Македонија
(Видео) НАТО ќе ѝ испрати помош од 1,4 милион евра на Македонија за справување со коронавирусот
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, на прес-конференцијата со премиерот Зоран Заев во седиштето на НАТО рече дека бројките на новозаразени од коронавирусот растат во цела Европа, како и во Северна Македонија, и од тие причини НАТО продолжува со поддршката за земјата со нов ковид-пакет во медицинска и друга опрема вреден 1,4 милион евра.
На прес-конференцијата во рамките на официјалната посета на владина делегација на седиштето на НАТО во Брисел, во чиј состав се и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, премиерот Заев, рече дека посетата на седиштето на алијансата како негова прва официјална меѓународна посета на почетокот на вториот мандат ја потврдува посветеноста за активно учество и исполнување на обврските што произлегуваат од нашето членство во НАТО.
„Станавме полноправна членка на крајот на март 2020 година во исто време кога пандемијата на Ковид-19 почнуваше да се шири. И покрај пандемијата и последиците од неа, имавме многу топло добредојде како нова членка на НАТО и веднаш бевме сведоци на силната солидарност од нашите сојузници. Сојузниците на НАТО му обезбедија помош за нашиот здравствен сектор и за справување со последиците од Ковид-19. Ние сме многу благодарни за тоа и нашите граѓани сега уште повеќе ги спознаваат пошироките придобивки од нашето членство во НАТО“, рече премиерот Заев на прес-конференцијата во Брисел.
Во однос на регионот, Заев истакна дека Западен Балкан сè уште се соочува со разни предизвици и затоа, како што рече, постои потреба за негова јасна перспектива во НАТО и ЕУ бидејќи се покажа дека тоа е од суштинско значење за градење безбедна средина, која овозможува понатамошен просперитет.
„Западен Балкан не е изолиран остров. Тој е неразделно поврзан со западноевропските и трансатлантските вредности и Северна Македонија ќе продолжи да биде силен промотор на регионалната политичка и одбранбена соработка и дијалог преку структурирање на регионалните активности и иницијативи што ќе ги подобрат нашите одбранбени способности и ќе развијат интероперабилност како за заеднички интереси така и за наши индивидуални цели“, рече Заев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Се вршат разговори и се прибираат докази по трагедијата во Карпош, соопшти Обвинителството
Дежурен јавен обвинител од Основно јавно обвинителство Скопје извршил увид на локацијата во скопската општина Карпош, каде попладнево животот го загубија жена и малолетно дете по пад од зграда.
Од Обвинителството соопштија дека е наредена обдукција на телата, како и обезбедување и анализа на сите траги и материјални докази, со цел да се утврдат причините и околностите на настанот.
„Јавниот обвинител нареди обдукција на телата на починатите и прибирање траги и докази.
Се вршат разговори со повеќе лица кои би можеле да имаат сознанија за причините за настанот“, соопшти обвинителството.
Македонија
„Денес потфрли целиот наш систем“: се огласи братот на жената која заедно со ќерката паднаа од зграда во Карпош
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство – денес се случи убиство“.
Ова на социјалните мрежи го објави Александар Стојаноски, брат и вујко на починатите мајка и ќерка кои денеска починаа по пад од зграда во скопски Карпош.
Стојаноски во објавата се обрати во име на семејството, обвинувајќи дека институциите потфрлиле, посочувајќи дека жената пријавувала насилство, а институциите не реагирале.
„Иако ми е тешко, сакам да се обратам во име на моето семејство, денес се случи убиство
Денес потфрли МВР, Социјалните служби, денес потфрли целиот наш систем. После години на пријавувано семејно насилство, физичко и психичко насилство врз двете, закани, пријавувања, обид за убиство во сред државна институција, ги загубив внуката и сестрата.
Државата овозможи да згаснат млади животи, ве молам да не шпекулирате што се случило, никој нема да ми ги врати најмилите, но правдата ќе мора да се истера до крај и нема да запреме додека не се случи тоа!
Со оглед на тоа што и покрај сите пријави и случувања, институциите не постапија до сега, барам фокус од јавноста и медиумите за ова, нема да дозволиме да помине само како бројка, правдата мора да го стигне секој еден!
Сестра ми денес требала повторно да иде во социјално, за сите овие работи, а со внуката се слушнавме за Прочка, ми рече – вујче прости ми ако сум ти згрешила нешто … вујчино, прости ми ти, прости на овие неспособни институции, а јас вујче, нема никогаш да простам и да заборавам
Споделете, да не се заборави и изгуби низ нашиот систем“, пишува Стојаноски во објавата.
Македонија
Поради утрешната посета на Руте посебен режим на сообраќај во Скопје
Утре во официјална посета на Република Северна Македонија ќе престојува генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, соопшти МВР.
Поради посетата, Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе преземе мерки за воспоставување посебен режим на сообраќај во централното градско подрачје на Град Скопје.
СВР Скопје апелира до сите граѓани учесници во сообраќајот да ги почитуваат наредбите и насоките што ќе ги даваат полициските службеници, со цел безбедно и непречено одвивање на сообраќајот.

