Македонија
Видеонадзор, траги и сознанија се собираат од обвинител за да се расчисти двојното убиство во Скопје

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска издаде повеќе наредби во насока на расчистување на синоќешниот вооружен инцидент во близина на Старата скопска чаршија, во кој беа убиени две лица, а едно беше повредено.
„По наредба на јавниот обвинител, ќе биде извршена обдукција на телото на починатите. Сите обезбедени и подигнати траги и материјални докази од самото место во угостителскиот објект во кој се случи настанот се предадени на вештачење. Обезбедени се снимки од видеонадзорот на самиот објект, на околните објекти, како и на системот ‘Безбеден град’, кои детаљно ќе бидат проверени. Јавниот обвинител издаде наредба да бидат извршени разговори со повреденото лице, со неколку други лица, кои биле присутни во угостителскиот објект за време на настанот, како и со други лица што би можеле да имаат некакви сознанија за инцидентот“, соопштија од Обвинителството.
Во текот на ноќта беше обезбедена уште една локација на патот кон Горно Оризари, каде што беше пронајдено опожарено возило „ауди“. По насоки на јавниот обвинител, денеска увидни екипи на МВР вршат детален увид и преглед на таа локација, а сите прибрани траги и докази исто така ќе бидат предмет на вештачење.
Истражните органи продолжуваат да преземаат интензивни дејства за проверка на сите околности и откривање на сторителите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Алиу најави модерна стоматологија: Никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа

Министерот за здравство, Азир Алиу, синоќа се обрати на отворањето на 10 конгрес на Македонското стоматолошко друштво, на тема „Иднината на совршеност во стоматологијата: уметност на науката, знаењето и вештините“.
– Јас не сум лекар, јас сум инженер, токму тоа ме научи здравството да го гледам како комплексен систем, со елементи кои мора да функционираат поврзано, со транспарентност, ред и доверба. Систем во кој нема место за импровизации и каде не се прифатливи компромисите на штета на пациентот. Во светот, стоматологијата оди напред со невидено темпо: вештачката интелигенција, роботиката, дигитализацијата и телемедицината целосно го менуваат начинот на кој му се служи на пациентот. Иднината е веќе тука и ние имаме обврска да бидеме дел од неа, порача Алиу.
Во своето обраќање, тој истакна дека за бидеме дел од таа иднина, мора да ги изградиме темелите врз професионализам, интегритет и одговорност. Според него, Конгресот е доказ дека нашите стоматолози имаат волја и капацитет да постават нови стандарди, да ја освојат и задржат довербата на граѓаните и да бидат активен дел од здравствената трансформација што се одвива во земјата.
„Како министер за здравство, сакам да истакнам дека нашиот пат е јасен, никаков компромис кога станува збор за квалитетот на здравствената грижа и довербата на граѓаните. Ќе ја поддржиме стоматологијата со политики кои ќе го стимулираат образованието, иновацијата и транспарентноста. Само така можеме да изградиме силен и правичен систем за сите, истакна Алиу.
Македонија
Отворена „Штипска пастрмајлијада“ – градот дише во знакот на традицијата, гастрономијата и музиката

Мирисот на традиционалната пастрмајлија и музичката програма, ќе го одбележат новото издание на манифестацијата „Штипска пастрмајлијада“, што почна денес.
Градот и годинава се очекува да биде собирно место за илјадници посетители од целата држава, кои доаѓаат да уживаат во гастрономските специјалитети и во забавната програма.
Стартот на новото издание на манифестацијата го означи џиновската пастрмајлија, која оваа година е рекордно голема. Николче Малинов кој традиционално ја пригoтвува џиновската пастрамајлија, претходно изјави дека за првпат ќе се употреби 17 килограми свинско месо, најмногу до сега споредбено со годините наназад.
На отворањето присуствуваше и потпретседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, кој нагласи дека ваквите настани се значајни за развојот на локалната економија.
„Навистина е чест да се биде денеска во Штип на отворањето на овој голем настан за кој живее овој град и целиот регион. Ова значи многу посетители и влез на неколку милиони евра директно во локалната економија, што е задвижување за целото стопанство и нешто што треба да биде поддржано“, изјави Николоски.
Тој додаде дека Владата продолжува да го поддржува Штип преку бројни капитални проекти – од изградба на брана на Отиња и урбанизација околу Кежовица, до подобрување на патната, водоводната и канализационата мрежа. Според него, покрај универзитетски и бизнис центар, Штип има потенцијал да стане и туристички центар во источниот дел на државата.
На шеталиштето се поставени 10-тина штандови со пастрмајлија. Утре, во склоп на манифестацијата, ќе настапи балканската мега ѕвезда Дино Мерлин, заедно со македонските ѕвезди Елена Ристеска и Владо Јаневски. Концертот со почеток од 20:00 часот, утре, ќе се одржи на градскиот стадион во Штип.
Македонија
Шест лица завршија во болница по труење со храна на семинар во Куманово, развиле температура до 41 степен, повраќање и дијареа

Шест лица завршија со симптоми на труење по семинар одржан на 11 септември во ресторан во Куманово, соопшти Центарот за јавно здравје – Куманово.
Од вкупно 36 учесници на обуката организирана од фирма, некои од нив почувствувале повраќање, дијареја, висока температура и до 41 степен, како и стомачни болки, по што двајца биле хоспитализирани, тројца примиле терапија во дневна болница, а едно лице се лекува во домашни услови.
По пријавите, извршен е инспекциски надзор, земени се мостри храна и брисеви за анализа. Одлучено е објектот да остане затворен сè до добивање негативни резултати.
Од ЦЈЗ порачуваат дека состојбата внимателно се следи и дека се преземени сите противепидемиски мерки.