Македонија
(Видео) Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите, рече Кузеска
„Економските политики на оваа Влада ја носат државата кон сиромаштија додека стандардотна граѓаните почнува забрзано да се влошува. Цените во Македонија неконтролирано продолжуваат да растат, основните производи за прехрана Владата не ги контролира и животот станува се поскап. За еден месец, за 629 денари се зголемиле минималните месечни трошоци на граѓаните во август во споредба со јули“, рече Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
„Граѓаните се жалат на се поскапиот живот а Мицкоски само „апелира“ до бизнисменните да ги намалат цените.
Кога беа во опозицијата беа гласни и ги критикуваа мерките на СДСМ со кои го штитевме стандардот на граѓаните, ги намалувавме цените и се боревме секојдневно со инфлацијата. Денес, во удобните фотелји во Владата мува не ги лази и целосно заборавија на народот.
Дополнително, додека потрошувачката кошничка расте, власта на Мицкоски ги скрати парите со ребалансот и владата не дава пари за поголема минимална плата. Не дава пари ниту за зголемување на платите во образованието но и во сите други сектори. Работниците се маргинализирани и заборавени, соочени со високи цени и замрзнати плати. Наместо да ги замрзне цените, Мицкоски ги замрзна платите.
Владите во регионот спроведуваат низа на мерки за да им помогнат на граѓаните. Владата на Србија спроведува акција „Подобри цени“ со поефтинување на над 700 производи. Црногорската владата исто така презема марки, ги ограничи маржите во трговијата на големо и мало за повеќе прехранбени и хигиенски производи. Нашите граѓани веќе одат за Врање да купуваат храна, а дома може да купат само моливи и тетратки по поевтина цена, мерка која е крајно задоцнета.
СДСМ бара Владата на Мицкоски да ги напушти погрешните економските политики и итно да изготви сет на мерки. Итно да ја ревидира сопствената економска политика која забрзано ги носи граѓаните кон сиромаштија.
Владата на СДСМ во изминатиот период реализираше голем број мерки за поддршка на стандардот на граѓаните и обезбедуваше пари кои значително им помогнаа на граѓаните.
Ако не ги прекине овие погрешни политики ДПМНЕ ќе доведе до сиромаштија, влошување на животниот стандард на граѓаните и зголемување на социјалните разлики“, изјави Богданка Кузеска – портпаролка на СДСМ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај
Од 15:00ч. ГП Евзони (Богородица) и ГП Ники (Меџитлија) се пуштени за сообраќај на сите видови возила, информираат од АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Ѓорѓиевски: Скопје – Европска престолнина на културата 2028
„Град Скопје денеска направи значаен чекор во насока на целосна и координирана подготовка за проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“. Со потпишувањето на Меморандумот за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, се воспоставува јасна институционална рамка за партнерска соработка и заедничко дејствување на сите нивоа на локалната самоупр“, соопштија од оваа институција.
Овој чин, како што нагласуваат од Град Скопје, означува нова фаза во процесот на реализација на проектот, во која обединетите институционални капацитети и ресурси ќе бидат ставени во служба на достоинствено, одржливо и успешно претставување на Скопје како европски културен центар во 2028 година.
„Скопје – Европски град на културата 2028! Денес беше потпишан Меморандум за соработка помеѓу Град Скопје и скопските општини, со што официјално и целосно се откочуваат сите процеси поврзани со подготовката и реализацијата на проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“.
Со овој значаен чин се воспоставува јасна и цврста рамка за координирана, одговорна и партнерска соработка на сите нивоа на локалната самоуправа.
Во периодот што следи, сите институционални капацитети, ресурси и човечки потенцијали ќе бидат обединети и ставени во служба на достоинствено, непречено и успешно спроведување на програмата „Скопје 2028“, во духот на европските вредности, културната разноликост и активното учество на граѓаните“, објави на социјалните мрежи градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
Потпишувањето на меморандумот, како што истакна, испраќа силна порака за заедништво, единство и институционална зрелост, како и јасна потврда дека Скопје е подготвено со одговорност и визија да ја понесе оваа значајна европска улога.
„Овој ден е повод за гордост за сите нас, за градот, за општините, за културниот сектор и за граѓаните.
Тој е доказ дека кога сме обединети околу заедничка цел и јасна визија, Скопје може да биде силен, отворен и достоинствен европски културен центар.
Со ова, проектот „Европска престолнина на културата – Скопје 2028“ влегува во нова, стабилна и динамична фаза на реализација, во која културата, уметноста и граѓаните се во срцето на идниот развој на нашиот град.
Најдоброто, доаѓа“, порача Ѓорѓиевски.
Македонија
Доживотен затвор за братоубиецот во Кавадарци: го убил бидејќи верувал дека сака да го преземе целиот имот
По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кавадарци, Основниот суд во Кавадарци изрече пресуда врз основа на признание на вина со која го огласи за виновен 43-годишниот С.И. за кривично дело – Убиство од член 123 став 2 точка 4 (од користољубие) и го осуди на казна доживотен затвор.
Обвинетиот на 27 јули годинава од користољубие го лишил од живот својот помлад брат Илија Иванов. На роденденот на жртвата, двајцата браќа започнале да се расправаат, бидејќи обвинетиот верувал дека неговиот брат сака да го преземе целиот имот. Поттикнат од чувства на гнев и омраза, тој со тапиот метален дел од тесла го удрил брат му по главата, а кога оштетениот паднал, уште два пати го удрил со теслата, нанесувајќи му моментални смртоносни повреди.
Потоа обвинетиот си заминал, а следниот ден се вратил во домот на оштетениот и телото го префрлил во бањата. Во следните неколку дена исто така се враќал за да го прикрие делото, ја бришел крвта од подот и од предметите, а телото го пренел во шупата, го затрупал во ров и врз него ставил шперплоча и други предмети.
Во периодот од 30 јули до 5 август кога било откриено телото, обвинетиот во повеќе наврати повлекувал пари со банкарската картичка на жртвата.
Обвинението беше поднесено на 28 октомври, а обвинетиот во целост го призна начинот на извршување на делото онака како што беше наведен во обвинителниот акт.
При изрекувањето на пресудата, Судот донесе Решение со кое на осудениот му ја продолжи претходно определената мерка притвор до почетокот на издржувањето на казната доживотен затвор, соопшти обвинителството.

