регионалниот развој, пренесување на знаење со цел зајакнување на институционалните капацитети и пристапот до европски фондови.

Во рамки на посетата, министерот присуствуваше и на отворање на изложба во Центарот за дигитални искуства (CODE), каде што свое обраќање имаше министерот за култура и иновации на Унгарија. Центарот е формиран во рамки на програмата „Веспрем–Балатон 2023 – Европска престолнина на културата“ и има за цел да отвора нови можности за културна размена преку дигитални и интерактивни содржини.
Останатиот дел од агендата беше посветен на посети на неколку значајни локации во округот Веспрем, при што беа разменети мислења и искуства за локалниот и регионалниот развој, како и за актуелните општествени процеси. Во тој контекст беа допрени и теми поврзани за начините за зголемување на атрактивноста на регионите, како и мерките за поттикнување на општините кон поголема самоодржливост и ефикасно користење на сопствените развојни потенцијали.

Посетата претставува уште еден чекор кон продлабочување на меѓусебната соработка и размена на добри практики во области од заеднички интерес.
Македонија
Утре променливо облачно со сончеви периоди, наместа со услови за провејување на слаб снег
Утре променливо облачно со сончеви периоди. Наместа ќе има услови за провејување на слаб снег.Ќе дува умерен, a долж Повардарието повремено засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -1 до 6, а максималната ќе достигне од 4 до 12 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
За време на викендот ќе дува засилен ветер од северен правец, а утре ќе има услови за провејување на слаб снег.
Од недела следува период на стабилно време со високи дневни температури.

