Македонија
(Видео) Мухамед Зеќири чека три часа да почне рочиштето, сопругата ги донесе пасошите во судот

Три часа, генералниот секретар на Владата во оставка, Мухамед Зеќири, чека да почне рочиштето на кое судија на претходна постапка ќе треба да одлучи дали ќе му одреди мерка на претпазливост поради опасност од бегство, влијание на сведоци и повторување на делото. Обвинителката Катерина Коларевиќ стигна во судската зграда неколку минути откако Бисера Зеќири, сопруга на Мухамед Зеќири, дојде и му ги даде пасошите на адвокатот Александар Трајковски. Бисера двапати дојде до судската зграда, каде што претходно оставаше храна и вода за својот сопруг.
На прашањето што се случува зад вратите на Кривичниот суд, зошто се чека три часа, но и зошто ги зеде пасошите од сопругата на Зеќири, тој не одговори. Откако не повеќе од пет минути се задржа со неа, тој влезе без коментар во судската зграда.
Не е познато дали се чека да пристигне судијата на претходна постапка, кој треба да одлучува за одредување мерка на претпазливост.
Зеќири, за кого беше издадена наредба за приведување, дојде во судот пред да го најдат полицајците. Тој без коментар влезе во судската зграда, не кажа дали планирал бегство, ниту дали е виновен за делото за кое се гони.
Во меѓувреме, додека стигне наредбата за приведување, тој преку социјалните мрежи поднесе оставка до премиерот Димитар Ковачевски од функцијата генерален секретар на Владата.
Јавен обвинител донесе наредба за истрага, во која осомничени се Мухамед Зеќири и две други лица. Зеќири се гони бидејќи во периодот од април 2021 година до јануари 2022 година, со искористување на својата службена положба, без спроведување соодветна постапка за јавна набавка, склучил договор за консултантски услуги со правно лице, во што со умисла му помогнале осомничените хрватски државјани.
„Со преземените дејства осомничените за правното лице прибавиле значителна противправна имотна корист во вкупна вредност од 57.932.100,00 денари, а на штета на буџетот на Република Северна Македонија. Износ што бил поголем од 795.000 евра, односно од договорениот износ за вршење на консултантските услуги“, пишува во соопштението на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Зеќири е осомничен за злоупотреба на службената положба и овластувањето.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.