Македонија
(Видео) Николова: Пратеници на ВМРО-ДПМНЕ бараат средства за изградба на веќе изградено училиште во Аеродром
„Се наоѓаме пред основното училиште ,,Димитар Македонски” во населба Лисиче од каде прашуваме: Дали има пилот во авионот на ВМРО-ДПМНЕ? Дури 14 пратеници од оваа партија се потпишале на амандман за Буџетот за 2023 година во кој бараат средства за изградба на веќе изградено училиште во Општина Аеродром. Основното училиште Димитар Македонски, за чија изградба пратениците од ВМРО-ДПМНЕ бараат 92,4 милиони денари, е изградено пред една година со средства од Влада предводена од СДСМ“, истакна на денешната прес-конференција Даниела Николова, пратеничка на СДСМ.
„Ова зад мене е училиштето кое е резултат на заложбата на Владата предводена од СДСМ и градоначалникот Златко Марин. Господа пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, знае ли потпретседателот на вашата партија Тимчо Муцунски, дека барате средства за изградба на училиштето кое тој свечено го пушти во употреба на 1 февруари оваа година?“, праша Николова.
Ова, како што рече, е уште една потврда за несериозниот однос кон граѓаните кој ВМРО-ДПМНЕ го практикува како опозиција во Собранието на Република Северна Македонија.
„Ова е уште еден доказ дека наместо да предлага амандмани со кои ќе излезат во пресрет на актуелните потреби на граѓаните, ВМРО-ДПМНЕ предлага изградба на училишта онаму каде што веќе една година учат ученици во новоизграден објект. Ова значи дека ниту еден од овие 14 потпишани пратеници не се обидел барем да го искомуницира Муцунски, а камо ли да излезе меѓу граѓаните на Аеродром и да праша за нивните актуелни потреби. Наместо конструктивна опозиција која треба да ја игра улогата на коректив на јавните политики на власта, ВМРО-ДПМНЕ веќе 5 години игра деструктивна улога на партија која е активен блокатор на прогресот во државата“, истакна Николова.
Нивните кадровски и програмски импровизации најдобро ги почувствуваа граѓаните на Скопје кои веќе година дена живеат во заробен град, додека Христијан Мицкоски и Данела Арсовска јавно се расправаат чии раце треба „да брцаат во медот“, додаде таа.
Им порача на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ сериозно да си ја сфатат улогата на опозиција во Собранието, а уште посериозно улогата на власт во општините со кои раководат.
Ваквиот неодговорен однос, како што рече, не проаѓа кај нашите сограѓани. „Ваквата купи-ден-помини политика на ВМРО-ДПМНЕ е одамна прочитана“, истакна Николова.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Делови од Аеродром и Шуто Оризари денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ке останат:
· од 09.00 до 11.00 часот корисниците, од булевар Јане Сандански бр. 30. (Општина Аеродром)
· од 09.00 до 11.00 часот дел од корисниците на ул. Индира Ганди. (Општина Шуто Оризари)
Македонија
Намалена видливост поради магла на Плетвар, Ѓавато и Пресека
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози, на некои повисоки места со остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП МакедонијаПат.
Намалена видливост до 100 метри поради магла има на планинскиот превој Плетвар, Ѓавато и Пресека, извести АМСМ.
Од 05:25 часот на патниот правец P1105 Удово-Валандово има излевање на Калковска Река на коловозот, се воведува забрана за сообракајот на тој патен правец и се пренасочува на патниот правец Р1401 село Марвинци-Валандово.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со повремен слаб дожд и ветер
Времето денеска ќе биде облачно со слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со повремен слаб дожд. Минималната температура ќе се спушти до 2, а максималната ќе достигне до 7 степени.
Времето во наредните денови
Денеска наместа ќе има услови за слаби врнежи од дожд и снег. Потоа во следните два дена времето ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Нови врнежи од дожд, а на планините снег се очекуваат од четврток.

